/ Прочитано:

3.141

Обезбедување и користење на податоци од Катастарот преку веб страна

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески го промовираа новиот дистрибутивен систем на Агенцијата за катастар на недвижности, со кој за прв пат им се овозможува на сите граѓани и правни лица користење на податоците на Агенцијата, преку интернет.

akad 4,,Дистрибутивниот систем овозможува огромна палета на производи и податоци од катастарот кои до сега граѓаните и бизнис заедницата ги обезбедуваа на физичките шалтери на катастарот, а сега преку веб страната http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/ истите ќе бидат достапни во нивниот дом, односно во седиштето на компанијата“, рече Трпески.

Арсовска Томовска потенцираше дека корисниците на многу едноставен начин, во само три чекори, ќе можат да добијат имотен лист – од својот дом, од работното место, дури и кога се во движење.

,,Овој систем ќе може да го користат сите граѓани во и вон границите на Република Македонија, како и правни лица како што се: градежни и геодетски компании, јавни институции, општини, и Министерства. Податоците кои ќе бидат достапни на порталот се: Податоци од катастарот на недвижности; Геодетски податоци; Картографски податоци и Податоци од регистарот на просторни единици за целата територија на Република Македонија”, рече Арсовска Томовска.

Дел од понудените функционалности на порталот се онлајн плаќање за услугите, како и преземање на сите податоци и документи достапни во гео-порталот во дигитален, односно хартиен формат во зависност од потребите на корисниците.

Таа додаде дека предностите од  воведувањето на е-услугите се бројни, но сите се однесуваат на ефикасноста во испораката и квалитетот на добиените услуги. Клучен аспект е и задоволството на крајните корисници, намалувањето на можностите за грешка, реализација на голем број услуги во краток временски рок, намалување на редовите пред шалтерите, а со тоа и скратување на потребното време за добивање на услугата.

,,Министерството за информатичко општество и администрација е во фаза на проектирање на Национален портал кој ќе ги обедини сите е-услуги на едно место, обезбедувајќи при тоа  една точка за услуги за сите корисници. Со ова ќе се забрза реформата на администрацијата од една страна, а од друга страна ќе продолжи развојот на македонското општество по примерот на модерните европски и светски дигитални економии“, рече Арсовска Томовска.