/ Прочитано:

1.160

АДВОКАТИТЕ НАЈНЕЗАДОВОЛНИ ОД ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗКП: Неправичен третман и нефункционален систем на одбрана по службена должност

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави документот за јавни политики „Подобрување на заштитата на правата на обвинетите во Македонија“. Овој документ за јавна политики има за цел да понуди решение за унапредување на системот на задолжителна одбрана со бранител и бранител по службена должност за сиромашните во Република Македонија, во рамките на програмата „Балканска мрежа на владеење на правото (БМВП)“.

akad 7

Истражувањето на ефективноста на системот на правна заштита на обвинетите во петте земји во регионот беше спроведено во рамките на проектот „Подобрување на заштитата на правата на обвинетите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија“. Проектот беше спроведен од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Српска во соработка со партнерските организации од регионот со цел да придонесе за зајакнување на системот за правна заштита на обвинетите.

Препораките за политики од овој документ се однесуваат на неколку клучни теми што се предмет на истражување. Тие се: назначување на правни застапници по службена должност, исплата на правните застапници по службена должност и компетентност на правните застапници по службена должност. Документот, исто така, предлага подлабинско вклучување на Адвокатската комора во сите сегменти на системот со цел да го децентрализира и да обезбеди подобра експертиза, како и поефикасни постапки за заштита на луѓето што се изнесени пред суд.

Резултатите од извршената компаративна анализа на застапувањето во кривичната одбрана во петте земји од регионот, како и работата на членовите на експертските работни групи кои дискутираа за проблемите во функционирањето на одбраната, покажаа дека сите пет земји од регионот се соочуваат со сериозен предизвик при обезбедувањето на квалитет во пристапот до правдата на сите граѓани.

Реформите спроведени во Република Македонија доведоа до промена во системот на кривична правда, од т.н. мешовита кривична постапка со инквизаторни елементи до поакузаторен систем, каде што странките, повеќе отколку судот, ја имаат главната улога во предлагањето и изведувањето на доказите. Новиот Закон за кривична постапка ја зголемува улогата на јавниот обвинител во предистражната постапка и на обвинителот му дава контрола над полицијата во истрагата, а на одбраната ѝ дава право да земе активно учество во истрагата. Исто така, на странките им дава право на судењето вкрстено да ги испрашуваат сведоците, воведува можности за спогодба со цел да се забрза судската постапка.

„Новиот систем не ги задоволи сите учесници на постапката и понатаму остануваат премногу отворени прашања во целиот процес. Според анкетата, адвокатите на одбраната се најнезадоволни од примената на новиот Закон за кривичната постапка. Тие најмногу се жалат дека не се запознаени со доказните материјали и дека немаат пристап до списите практично до самиот крај на обвинителската истрага. Освен тоа, во одреден број скратени постапки, кои според новиот Закон претставуваат 70 % од сите случаи, тие не се детално запознаени со доказите на Обвинителството до самото судење. Во таа смисла, ситуацијата е слична со таа во другите балкански земји каде што новите правни решенија се солидни и во согласност со европските стандарди, но слабата точка на целиот реформски процес е нивната имплементација во пракса“, се посочува во истражувањето, во кое се додава дека Република Македонија главно ги задоволува меѓународните стандарди за заштита на човековите права во законодавството, но постои значително неспроведување на овие одредби во практиката.

„Ова создава ситуација во која се загрозени правата на обвинетите, како и целиот систем на одбрана по службена должност. Очигледната сложеност на ова прашање бара цел збир на мерки во политиките што треба да се извршат со цел да се подобри системот на одбрана по службена должност во Македонија. Мерките треба да ги покријат сите неопходни аспекти на системот и да ги пополнат празнините во постапката и во праксата. Најважното за лицата што го користат системот е да се почитува правото на правично судење во согласност со меѓународните стандарди, особено во согласност со оние зададени од Европскиот суд за човекови права“, се вели во документот.

Како што се вели во истражувањето, постојната пракса во Македонија е оптоварена со немање јасни правила за назначување на застапници по службена должност, нееднаков третман на застапниците, сериозен недостиг од капацитет и посветеност кај застапниците и сплет на практични решенија што се различни од еден суд до друг. Невоедначената пракса создава плодна почва за корупција и го разјадува целиот систем. Практичната последица е загрозување на правото на правично судење. Постојат многу малку случаи во кои се обезбедува правна поддршка за луѓе без финансиски средства, што јасно покажува дека луѓето не се информирани или запознаени со своите права. Овој факт го продлабочува јазот во општеството и ги става сиромашните во нееднаква положба пред законот.

