/ Прочитано:

2.133

Адвокатот Пешликоски спроведен на издржување на затворската казна за случајот „Агент“

Среда, 25 маррт 2015 – Адвокатот Владимир Пешликоски вчера беше спроведен на издржување на двегодишната казна затвор, на која беше осуден во случајот „Агент“. Наредбата од судијата за извршување санкции била издадена на петти овој месец, потврдуваат  од Основниот суд Скопје 1 .

Вчера СВР – Скопје постапувајќи по таа наредба го лишил од слобода Пешликоски, се наведува во билтенот на МВР.

Пешликоски и уште петмина обвинети, меѓу кои и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, беа осудени на затворски и на условни казни откако Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда.

Богоевски беше спроведен на издржување на двегодишната казна затвор во февруари оваа година.

Со правосилната пресуда обвинетиот Васко Томановиќ е осуден на казна затвор во траење од 3 години, додека Митја Валиќ исто така беше осуден на двегодишна казна затвор. Даниела Трајковска и Ален Јегени, кои се товареа за перење пари, беа осудени на условна казна од две години доколку во рок од 4 години не сторат кривично дело.

Тие се осудени за наводни малверзации околу продажбата на државно земјиште, плац со површина од 19.000 квадратни метри во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. На овој начин, според  Судот, тие ги сториле делата:  перење пари и други приноси од казниво дело, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување.