/ Прочитано:

4.413

ФЗО воведува електронски услуги за барање на боледување и породилно отсуство

Преку електронскиот систем осигуреникот или овластеното лице во компанијата ќе може во секое време да го следи статусот на барањето и во која фаза на решавање се наоѓа неговиот предмет

fzom_8.jpg

Фондот за здравствено осигурување информира дека воведува две нови екелтронски услуги кои ќе претставуваат олеснување за матичните лекари, фирмите и осигурениците.

„Со првата електронска услуга овозможуваме матичните лекари, користејки го порталот на Фондот, да може да издаваат предлог за комисиско продолжување на боледување (ПСР) и извештај за спреченост на работа (ИСР) за своите пациенти, по електронски пат и на тој начин да ги заменат досегашните хартиени обрасци“, се наведува во соопштението на Фондот.

Електронски пополнетите барања за предлог за комисиско продолжување на боледување и извештај за спреченост на работа ќе формираат електронска база на податоци во Фондот, која ќе им овозможи увид на лекарските комисии во оваа документација.

„Втората електронска услуга е електронското барање за надомест на плата по основ на боледување и породилни отсуства. Со оваа нова електронска услуга ќе дадеме привилегија и на осигурениците и на овластените лица од фирмите и ќе се замени класичното доаѓање во подрачните служби на Фондот. Останува овластеното лице од компанијата кое поднесува барање за боледување само да ја впише трансакциска сметка на вработениот. Сите останати документи ги имаме во електронската база на податоци на Фондот“, велат од ФЗО.

Со овие услуги, додаваат од Фондот, се затвора кругот на цел процес на електронско работење во делот на боледувања.

Преку електронскиот систем осигуреникот или овластеното лице во компанијата ќе може во секое време да го следи статусот на барањето и во која фаза на решавање се наоѓа неговиот предмет.

Од Фондот информираат дека во текот на 2015 година по основ на боледувања исплатил 25 илјади граѓани односно 2,5 милијарди денари.