/ Прочитано:

1.613

АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Однесувањето на нотарите ја потврдува потребата од целосно преиспитување на системот на нотаријат во Македонија

Вторник, 22 септември 2015 – Адвокатската комора на РМ со остра реакција на отвореното писмо на Нотарската комора на РМ во кое се тврди  дека предлог-измените на Законот за нотаријат со кои се предвидува обврска за ангажирање адвокат при одредени постапки и склучување на акти пред нотар не се во согласност со правниот поредок, ја рушат независноста на нотаријатот и ја намалуваат правната сигурност. 

„Единствена околност која што заслужува коментар на Адвокатската комора на Република Македонија во последното јавно сопштение на Нотарската комора на Република Македонија дека во нотарските постапки треба субсидијарно да се применува Законот за парничната постапка. Тој закон во член 98 став 2 предвидува дека поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат.  Со овој став нотарите признаваат дека години наназад со директно кршење на овој закон, примиле милиони поднесоци без адвокатски печат“, се вели во реакцијата на АКРМ.

Од Адвокатската комора, останатите наводи на Нотарската комора  ги оценуваат како политички памфлет со кои неаргументирано се навлегува во владеењето на право и  противуставноста. Оттаму се децидни дека со измените на законот,  трошоците за граѓаните и за правните лица ќе останат исти, односно дека тие нема да се зголемат како што се наведува во писмото на нотарите.

„По којзнае кој пат јавните службеници-нотари  се обидуваат да искористат одредени политички состојби, да го опструираат донесувањето на Законот за нотаријат за да ја задржат монополската позиција која им овозможува енормна заработувачка. Се повикуваат на владеење на правото, а бараат да не се дозволи учество на адвокат заради заштита на интересите на граѓаните, иако тоа учество новиот закон предвидува да биде  платено од истите трошоци кои и досега нотарите ги наплаќаат така што ќе се поделат мегу адвокатот и нотарот. Токму тука е и исплашеноста на малата група македонски нотари, бидејќи милиони евра од  заработката на екслузивната фиксна  бројка од 187 нотари би ја поделиле со 2.400 македонски адвокати за вистинска правна сигурност на граѓаните која што ја обезбедуваат само адвокатите“, истакнуваат од АКРМ.

Од  Адвокатската комора реагираат и на наводите на Нотарската комора за конфузија на надлежности.

„Повикувањето на конфузија на надлежности се однесува токму на нотарите кои истовремено се и судии  (водат оставински постапки), и адвокати  изготвуваат договори именувајќи ги како нотарски акти.  Кога одлучиле да се повикуваат на споредби можеле да направат споредба и со последните случувања во соседна Србија кога и самиот обид да се воведе нотаријат како македонскиот, предизвика повеќемесечен штрајк на адвокатите, кој резултираше со единствено исправното решение – целосно повлекување на законските одредби – нотарите да изготвуваат договори, и оставање на нотарите таму каде што по својата суштина припаѓаат – да вршат  заверки на договорите изготвени од адвокатите. Или да извршат споредба со Хрватска, каде што обидот да се воведе модел на нотаријат како македонскиот, едноставно беше одбиен без никакво сериозно разгледување“, се наведува во реакцијата.

Според АКРМ, законското решение предвидува присуство на адвокат при склучување на договори во вредност од над 20.000 евра.

„Во борбата за задржување на ексклузивниот профит, е и дезинформацијата за присуството на адвокати затоа што се испушта фактот дека тоа го предвидува за вредност на договори над 20.000,00 евра, а не и за багателни договори како што поизлегува од соопштението“, посочуваат од АКРМ.

Од АКРМ  како дезинформација ги оценуваат и тврдењата дека нотарите не биле вклучени во изготвувањето на законот.

„Решенијата во законот беа усогласени и законот беше поддржан од двете комори – Нотарска и Адвокатска, но нотарите се предомислија кога се усвои решението  дека трошоците на граѓаните ќе останат исти, а постоечката награда на нотарот треба да се дели меѓу нотарот и адвокатот.  Ваквото однесување на нотарите во Македонија ја потврдува потребата од целосно преиспитување на системот на нотаријат во Република Македонија и негово ставање во улогата која му припаѓа,  а тоа е заверка на документите составувани од адвокати, и демонополизација на нотаријатот со целосна либерализација на бројот на нотарите и пристап во нотаријатот на секој што ги исполнува законските услови, идентично како што е овозможен пристап во адвокатурата“, се потцртува во реакцијата на АКРМ.

>> НОТАРСКАТА КОМОРА: Адвокатурата не смее, ниту може да биде господар на нашата слобода и независност  E. П.