/ Прочитано:

722

МВР: СЈО бара ангажирање на полициски службеници за физичка заштита

„Со оглед на високиот степен опасност по животот и личниот интегритет при вршењето на работните задачи во СЈО, од МВР е побаран одреден број полициски службеници како за ЈО Катица Јанева така и за нејзините соработници- обвинители...“

katica-janeva-novi-prostorii.jpgОд страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) денес до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за обезбедување полициски службеници кои ќе бидат ангажирани на физичко обезбедување на обвинителите при оваа институција, информираа од МВР.

„Имено, со оглед на високиот степен опасност по животот и личниот интегритет при вршењето  на работните задачи во СЈО, од МВР е побаран одреден број полициски службеници како за ЈО Катица Јанева така и за нејзините соработници- обвинители. Министерството за внатрешни работи ќе го разгледа барањето и благовремено ќе достави одговор до СЈО“,  се вели во соопштението на МВР.

Од Специјалното обвинителство не го коментираат вчерашниот говор на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, за кој дел од медиумите информираа дека бил причината за барањето за засилено обезбедување. Единствено, од таму потенцираат дека побарале зголемување на мерките на безбедност бидејќи „се сериозно загрижени“.

„Мислам дека после тоа, после оваа лекција која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“, рече  вчера Груевски.