/Прочитано:

2.817

Адвокати, судии, професори и обвинители ќе учествуваат и ќе говорат на научната расправа на темата „Легализација на канабис, да или не?“

На 12.12.2017 година со почеток во 12:00 часот, во салата на Наставно-научниот совет при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, ќе се одржи научна расправа на темата „Легализација на канабис, да или не?“. Научната расправа е во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари. Повеќе за настанот може да се погледне на следниот линк.

Научна расправа „Легализација на канабисот ДА или НЕ?“ на која во својство на предавачи учество ќе земат:
1. М-р адвокат Јанаки Митровски, магистер на правни науки, магистрирал на тема „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“, автор на повеќе научни трудови објавени во домашни научни и стручни списанија, основач на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ Скопје.
2. Судија Владимир Туфегџиќ, судија во Основен суд Скопје 1 – Скопје, бил судија во сите фази на првостепена постапка (истрага, претходна постапка во организиран криминал, судечки судија), поранешен долгогодишен адвокат.
3. Јавен обвинител Ленче Ристоска, јавен обвинител при СЈО, поранешен јавен обвинител при ОЈО Скопје, дипломирала на Академијата за судии и јавни обвинители со највисоки почести.
4. Проф. д-р Александра Деаноска, вонреден професор по Казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, основач на Здружението за млади кривичари, автор на повеќе трудови објавени во повеќе домашни и странски научни и стручни списанија.
5. Д-р Драгана Кипријановска, доктор на правни науки, основач на Здружението на млади кривичари, поранешен заменик-министер за надворешни работи, автор на повеќе трудови објавени во повеќе домашни и странски научни и стручни списанија.
6. Проф. д-р Никола Тупанчевски (поздравен говор), редовен професор по Казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, раководител на магистерски студии по Казнено право при Правниот факултет „Јустинијан Први“
-Основач и претседател на Здружение за млади кривичари, автор на повеќе трудови објавени во повеќе домашни и странски научни и стручни списанија

7. Модератор на настанот е Огнен Јанески.

Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје се залага за целосно декриминализирање на канабисот (под декриминализација се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки или нивна замена со некривични санкции во услови кога постојат меѓународно правни пречки за легализација) како во медицински така и во рекреативни цели и цврсто се залага за заштита и унапредување на животната средина како уставно загарантирано право на граѓаните.

Главната мисија, пак, на Здружението на млади кривичари е да им овозможи на сите заинтересирани членови да ги продлабочат своите знаења во истражувањето на проблематиката што е предмет на нивниот интерес, и тоа особено во однос на теми што претставуваат актуелен предизвик и што налагаат сериозна дискусија во однос на одделните прашања што го сочинуваат костурот на казненото материјално право.

М.В