/ Прочитано:

5.785

АДВОКАТ НАТАЛИЈА РАДИВОЈЕВИЌ-МИЛЕНКОВА: Создавањето на Служба за заштита и контрола на животните мора да биде што поскоро регулирано

Создавањето на Служба за заштита и контрола на животните е најзначајното прашање кое мора да биде што поскоро регулирано за реално да се овозможи доследна примена на Законот за заштита и благосостојба на животните и другите позитивни прописи кои ја регулираат оваа материја, но и како ефикасна мерка за превенција на кривични дела врз луѓето. Ова го говорам од искуство бидејќи сум сведок на тоа дека извршителите на делата мачење на животни се секогаш и извршители на потешки кривични дела спрема луѓето и доколку се фатат и доколку одговараат за извршеното мачење на животни, од старт би се спречиле да не извршат потешки кривични дела, вели за Академик адвокатката Наталија Радивојевиќ-Миленкова, активен член и адвокат на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ и правен советник на повеќе други здруженија за заштита на животни.

akademik foto 1

Долги години работите како адвокат, но и како активист за заштита на правата на животните. Кои се вашите почетоци во адвокатурата и во активизмот за заштитата на правата на животните?

Моите почетоци во адвокатурата се некаде во 2002-2003 година, кога започнувам со волонтирање по завршување на студиите, а од почетокот на 2006 година, по полагањето на правосудниот испит, и активно работам како адвокат. Во однос на мојот активизам за заштита на животните, може да се каже дека своите корени ги има уште во моето детство. Сакам животни и секогаш сум се грижела за нив, но од 2009 година сум и активен член и адвокат на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, а некоја година подоцна и правен советник на повеќе други здруженија за заштита на животни на територија на РМ.

Која е точката на поврзување на адвокатурата и одбраната на правата на животните и колку познавањата од правото имаат улога во таквата борба?

Принципот на одбрана на чии било права, дали на луѓето или на животните, е секогаш ист. Точката на поврзување е секогаш вашата волја, односно дали сакате да го правите тоа, бидејќи кога сте обучени да ги штитите правата на граѓаните, вие сте обучени да ги штитите и правата на животните. Познавањето на правото односно познавањето на законите ги дава сите механизми на конкретна заштита на чии било права, а воедно ви овозможува и да креирате сопствени политики за нивно унапредување, да знаете како да изготвите законски текст и како да се изборите да биде изгласан. Велат дека најголема среќа во животот е да го работиш она што го сакаш. Јас мојата професија си ја ставив во служба на она што го сакам и на она што сакам да го остварам, па колку и да е напорно и колку и да исцрпува, уживам во тоа.

Би можеле ли да ни посочите некои примери од правните случи и битки кои сте ги воделе пред државните органи, а кои се однесувале на правата на животните?

Да. Ги има многу. Од попознатите за јавноста, на кои сега можам да се сетам, се: кривичната постапка против лицата кои крвнички мачеа жив волк врзан за хауба на возило, потоа, за ловџијата кој му го отсече опашот на своето куче на живо и сега најновиот случај во Росоман кога трудна кучка беше обесена на оградата на дворот на сторителот. Има многу кривични постапки за труења на животни, за пукање во нив и за други видови мачење и малтретирање, но уште поголем е бројот на претставки до Агенцијата за храна и ветеринарство за несоодветно постапување и чување на домашни животни, како и случаи на напуштање на миленик, како и претставки до Државниот инспекторат за шумарство и ловство за чување диви животни без соодветна дозвола и постапување со нив спротивно на Законот за ловство.

Познатиот индиски политички водач и адвокат Махатма Ганди вели дека големината на една нација и на нејзиниот морален прогрес може да се вреднува според начинот на кој се третираат животните.Според вас, колку македонското општество може да се смета за прогресивно во овој поглед?

За жал, не може да кажеме дека сме прогресивна држава во оваа смисла. Тоа се гледа по уште големиот број на свирепи изживувања врз животните. Но она што го заклучив за сите овие години е дека континуираната едукација што ја вршат здруженијата за заштита на животни, нивната гласност, одлучност и санкционирањето на секој оној што ќе ги повреди правата на животните, полека но сигурно придонесува за подигнување на свеста на граѓаните на РМ, но и на институциите. Ганди е дефинитивно во право кога го мери степенот на развој на една цивилизација од аспект на заштита на правата на животните бидејќи ако државата ги штити правата на животните на повисоко ниво, таа држава е дефинитивно многу чекори понапред во заштитата на правата на своите граѓани.

Кое e вашето мислење за создавањето на Служба за заштита и контрола на животните (Animal Police) во Македонија, односно за законското регулирање на оваа област?

