/ Прочитано:

1.826

Адвокатски приправник иницира враќање на старото решение во ЗПП – адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатски приправник

Четврток, 22 мај 2014 – Адвокатски приправник од Струга бара враќање на старото решение во Законот за пранична постапка со кое, како што посочува, беше предвидено адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатскиот приправник кој е вработен кај него пред првостепен суд за спорови во вредност не поголема од 1.000.000,00 денари.

„Поднесов предлог иницијатива за измена на чл.86, ст.3 од ЗПП и враќање на законското решение како во стариот ЗПП од 2005 година каде беше предвидено адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатски приправник. Ваквата иницијатива ја поднесов до Адвокатска комора на Р.М. и до Адвокатската заедница на Струга. На одржаниот состанок од страна на Адвокатската заедница во Струга ваквата иницијатива беше разгледана и доби широка подршка“, вели за Академик, иницијаторот Глигорие Ќатоски.

Ќатоски се надева дека неговата иницијатива ќе наиде на поддршка кај академските и адвокатските заедници и Адвокатската комора и апелира истата да биде разгледана и расправана, а се со цел, како што истакнува, да се подобри квалитетот на  стручното усовршување на адвокатските приправници, кое се новите измени, не се подобрило туку се влошило.

Предлогот  за поведување иницијатива за промена на Законот за парнична постапка, ви ја пренесуваме во целост:

„Со стариот Законот за парнична постапка (Сл. Весник на Р.М. бр. 79/05) од 21.09.2005 година врз основа на чл. 86, ст.3 беше предвидено адвокатот да може да биде заменуван од страна на адвокатскиот приправник кој е вработен кај него пред првостепен суд за спорови во вредност не поголема од 1.000.000,00 денари.

Со важечкиот Закон за парнична постапка (Сл. Весник на Р.М. бр.7 ) од 20.01.2011 година чл. 86 од истиот закон претрпе измени меѓу кои измена на ст.3  кој вели дека адвокатот може да го заменува адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, кој има засновано работен однос кај него, и тоа само пред суд  од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, со согласност на странката.

Ваквата законска измена не придонесе до поквалитетно стручно усовршување на адвокатските припраници и зголемување на квалитетот на адвокатската професија, туку напротив на овој начин се деградира и маргинализира позицијата адвокатски приправник чија главна цел е стучно усовршување за полагање на правосудниот испит на идните адвокати и правници во Р. Македонија.

Се поставува прашањето како адвокатскиот приправник ќе се здобие со стручна спрема како иден адвокат, кога важечкиот Закон за парнична постапка не предвидува застапување пред суд за адвокатски приправници.

Како сегашен адвокатски приправник и иден адвокат верувам дека зборувам од името на сите адвокатски приправници во Р. Македонија. Токму поради тоа го доставувам овој предлог до Адвокатската комора на Р. Македонија како официјално тело – претставник на сите адвокатски приправници на територија на Р. Македонија со заедничка координација и заеднички сили да лобираме и издејствуваме промена на Законот за парнична постапка со чија измена ќе биде предвидено адвокатските приправници да може да го заменуваат адвокатот пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари“.

М.В / veljanoskim@akademik.com