/ Прочитано:

1.157

13 години Рамковен договор, што понатаму: Политичка волја и волја да живееме едни со други, а не едни покрај други

По повод 13 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор денеска беше организирана трибина на тема: „Втора декада Охридски Рамковен договор – потреба или обврска на патот кон евроинтеграција?“. Она што остана како генерален впечаток во врска со спроведувањето на целите на Рамковниот договор е дека правно и законодавно тој е имплементиран, но она кон што треба да се фокусираат политичките чинители во процесот е самата политичка волја и постоењето на искрен пристап во посветеноста кон Документот.

Искрен пристап и посветеност

На настанот што го организираше Секретаријатот за Рамковен договор присуствуваа министри и градоначалници од ДУИ, претставници на дипломатскиот кор, видни експерти, како и директни учесници во составувањето на Документот.

Она што остана како генерален впечаток во врска со реализацијата на Рамковниот договор е дека правно и законодавно тој е имплементиран, но она кон што треба да се фокусираат политичките чинители во процесот е самата политичка волја и постоењето на искрен пристап во посветеноста кон Документот, затоа што, како што се истакна на дебатата, различните гледишта на процесот заснован на Договорот предизвикува диверзитетно поимање и дисфункционалност на неговата примена.

Во таа насока, впечатлива беше дискусијата на Деканот на Правниот факултет во Скопје, професорот Борче Давитковски, за кого не е спорна самата имплементација на договорот од правен аспект, туку спорноста треба да се бара во искрената политичка волја. Според него, договорот како идеја за соживот е имплементиран преку уставните амандмани и е составен дел од законодавството. Ако повторно се зборува за имплементација, значи зборуваме за нешто што е веќе составен дел на законодавството и тоа пледира на непочитување на Уставот и законите, што е една од темелните вредности на правната држава.

„Затоа за Договорот треба политичка волја, како и волјата да живееме едни со други, а не едни покрај други“, нагласи Давитковски.

Рамковниот договор не е список на задачи

„Текстот на договорот од Охрид е комплетно вклучен во уставот и законите“, рече професорот Димитар Мирчев и надополни дека заради тој факт е излишно да се зборува за проширување и ревизии на Документот.
„Заборавете на ревизии и проширување на рамки. Имаме владина коалиција, имаме институции ако нешто треба ќе се стави во закон“, смета Мирчев.

Директниот учесник во подготвувањето на договорот, професорот Владо Поповски, истакна пак дека со потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор се подобриле условите на немнозинските етнички заедници во земјата. Тој подвлече дека Рамковниот договор не е список на задачи кои треба да се завршат во одреден временски период и затоа постои можност за негова функционална екстензија. Поповски е на мнение дека  договорот е документ кој се надополнува, потенцирајќи на фазите на спроведување на договорот и осврнувајќи примарно на, како што рече, првата фаза од Договорот.

Во првата фаза договорот постигна многу крупни резултати, потенцираше Поповски, додавајќи дека се направила една крупна инклузија на заедниците во институциите и системот што го верификуваат и самите податоци. Тој, сепак, упати и критика и предупредување за одредени состојби администрацијата, но сепак воедно смета дека со Договорот видно се подобриле состојбите на етничките заедници и затоа договорот го смета за функционален и ефективен.

„Се почесто се вработуваат членови на политички партии кои не се ни стручни за областа во која се вработени. Тоа значи дека се послушници на своите партии, а тоа е лошо за нашата држава“, изјави професорот Поповски.

Духот Каспер и Истерувачите на духови

Професорот Владо Бучковски на илустративен начин се осврна на „Духот“ на Рамковниот договор, притоа правејќи и  „холивудска“ алузија на различните перцепции на Договорот од страна на владејачките партии од двата етнички блока.

„Кога ДУИ збори за некаков добар дух, се добива впечаток дека збори за добриот дух Каспер, додека од другата страна од владејачката партијата на ВМРО ДПМНЕ глумат истерувачи на духови, што за нив секој дух е злобен и лош“, рече Бучковски.

Професорот и академик Абдулменаф Беџети, скептично истакна дека во последните три години гледа назадување во реализацијата на Рамковниот договор, бидејќи, како што рече, произведува само политички ефекти, а во Македонија  постои нефункционална демократија. Вината за таквите состојби тој ја гледа во владеачките партии.

На слична линија со академикот е и Насер Зибери, инаку учесник во подготовката на содржината на Договорот. Тој предупреди дека непочитувањето на Документот е негативно за целиот процес и затоа треба кон процесот да се пристапува со поголема свесност бидејќи за прашањата треба да се дебатира, а не да има заостанувања во неговата примена. Тој  напомна и дека Договорот бил резулат на дискриминацијата врз Албанците.

Различни перцепции: Придобивка и нужно зло

Муса Џафери како заменик-претседател на Владата надлежен за спроведување Рамковен договор, потенцираше дека договорот е од голема важност за Македонија и кон него треба да се пристапува со сериозност, но исто така, посочи и дека не може да се очекува напредок во проширувањето на неговата рамка ако, како што рече, девете страни гледаат поинаку на документот.

„Кога едната страна – албанската го гледа како придобивка, а македонската како нужно зло, не може да се очекува напредок“, рече Џафери.

САД, ОБСЕ, ЕУ: Има евидентни подобрувања и успеси

За ОБСЕ во врска со Договорот велат дека потребна е постојана ангажираност на сите инволвирани страни за да се одржи динамиката на овој клучен процес, а за присутниот дипломатскиот кор несоменено е дека се постигнати се големи успеси по потпишувањето на договорот и Македонија не е повеќе земјата која била пред 13 години.

„Сите можеме да ја погледнеме употребата на јазиците, локалните самоуправи, стапката на вработеност. Сето тоа е подобрено“, оцени амбасадорот Пол Волерс.

Американскиот амбасадор и претставничката на ЕУ, Петра Андерсон ги повикаа политичките фактори да продолжат работат на неговата успешна реализација со уште поголеми напори, додадавајќи дека сепак е многу направено во таа насока за што ја потенцираа и клучната димензија на Документот кој концидира со европските вредности како што е  духот на заедничката соработка и почитувањето на различностите како врвна европска вредност.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 13.08.2014