Ова е дефинитивно најзначајното прашање кое мора да биде што поскоро регулирано за реално да се овозможи доследна примена на Законот за заштита и благосостојба на животните и другите позитивни прописи кои ја регулираат оваа материја, но и како ефикасна мерка за превенција на кривични дела врз луѓето. Ова го говорам од искуство бидејќи сум сведок на тоа дека извршителите на делата мачење на животни се секогаш и извршители на потешки кривични дела спрема луѓето и доколку се фатат и доколку одговараат за извршеното мачење на животни, од старт би се спречиле да не извршат потешки кривични дела.

akademik foto 1

Во пракса имаме вакви случаи: во едниот случај, човекот што беше пријавен во полиција дека намерно пука во куче со цел да го убие, по само неколку месеци изврши двократно убиство и самиот си го одзеде животот. Полицијата од една скопска населба, каде што го пријавивме случајот, да го сфатеше сериозно делото и да му го одземеше оружјето, можеби не би се случило потешкото кривично дело и можеби не би биле изгубени три човечки животи. Втор сличен случај е кога поведовме постапка против лице кое извршуваше дела на зоофилија и мачење на животни, па полицијата проверувајќи во својата казнена евиденција констатираше дека за него веќе постои упатен акт за извршување на казна затвор за друго потешко кривично дело. Сметам дека е битно да се истакне дека од страна на граѓаните на Р Македонија веќе е препознаена потребата од формирање на ваква Служба (популарно наречена Animal Police) и направена е петиција која го актуализира ова прашање. Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, од друга страна пак, уште пред 3 години има поднесено иницијатива за формирање на ваква Служба, но, за жал, наиде на игнорантски однос од страна на државата.

Дали со регулирањето на оваа законска материја може да се очекува доследна заштита на правата на животните?

Дефинитивно. На овој начин најефикасно би се заштитиле животните. Пред сè, би постоела служба која би била едуцирана да ги препознае сите дејствија на мачење на животни и која би знаелa како ефикасно да дејствува. Само за пример: ако е кучето врзано со синџир подолго од 3 часа, тоа е спротивно на природата на животното и на неговата дефиниција како свесно битие утврдена во закон, па во светот е препознаено како мачење на животно, а да не зборуваме за необезбедување на засолниште од атмосферски влијанија, ограничен пристап до храна и вода, што исто така е изложување на тегоби на животното и негово мачење, па некој треба да биде квалификуван и ваквите состојби да ги препознае. Исто така, треба да се биде обучен да се препознае и кога на животното не му се овозможува ветеринарна грижа од сопственикот, но и кога, во согласност со Законот за заштита и благосостојба на животните, со нив се постапува спротивно на самата природа на животното. Затоа и всушност здруженијата и граѓаните инсистираат на една ваква Служба, во која доколку би биле вклучени и активистите, дефинитивно би придонеле со своите знаења и вештини до успешно функционирање на еден ваков орган.

Кои се вашите сугестии како адвокат во врска со прашањата кои во оваа насока би требало да се регулираат законски?

Формирањето на еден ваков орган во суштина и не бара некои големи законски интервенции, ниту пак дополнителни буџетски средства. Повеќе е потребна волја од политичките субјекти. Според моето мислење, тоа би можело да се изведе на два начина: првиот и најдобар начин би бил во рамките на МВР да се формира посебна единица која би се занимавала со овие случаи, пред сè, затоа што според КЗ мачењето животни, фрлањето отрови (како предизвикување на општа опасност) и борбите со кучиња (комарот) се кривични дела што се гонат по службена должност и за кои веќе постои надлежност на полицијата како истражен орган. Исто така, полицијата е веќе обучена да ракува со оружје, па таа би била и поефикасна, особено во случаи каде што имаме извршители кои се екстремно агресивни или криминогени личности, како на пример во случаите на борби со кучиња, кои во Македонија се многу исплатлив бизнис, а вториот начин би бил во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како посебен орган во состав на Министерството или евентуално како посебен орган под Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамките на Секторот за благосостојба, кој би имал пошироки ингеренции од ветеринарните инспектори. Сепак, и да се прифати кој било облик, сметам дека мора да постои одредба со која ќе се обезбеди инклузивно дејствување со здруженијата за заштита на животни, при што ангажираните лица би минале низ посебна обука спроведена од овластени и специјализирани лица и институции по примерот на други земји од ЕУ.

foto akademik

Вклучување на непрофитни организации, т.е. здруженијата за заштита на животни би било повеќекратно корисно бидејќи невладините организации имаат искуства во работа со животни, заинтересирани се за инволвирање во тоа, а исто така добро го познаваат законот и се покажало дека само тие вршат истраги на случаи на насилство врз животните и го пријавуваат. Пример е здружението за заштита на животни „Анима мунди“ кое веќе со години ја има довербата на јавноста, прима повици од граѓаните за мачење, злоупотреба и убивање на животните во Р Македонија и реагира на нив со излегување на терен и со поднесување на пријави и бројни претставки до Агенција за храна и ветеринарство и до Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

М.В / veljanoskim@akademik.mk