/ Прочитано:

1.678

За „Ровер“ се чека на Јанева, за „Кампања“ затворската казна на Бошкоски истекува во јуни

Судењето за „Ровер“, каде четвртообвинет е Љубе Бошкоски повторно се одложи. Се чека известување дали предметот ќе биде преземен од Специјалното јавно обвинителство. Во меѓувреме, на Бошкоски во јуни му истекува петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“...

????????????????????????????????????Судењето за случајот „Ровер“, каде четвртообвинет е ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски  и денеска се одложи. Ново рочиште е закажано за 4 март.

Причината за одложувањето беше отсуството обвинетиот Гоце Митревски поради болест, за што, како што рече судијата Илија Трпков, од неговиот бранител била доставена уредна документација. Покрај ова, како што посочи судијата ,  Судот и обвинителството се уште не добиле и известување од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) дали предметот ќе биде преземен од оваа институција. На минатото рочиште Бошкоски  изјави дека поседува материјал аудио-снимка и транскрипт снимени на УСБ од кои се гледа дека случајот е монтиран. Тој материјалите ги предаде на својот адвокат за да се предадат на Специјалното обвинителство. Според бранителите, материјалите веќе се предадени на СЈО.

Инаку ова е трет пат како судењето за „Ровер“ почнува одново бидејќи Апелациониот суд Скопје два пати ја укинува првостепената пресуда поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.

Со пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски. Обвинетите се товарат за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во во Скопје, во јули 2001 година.

Бошкоски може да излезе од затвор во март

Во меѓувреме, на Бошкоски годинава му истекува петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“ во кој е осуден за за злоупот­ре­ба на службената положба и за незаконско финансирање на кампања.

Официјално тој од затвор треба да излезе на 6 јуни , но  казната може му да биде намалена за три месеци поради добро поведение и оттамy излезе во март. Директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејкоски, ја потврдува информацијата дека казната на Бошкоски му истекува во јуни, но посочува дека се’ уште е рано да се говори за предвремно ослободување.

Инаку, обвинетите во „Ровер“ се бранат од слобода, бидејќи во јули минатата година истекоа две години од покренување на обвинение, што значи дека и Бошкоски доколку излезе од затвор ќе се брани од слобода.