/ Прочитано:

1.031

„АДВОКАТУРА НА МАРГИНИТЕ“ – Дебата за правдата во јавното здравство

Над 30 адвокати од различни земји денеска на Филозофскиот факултет во Скопје дебатираа за правдата во јавното здравство, во рамки на панел-дискусијата за програмите за ефективна правда и меѓународната средба на адвокати насловена како „Адвокатура на маргините“.

„Адвокатура на маргините“ е средба на адвокати и претставници на организации кои работат за социјална промена преку размена на мислења и искуства, на која дискутираат за најдобрите адвокатски практики во врска со заштитата на маргинализираните заедници и пристапот до правда на национално ниво.

„Ние веруваме дека законите се важна алатка која ќе придонесе за таа промена преку национално и меѓународно застапување“, истакнаа на денешната средба адвокатите кои работат на проблематиката на правдата во јавното здравство и заштитата на човековите права. Тие додаваат дека денес, ширум светот, повредите врз човековите права го загрозуваат јавно здравје.

„Насилството и полициското малтретирање, дискриминацијата, присилните медицински интервенции и одбивањето пристап до елементарни услуги, претставуваат закана по здравјето и добросостојбата на маргинализираните заедници. Решавањето на овие длабоко вкоренети неправди е од клучно значење за унапредување на здравјето“, нагласуваат адвокатите.

На денешниот настан присуствуваа адвокати од Канада, САД, Ирска, Македонија, Србија, Романија, Русија, Киргистан, Украина, Индија, Швајцарија, Кенија, Уганда, Танзанија, Мексико, Гватемала, Венецуела и Ел Салвадор, а свое обраќање имаа Тамара Езер од САД, Бренда Белак од Канада, Константин Кожокариу од Романија, Хајди Штерјова Симоновиќ и Наташа Бошкова од Македонија.

Тие, споделувајќи ги своите искуства како адвокати во нивните земји, посочија дека во Македонија маргинализираните заедници  се соочуваат со дискриминација и отсуство на пристап до правда, за што е потребен посилен ангажман и од страна на државните институции, но и иницијативи за конкретни законски предлози и измени во тој контекст.

Според адвокатката Хајди Штерјова Симоновиќ, во Македонија потребно е воспоставување на програми кои се поддржани од Владата и од државата, кои најсоодветно би одговориле на потребите и проблемите на луѓето од маргинализираните групи.

„Овие маргинализирани заедници потребно е да дојдат до правда и да се вклучат во правно застапување за подобрување на здравјето. Потребна е соодветна правна поддршка  во здравствениот систем, правно застапување за подобрување на здравјето и иницијативи за законски измени“, констатираа говорниците на средбата.

Понатаму, на овој настан беа презентирани неколку проекти преку кои им се помага на маргинализираните заедници – сексуални работници, луѓе што употребуваат дроги и трансродови луѓе. Воедно беше презентиран и новиот извештај „Правни програми за јавно здравство: Водич за добри практики“.

Прирачникот претставува сеопфатна алатка и за организациите и за донаторите кои се заинтересирани за адресирање на акутните потреби во јавното здравство, како и за сите оние кои сметаат дека пристапот до правда е од клучно значење во јавното здравство. Во него се дадени размислувањата, предизвиците и добрите практики произлезени од осумгодишната поддршка за пристап до правни програми во здравствен контекст.

Организатори на четвртата по ред средба Адвокати на маргините (Lawyering on the Margins), која првпат се одржува во Македонија се  Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Коалицијата „Сексуални и  здравствени права на маргинализираните заедници и  Програмата за јавно здравство на Фондациите „Отворено општество“ од Њујорк.

М.В

27.08.2015