Во документот се истакнува дека во Македонија постои недоволна ангажираност на адвокатите по службена должност, што е спротивна на правните прописи. Обвинетите воопшто и не се информираат за правото на бесплатна правна помош. Системот е целосно нефункционален кога станува збор за правните лекови. Во полицијата и во судовите нема единствен и унифициран систем во кој би се регистрирале законските застапници, а системот на правна помош за сиромашните е лошо регулиран.

Назначувањето на застапниците, вклучувајќи ги и листите и сите други компоненти, се посочува во Документот за јавни политики, треба да биде одговорност на Адвокатската комора. Критериумите за избор треба да бидат многу строго пропишани и почитувани. Неправичниот третман на адвокатите е загрозување на правото на правично судење.

„Системот што обезбедува правичен третман на адвокатите не е од важност само за адвокатите, туку и за правата на обвинетите. На обвинетите треба да им се даде можност да бидат застапувани пред судот од адвокати избрани по пат на фер постапка, а не врз основа на корупција. Корумпираниот систем води до пониско ниво на квалитет и сериозно загрозени права на лицата што се дел од судската постапка и го нарушува целокупниот систем на владеење на правото и заштитата на човековите права во земјата. Соработката на судовите е апсолутно неопходна за реформа во системот на назначување и судовите треба да бидат санкционирани во сите случаи кога не се придржуваат до листата на застапници по службена должност дадена од Комората.

Неоспорно право на сите луѓе е да го изберат најквалификуваниот застапник што би можел да ги претставува пред судот. Фактот што некој не е во положба (од различни причини) да плати адвокат не треба да значи дека квалитетот на услугата би бил понизок или нееднаков на оној добиен кога се плаќа за услугата. Комората треба да инсталира софтвер што би водел евиденција за адвокатите по службена должност, вклучувајќи го и бројот на случаи, нивниот успех и сите останати релевантни податоци. Системот би требало да обезбеди случаен избор при назначување на адвокатите. Точните податоци во софтверот даваат можност сите обвинети да имаат целосен увид во можните застапници по службена должност и слободно да изберат врз основа на јасна евиденција на резултати. Ова исто така подразбира неопходни промени во Законот за кривична постапка со цел да се исполнат стандардите од праксата на Европскиот совет за човекови права“, се вели во документот.

Адвокатската комора, се истакнува во истражувањето, треба да усвои правила и процедури што ќе ја уредуваат целата постапка и сите важни чекори, како и правата и обврските на застапниците. Застапниците треба да бидат соодветно платени за својата работа.

„Соодветен систем за надоместоци на застапниците е важен при остварувањето на правото на правично судење. Постојната пракса во Македонија не е конзистентна и резултира со недостиг на мотивација меѓу застапниците во прифаќањето на случаи на одбрана по службена должност. Исплатата може да се обезбеди на неколку пати во текот на постапката. Моменталната ситуација, која се карактеризира со задоцнети исплати и недоволни средства за оваа ставка, би можела сериозно да ги загрози правата на обвинетите и да влијае врз квалитетот на обезбедените услуги. Државата има обврска да обезбеди буџет за одбрана по службена должност, и ова не смее да зависи од финансиската состојба на судот, ниту пак да варира од едно место на друго. Обуките и подобрувањето на вештините на застапниците по службена должност се важен дел од реформата на севкупниот систем. Застапниците со недостиг на капацитети би можеле да им нанесат сериозна штета на обвинетите и значително да го загрозат битието на правата на обвинетиот. Нови закони и процедури, како и спроведување на најдобрите практики од Европскиот суд за човекови права, и имплементација на препораките на ЕУ го прават овој процес уште позначаен“, се потенцира во документот.

Исто така, се истакнува дека на адвокатите назначени од судот треба да им се исплати надоместок во согласност со адвокатската тарифа. Со оглед на недостигот на средства, се вели во документот, судовите им исплаќаат различни надоместоци, во зависност од сложеноста, од бројот на обвинети, итн. На адвокатите на одбраната им се исплаќа паушална сума, во зависност од судијата на случајот, од тежината на кривичното дело, како и од сложеноста.

„Оваа сума треба веднаш да се исплати, однапред, но во пракса на адвокатите надоместокот им се плаќа по завршувањето на кривичната постапка, најчесто со задоцнување од една година или повеќе“, се посочува во документот.

Од клучно значење за правичното судење е двете страни, и Обвинителството и одбраната, да се еднакво оспособени за процесот. За целиот систем на градење капацитети за адвокатите по службена должност треба да биде задолжена Адвокатската комора. Комората треба да ги организира обуките, како и другите форми на надградување, но исто така и да води евиденција за сите адвокати.

Истражување на ефективноста на системот на правна заштита на обвинетите

ОДБРАНА ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ: Неправичниот третман на адвокатите е загрозување на правото на правично судење

М.В