/ Прочитано:

15.649

ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН ПЕТРЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КИРМ

Новиот Закон за извршување нуди ефикасност, намалување на трошоците и заштита на најранливите категории

Новиот закон за извршување, кој се наоѓа во собраниска процедура, нуди квалитетни решенија и придобивки за сите учесници во извршувањето. Извршителите добиваат јасни и прецизни одредби за постапување, оневозможување на нелојалната конкуренција која влијаеше и на квалитетот на работата. Доверителите добиваат ефикасност. Сепак, Законот најмногу нуди решенија за физичките лица –должници, за заштита на најранливите категории..., вели претседателот на Комората на извршители на РМ (КИРМ) Зоран Петрески во интервјуто за Академик.

Zoran Petreski KIRMГ. Петрески, неодамна во Собранието на РМ беше предложен целосно нов Закон за извршување. Актуелниот закон, од 2005 година кога беше донесен до денес, не претрпел некои значајни промени. Можете ли да ни ја образложите потребата за носење нов закон?

Како што рековте и самите, постојниот закон е донесен во 2005 година во услови кога за прв пат се воведува постојниот систем на извршување во Република Македонија и во изминатите 10 години направени се неколку измени и дополнувања без значајно влијание на основниот текст на Законот. Во изминатите 10 години се случија многу промени на закони, се сменија условите за работа, имаме голем напредок во користењето на информатичките технологии и, секако, десетгодишното работење на извршителите покажа и голем број на недостатоци и аномалии, со што се појави потреба од донесување на нов закон кој е соодветен за новото време и новите услови за работа. Новиот закон се работеше изминатите 2 години и мислам дека нуди квалитетни решенија за сите учесници во извршувањето.

Кои се придобивките од реформите што се предлагаат со законското решение за граѓаните, за правните лица и за сите учесници во постапката пред извршител?

Новиот Закон за извршување носи придобивки за сите учесници во извршувањето. Извршителите добиваат јасни и прецизни одредби за постапување, оневозможување на нелојалната конкуренција која влијаеше и на квалитетот на работата. Доверителите добиваат ефикасност преку скратување на процедурите со продажбата на недвижностите, можност да ги наплатат своите побарувања пред да почнат да тужат, со што се намалуваат нивните трошоци и, конечно, тргнувајќи од фактот дека Законот за извршување и извршителите постојат заради оние субјекти и оние граѓани што не сакаат да ги исполнат своите обврски, а не заради оние што не можат да го сторат тоа или заради оние што од разни причини не знаеле дека имаат долг. Законот најмногу нуди решенија за физичките лица –должници, за заштита на најранливите категории. Нема да има блокада на сметки без предупредување. Законот нуди намалување на трошоците во извршувањето и, секако, вонсудската наплата која треба да биде ефикасен и евтин инструмент за наплата на побарувањата.

Една од новините што се предлага со законот, како што и споменавте, е воведувањето на вонсудската наплата на долгови од комунални услуги. Можете ли поконкретно да ни објасните за што станува збор?

Како извршители, во досегашната пракса се соочувавме со граѓани кои за првпат дознаваат за својот долг кога ќе го добијат налогот за извршување од извршителот и тоа за нив претставува шок. Воедно, истиот долг веќе е зголемен поради трошоците на постапката за тужење и каматите. Вонсудската наплата значи можност граѓаните да ги намират своите долгови во фазата кога тие не се оптоварени со трошоци кои честопати неколкукратно го надминуваа главното побарување. Имено, компаниите што нудат комунални услуги пред да почнат со постапка за тужење на сметките кои ги тужат пред нотар или пред суд, ќе треба да се обидат да ги наплатат преку извршител уште во таа рана фаза. Целата постапка пред извршителот би била со занемарливи трошоци кои нема да бидат на товар на граѓаните.

Ќе се согласите ли дека вонсудската наплата, онака како што е дефинирана во законското решение, ги става во привилегирана положба јавните претпријатија наспроти сите други физички и правни лица?

Сметам дека не станува збор за привилегија туку за обврска. Инаку, земени се предвид само комуналните услуги бидејќи засегаат огромен број на граѓани, особено ранливите категории. Целта е да им се овозможи да ги сервисираат своите долгови пред да бидат тужени, со што во голема мера ќе се намалат тужбените барања и ќе се избегнат непотребните трошоци и на страна на доверителите и на страна на должниците.

