/ Прочитано:

1.583

Адвокат Драган Гоџо за хашката пресуда: Судот ја оцени акцијата во Љуботен, како легитимна

Судскиот процес на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Со адвокатот на Бошковски, Драган Гоџо разговаравме за пресудата на трибуналот по овој предмет, дефинициите на одредени поими наведени во истата, нејзиното значење за македонското правосудство. 

Според ваше толкување на пресудата на трибуналот, дали е дефиниран конфликтот кој што се случи  во 2001 година во РМ, како одбраната го дефинираше во своите поднесоци?

За да биде трибуналот надлежен да постапува, потребно беше да се утврди постоење на воен конфликт (внатрешен или надворешен). Обвинителството во обвинителниот акт наведе дека во Македонија постоел воен конфликт сметано од месец јануари 2001 до септември 2001 година. Одбраната во приговорот на обвинителниот акт веднаш наведе дека во Македонија немало воен конфликт, туку борба со терористи која не ја зафатила цела територија, ниту пак учествувало цело население. Наведовме дека конфликт помеѓу Македонци и Албанци немало, туку дека имало судири меѓу терористи од една страна и македонски вооружени сили од друга.

Инаку конфликтни ситуации кои не се сметаат за воен конфликт се: побуни, насилни демонстрации, насилни штрајкови, насилни нереди, иако во сите нив може да биде употребена армиска или полициска сила за да се среди ситуацијата и државата да воспостави мир. Наведовме дека немало многу жртви, (околу 200 од двете страни). Нашиот приговор судот не го отфрли веднаш, но предизвика обвинителството да потроши време, ресурси и докази за да го докаже постоењето на воениот конфликт. По изведување на доказите со снимки, вештаци, воени експерти, набљудувачи и сведоци, судот утврди дека во Македонија имало вооружен конфликт и тоа внатрешен. Тоа беше некој вид претходно прашање. Својот став судот го базираше врз: употреба на големи воени сили, употреба на тенкови, употреба на авиони и хеликоптери, употреба на тешка артилерија / минофрлачи, постоење на две организирани воени структури со командна хиерархија, ознаки, униформи, бригади, етничко чистење на села, голем број раселени лица и фактот што многу македонски генерали напишаа книги на тема или со наслов  „Војната во Македонија“. Дефиницијата на конфликтот која ја утврди судот во пресудата е за потребите на судскиот спор, што не значи дека историчарите, политичарите или новинарите не можат да го дефинираат поинаку. Поинакви дефиниции можат да се очекуваат во зависност од која националност се гледа.

Дали ваквата дефиниција на конфликтот соодветствува со термините употребувани во сродното македонско законодавство, особено Законот за амнестија или автентичното толкување на Законот?

Дефиницијата која  ја даде судот нема за цел да биде во согласност со македонското законодавство, но во исто време не е ниту во спротивност со него. Дури и Законот за амнестија повеќе му помогна на обвинителството и на учесниците од албанска националност отколку на македонската страна.

Како е дефинирана ОНА во пресудата, како терористичка група, група бунтовници, оружена група, борци за слобода, армија или нешто друго?

Дефинирана е како организирана воена структура, со  централна команда, униформи, ознаки, логистика, бригади, команданти и др.

Кое е официјалното сфаќање на трибуналот за акцијата во Љуботен, акција со намера за пресметка со населението, акција за пресметка со оружена група, бунтовници или армија или нешто друго?

Судот генерално ја оцени акцијата како легитимна акција на македонската држава, со цел пронаоѓање  и лишување  од слобода на сторители на терористички чин поставување на мина кај Љуботенски бачила.

Дали сметате и зошто сметате дека оваа пресуда е важна за правосудството во Република Македонија?

Пресудата е значајна за македонското правосудство пред се од формална страна е пример како треба да изгледа една пресуда. Таа е прегледна и јасна. Иако има 300 страни, може веднаш да се оди  во оној дел кој ти треба. Покрај тоа, од образложението се гледа дека акцијата во Љуботен била легитимна  акција на македонските безбедносни сили, дека не е докажано постоење на Joint Criminal Enterprise  (JCE), што значи дека нема висок степен на кривична одговорност на повеке учесници, дека кривичната одговорност е лична, а не колективна или на државата (државна), дека за  3 убиства Јохан е ослободен од обвинение, обвинителството за нив не докажа со сигурност дека се заштитена категорија според конвенцијата (цивили или вооружени лица кои го положиле оружјето), во пресудата се гледа дека се применети највисоки стандарди на човекови права, на обвинет во постапка. Такви права кај нас нема и нема да ги има ниту со новиот ЗКП, ниту во догледно време.

Објавено: 16.07.2012
>> Предметот за хашкиот случај „Бошковски и Тарчуловски“ можете да го погледнете тука.