/ Прочитано:

1.929

Скептицизам за стартот на новиот ЗКП

Најавуваната револуција за кривично-правниот систем најверојатно ќе се одложи за уште две години. На комисија во Собранието веќе се разгледуваа причините за евентуалнато одложување на новиот ЗКП. Со ова се потврди стравот на експертите дека поради финансии од ноември нема да стартува примената на новиот ЗКП. Полицијата, обвинителството и Министерството за правда констатирале дека судскиот буџет е краток и бараат новиот ЗКП од ноември да важи само за обвинителите од Одделението за организиран криминал. За дел од експертите одложувањето значи  испраќање на лоша порака до Европа. 

Новиот ЗКП бара опремени судници (фото: Бранко Костески)

Постои можност евентуалното одложување да се толкува како застој на реформскиот процес во правосудството од страна на Европската унија. Повеќе од 12 месеци интензивно се работи на обуките, но дел од експертската јавност е сепак скептична. Освен знаење несомнено е дека се  потребни и материјалните услови.

Македонија последна во регионот, па и пошироко ќе стартува со новиот Закон за кривична постапка (ЗКП). Балканските земји неодамна ги завршија реформите во кривичната материја. Извештајот на Европската комисија (2011г.), укажува на неопходните обуки на судиите и обвинителите, како и прецизните  критериуми за вработување и унапредување.

Обуките за реформи во кривичното право, задоцнета реакција

Дел од експертите кои теоретски се занимаваат со Законот за кривична постапка сметаат дека блиско на македонскиот менталитет, работите се решаваат во последна минута. Проф. д-р Гордана Бужаровска (автор на Закон за кривичната постапка, Академик 2011) вели  дека и овој пат доцна сме се сетиле на обуките за реформи во кривичното право.

  • Ако навреме се започнеше со подготовката за примената на ЗКП (уште пред 2 години) сега ќе ги немаше оправдувањата дека обвинителството нема простор, кадар и финансиски средства. Блиско на македонскиот менталитет е работите да ги решава во последна минута. Токму тоа сега ни се случува. Убедена сум дека и ако ја одложиме примената за 5 години, ќе се „сетиме“ дека имаме обврски последното шестомесечје од четвртата година.

Во однос на условите за вработување и унапредување, според Бужаровска мора час поскоро да се преиспитаат условите од Законот за  судовите како во однос на избор на судиите, така и во однос на судиите-поротници.

  • Најголем проблем останува отсуството на критериуми за тоа кој може да биде член на Судскиот совет на РМ како тело што ги избира и ги разрешува судиите од сите инстанци. Построги критериуми има за судиите поротници, одошто за членовите на Судскиот совет на РМ. Верувам дека не постои поповолно решение за регрутирање партиски војници во Судскиот совет на РМ од ова што сега го имаме во Законот за судскиот совет на РМ.“ 

Државите од соседството се поумни од нас?

Одложувањето на стартот на измените за проф. д-р Бужаровска значи лоша порака до Европа. Хрватското искуство покажува дека не треба секогаш да се оценува капацитетот туку да се постигне максимумот со расположливите средства.

  • Само уште РМ има, така да се изразам „старински ЗКП„ во споредба со сите држави од нашето опкружување, па и пошироко. Постојано си го поставувам прашањето: Што се тие поумни од нас? Одговорот е јасен: не се поумни, но сфатиле дека реформата мора да ја имплементираат. Советниците од Хрватска јасно рекоа дека нивниот став пред примената на новиот ЗКП бил дека имаат закон што треба да се примени и не е време да се бараат маани во одредбите и да се ценат капацитетите. Тоа постапно ќе се остварува. Одлагањето на примената ќе прати лоша порака во Брисел –дека РМ не е сериозна со реформите. Од друга страна, идејата ЗКП да се применува само за делата од областа на организираниот криминалитет мислам дека не е прифатлива. Argumentum a contrario ако сме подготвени да го спроведеме ЗКП за најтешките дела, зошто тогаш би се чувствувале неподготвени тоа да го сториме со лесните кривични дела. Нема логика.

Сепак според професорката Гордана Бужаровска, имплементацијата на новиот ЗКП може да донесе проблеми иако и тие не се ненадминливи.

  • Проблеми може да се јават во смисла на главната улога на странките на главната расправа и нивната способност за директно и вкрстено испитување на сведоците, вештаците и другите учесници во постапката, бидејќи сослушувањето досега беше обврска на судот. Потешкотија за судијата ќе биде што нема да добива цело досие од истрага како што е тоа сега случај, ќе нема кај себе т.н. вербални докази, туку изјавите на сведоците за првпат ќе ги слушне на главната расправа.

Новина во ЗКП: Спогодба помеѓу обвинителот и обвинетиот

Новина во Законот за кривична постапка е и спогодбата меѓу обвинителот и обвинетиот. На овој начин обвинетиот ќе заштеди пари и време, а судовите ќе се растоварат од предмети. Спогодувањето треба да го намали применувањето на мерката притвор и да ја забрза казнената правда, вели Бужаровска.

  • Спогодувањето ќе може да се однесува на сите кривични дела, а договарањето може да се однесува само на видот и висината на кривичната санкција. Имотно-правното барање од оштетениот може да биде предмет на спогодување доколку одбраната се согласи со тоа. При определување на санкцијата што ќе се предложи до судот, странките и бранителот ќе мора да водат сметка за одредбите од Кривичниот законик во однос на ублажувањето на казната. Спогодувањето може да се спроведе уште во текот на истражната постапка, но и во стадиумот на контрола на обвинителниот акт, а најдоцна до првото рочиште на главната расправа.

Адвокатот Васил Георгиев смета дека за имплементацијата на новиот ЗКП неопходни се материјални средства.

  • Сè уште не е екипирано со технички средства судството за да се отпочне со работа по новиот ЗКП. Не сум сигурен дека имаме доволен број на оспособени судии. Сè што може да се констатира е тоа дека, судиите веќе го   обработуваат ЗКП, покажуваат интерес за едукацијата и познавање на новите измени, но  сметам дека, сè додека не се обезбедат материјалните услови, не можеме да зборуваме за спремност со отпочнување со работа.
Скептицизмот за старт на измените на ЗКП се оправда со оглед на тоа што новите одложување веќе се во собраниска процедура. Најавуваните 16 милиони евра сè уште не се обезбедени, а ниту обвинителите се комплетирани со кадар и материјални средства.

Автор: Паула Божиновски Објавено: 21.06.2012