/ Прочитано:

2.503

24 571 ДЕН НА МИР – СОЈУЗИТЕ СО ВРЕДНОСТИ ГИ НАДВИШУВААТ СОЈУЗИТЕ ОД ИНТЕРЕС

Поранешните непријатели ги направија евроатлантските вредности сојузници. Во таа смисла, ова движење претставува најефикасен систем во модерната историја на човештвото, по опфат на различни земји и пространства кои меѓу себе живеат во мир. Голем дел од овие земји претходно биле жестоки непријатели. Многу често непријателствата резултирале со меѓусебни судири и војни кои предизвикувале огромни жртви.

akademik foto 1

доц. д-р Дарко Спасевски, Правен факултет „Јустинијан Први” – Скопје

Вредностите врз кои го градиме нашето општество се од иста важност како и темелите врз кои ги подигаме нашите куќи. Кога градиме општество кое почива врз цврсти и вистински вредности, ни најсилниот ветер не може да го заниша, а не пак да го оштети или да го помести.

Сведоци сме на време во кое, за жал, на тест се ставени вредностите кои се неспорни и кои неделиво им припаѓаат на западните цивилизациски придобивки.

Светот во којшто живееме денес ги предизвикува вредностите во кои веруваме. Вредностите во кои веруваме, за жал, гледаме дека се загрозени само во време на криза. Сега, кога кризата е на нашите врати, тоа е најзабележливо. Нашите вредности се под постојан притисок, од Далечна Азија преку Блискиот Исток и Северна Африка до Латинска Америка.

Припадноста кон западните цивилизациски вредности не се изразува само декларативно, туку потребно е поцврсто и посилно изразување преку придружување кон движење, односно кон систем што ги обединува тие вредности, а тоа е евроатлантското движење.

Евроатлантското движење не штити граници, или држави, или поединци, или политички елити, туку штити општоприфатени вредности кои се неделиви и иманентни за секој човек и кои се основа на западноевропските цивилизациски придобивки.

Северноатлантската алијанса е повеќе од институција. Таа претставува прогресивно светско движење, авангардно во времето на своето основање, најавторитетен заштитник на западните цивилизациски вредности во денешните светски односи. Основата на движењето е поставено во заштита на начелата на демократија, личните слободи и владеењето на правото.

Повикувајќи се на основачкиот акт на Организацијата на обединетите нации, во својата Преамбула, Северноатлантската алијанса станува нејзин промотор и бранител.  Северноатлантското движење се поистоветува со вредносните поставки на Обединетите нации.

Северноатлантското движење покрива 28 земји во кои живеат 906 000 000 луѓе. Територијално опфаќа огромен простор.

Од 4 април 1949 година до денес, земјите придружени во ова движење живеат 67  години, односно 808 месеци, односно 3 498 недели, односно 24 571 ден, во мир. Временска рамка која определува цел еден период без војна помеѓу земјите кои се инкорпорирани во ова движење. Во човечки години, тоа значи зрела и искусна личност.

Во продолжение една мала приказна: Ханс живее во Минхен. Има 67 години. Роден е на денот на  основањето на Северноатлантската алијанса. Се родил во мир. Завршил основно, средно и високо образование во мир. Се оженил во мир. Се вработил во мир. Навива за Бајерн во мир. Неговиот Бајерн во мир, понекогаш, многу ретко, се случува да изгуби, но најчесто е шампион. Ханс оди во пензија во мир. Денес живее со своите деца и внуци во мир. Наспроти тоа, секој од нас знае колку пати Мартин од Балканот во своите 67 години на живот помирисал барут.

Поранешните непријатели ги направија евроатлантските вредности сојузници. Во таа смисла, ова движење претставува најефикасен систем во модерната историја на човештвото, по опфат на различни земји и пространства кои меѓу себе живеат во мир. Голем дел од овие земји претходно биле жестоки непријатели. Многу често непријателствата резултирале со меѓусебни судири и војни кои предизвикувале огромни жртви. Дури и да ја изземеме Втората светска војна од историската вивисекција и да го изземеме подалечното минато, да земеме релативно краток временски период на анализа од два века, ќе видиме дека голем дел од земјите кои денес се инкорпорирани во северноатлантското движење во одреден дел од историското битисување биле непријатели меѓу себе. Ефикасноста во обезбедувањето на мирот и просперитетот преку геополитичката солидарност на северноатлантското движење е неприкосновена. Ниту една друга институција или движење не можат да му конкурираат на ова движење во поглед на ефикасноста за обезбедување на мирот и просперитетот на своите членки. Придружувањето на Република Македонија кон ова движење е најприродниот правец на движење за развој на нашето општество. Ова движење се заснова на пријателства и сојузништва.

Припадноста на Република Македонија кон сојуз кој ги промовира највисоките вредности е потврдена уште многу претходно. Времето во кое денес живееме, кога нашите вредности, т.е. вредностите на западната цивилизација на која се засноваат најголемите процеси како Европската Унија и НАТО, не е време во кое првпат се преиспитуваат тие вредности. Овие вредности, за жал, се постојано предизвикувани и понекогаш остро напаѓани. Втората светска војна е најостриот пример кога основните човекови права, а пред сè правото на живот беа загрозени. Тоа беше време во кое во поголем дел од Европа човековото достоинство ја имаше изгубено својата вредност. Човековото достоинство беше нападнато најжестоко. Во тоа време Македонците воопшто не помислуваа зад која страна да застанат. Без никаков сомнеж се зададоа во одбрана на изворните вредности на западната цивилизација, застанувајќи рамо до рамо со апологетите на западните вредности предводени од Соединетите Американски Држави, Франција, Велика Британија и другите сојузници. Во тоа време западните сојузници се бореа заедно со источните сојузници против нацистите. Тоа не беше сојуз кој создаваше непријатели и кој освојуваше територии, туку ги бранеше основните  цивилизациски вредности. И денес, Северноатлантската алијанса не е сојуз кој создава непријатели, кој освојува територии, кој покорува народи, туку е сојуз кој дејствува во самоодбрана и ги штити вредностите на кои се заснова модерниот свет.

Македонија географски и вредносно припаѓа во евроатлантскиот сојуз на вредности. Од тие причини сите напори на македонското општество треба да бидат определени во правец кон придружување кон евроатлантските вредности.