Значајна новина во законот тоа што извршителот ќе треба задолжително да го повика должникот да го намири долгот во рок од 3 дена и истовремено да побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци. Дали очекувате со ова решение да се решат проблемите кои досега се јавуваа во практиката во однос на блокирањето на сметките?

Значи, оваа новина во Законот ќе важи само за физичките лица и, секако, претставува уште една привилегија за граѓаните во почетната фаза на извршувањето да дојдат кај извршителот и да ги достават податоците кои се бараат, со што ќе ги намалат трошоците на извршување кои крајно ќе бидат на нивни товар и воедно ќе бидат во можност да го платат долгот или да предложат средство за извршување кое е поповолно за нив. Ова решение се предлага пред сѐ поради реакциите на граѓаните дека им се блокира сметката без да бидат предупредени, а самото тоа им создава трошоци кои со ова ново решение би се избегнале.

Во Предлог-законот е скратен рокот за утврдување на вредноста на недвижностите од страна на проценителите од 15 на 8 дена и отстранета е можноста за трето јавно наддавање на недвижностите. Која е целта на измената?

Досегашната практика покажа дека постапката за извршување врз недвижности трае долго време, при што каматите течат и долгот се зголемува. Воедно постоењето на три продажби предизвикуваше идните купци да калкулираат и да очекуваат намалување на цената на недвижноста, што секако е неповолно и за самиот должник кој нема интерес да се намали цената на недвижноста, но и за самиот доверител кој очекува брзо спроведување на постапката и намирување на своите побарувања. Со новото решение се скратуваат роковите за проценка, се определуваат само две продажби и се дефинира дека цената на недвижноста може да се намали на втората продажба само за 1/3. Исто така, се дефинира дека првата продажба мора да биде јавно наддавање, со што секако се добива на транспарентност во продажбите. Учеството на адвокатите во овие постапки, исто така, ќе ги олесни процедурите, но исто така ќе влијае да се зголеми професионалноста на постапката.

Законското решение предвидува знаењето на извршителот да се проверува на секои 7 години од именувањето. Како ја оценувате оваа намера на законодавецот? Дали сметате дека има потреба од неа и дали со ова на еден се начин фрла сомнеж врз стручноста на извршителите? Што доколку некој извршител по 7 години не го положи испитот, дали тоа ќе ги стави под знак прашалник сите дејствија кои тој претходно ги презел во текот на својата работа?

Секако дека не. Професионалното работење на извршителите воопшто не е во прашање. Фактот дека секоја година добиваме околу 150.000 барања за извршување и притоа имаме помалку од 300 претставки, од кои поголемиот број се неосновани, се најголемиот доказ за професионалноста на извршителите. Дополнително, фактот дека секое наше дејствие може да биде оспорено со приговор до претседателот на судот, при што праксата покажа дека процентот на оспорени дејствија е занемарлив, исто така, зборува за нашата висока професионалност. Проверката на знаењето е европски концепт и таа треба да обезбеди континуирано учење и обуки на извршителите. Комората на извршители има забелешки на понуденото решение и ние во текот на постапката на донесување на Законот ќе се обидеме аргументирано да настапиме и да ги добиеме посакуваните решенија.

Новиот закон ќе предизвика потреба од целосна ревизија и усвојување на подзаконски акти, како и на нова тарифа за награда и надоместок за работата на извршителите. Дали е можно зголемување или намалување на наградите на извршителите?

Новиот закон за извршување нуди многу нови решенија, што бара прецизирање на подзаконските акти. Комората на извршители и Министерството за правда во изминатите месеци работеа на измени на подзаконските акти и некои од нив се веќе донесени од страна на министерот за правда. Останува да се прецизира уште помал дел од нив, како и тарифата во која секако е неопходно да се изврши прецизирање и да се доработи. Многу постапки со новиот закон стануваат бесплатни поради електронскиот пристап кој ќе им се овозможи на извршителите пристап до многу бази на податоци, а со самиот тој факт трошоците ќе бидат намалени. Наградата на извршителите и досега не била спорна. Таа се движи помеѓу 462 денари за предметите до 50 евра, 617 денари за предметите до 100 евра 925 денари за предметите до 300 евра и така натаму. Наградите воопшто не се тие што го оптоваруваат процесот на извршување бидејќи тие често се и демотивирачки.

>> НОВИНИ ВО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ: Вонсудска наплата на долгови, задолжително известување пред блокада…