/ Прочитано:

2.997

АДВОКАТУРАТА КАКО СИМБОЛ НА СОЖИВОТОТ: Тетовските адвокати Александар Симјаноски и Мерџан Даути градат иднина над предрасудите

Различноста е компаративна предност за Тетово. Кога младите се воспитуваат во таков манир и кога се има визија за она што навистина го сметаш за вредност и што го посакуваш како човек, тогаш не постои културолошка пречка тоа да се оствари. Амбицијата на младите луѓе, без разлика од која етничка припадност се, може да се оствари само кога се размислува космополитски и универзално, впрочем како што тоа и јасно се посочува како доблест во науката за правото. Каква е тогаш воопшто смислата на правото и на адвокатурата? – велат за Академик тетовските адвокати Александар Симјаноски и Мерџан Даути од Адвокатското друштво „Даути и Симјаноски“.

Адвокатска приказна што започна сосема искрено и спонтано

Адвокатската приказна на овие двајца млади адвокати во градот под Шара започнува, како што раскажуваат, сосема искрено.

И двајцата работеле во своите адвокатски канцеларии, но низ секојдневната соработка се зближиле и како колеги, но и како луѓе. Решиле да формираат адвокатско друштво и да одат кон, како што велат, повисоки цели.

Од искрени пријатели до искрени соработници

„Се познаваме одамна. Некаде во 2013 дојдовме до идејата да се споиме. Се знаевме лично и професионално подолг период и соработувавме одлично. Решивме да се споиме во адвокатско друштво. Тоа е прво и единствено адвокатско друштво во овој дел на земјата“, вели Александар Симјаноски за почетоците на работата на Адвокатското друштво „ Даути и Симјаноски“.

Адвокат Александар Симјаноски

Целата приказна за немање хармонија во Тетово е политички и помпезно надуена и злоупотребена

Неговиот колега, Мерџан Даути, истакнува дека соработката започнала сосема спонтано и дека единствено во Александар имал толку доверба и можел да се потпре на неговите зборови бидејќи многупати му помогнал како колега.

„Имав голема доверба во Александар. Во секојдневното работење имавме огромна заемна почит и беше природно и да создадеме нешто како резултат на заедничка замисла и соработка“, вели Даути.

Младите адвокати, Македонец и Албанец, истакнуваат дека се свесни дека се симбол за соживот бидејќи креираат позитивен впечаток што не може да се избегне, но нагласуваат дека за нив исто така е битно да упатат пример дека различностите секогаш се компаративна предност која треба да се користи во општествените релации, особено за  водењето на бизнисот и за создавањето на деловната клима.

Адвокат Мерџан Даути

Александар го викам постар брат

„Идејата за формирање на адвокатско друштво започна од мене. Си реков зошто да не ги искористиме заемната почит и довербата за заеднички цели. Тие се нашата предност. Отидов во канцеларијата на Александар и му реков: -Ајде да соработуваме. Ни А ни Б, тој  прифати и така започна нашата заедничка работа. И еве денеска сме буквално како браќа. Александар е постар од мене и јас го викам постариот брат“, вели Даути, додавајќи дека денеска се заедно од утро до вечер, а дружбата продолжува и преку нивните семејства.

„Јас, кога се договорив со Александар, отидов дома и им реков на моите:  -Слушајте, од денес имаме еден искрен куќен пријател. Тој е како мој постар брат“, се присетува Мерџан.

Заедно и за празник и за делник

Денес се постојано заедно. „И за празник и за делник“, велат.

„Одиме во Лешок, на пример, и јас немам проблем да влезам во манастирот. Ги знам сите икони. Со Александар зборувам за тоа. Ме интересира. Како да не дознавам за оној или за оние со кои сум секојдневно? Делиме исти денови и времиња“, вели Даути.

Човекот е човек, без разлика на вера и националност

„Човекот е човек, без разлика на вера. Таа е ирелевантна посебно за работата, А од работата се живее. Бизнисот и работата нè хранат нас, ги хранат нашите семејства. Кога се работи чесно и одговорно, со свој труд, нема тука простор за непримерни етнизации и за барање проблем каде што го нема. Би рекол дека е тоа измислица на политиката. Ние сме тргнале од максимата пријателски и братски да постигнеме нешто. Нашите семејства се зближени, се дружиме. Моите деца учат албански, децата на Мерџан учат македонски. Но, верувајте и дека целата приказна за немање хармонија во Тетово, на пример, е политички и помпезно надуена и злоупотребена. Во бизнис светот тоа не е така“, потенцира Симјаноски.

„Но, не е само до бизнисот. Не ни е целта само да заработиме, туку да станеме поголемо адвокатско друштво, препознатливо и надвор од границите, а за да се постигне тоа, не  треба да се промени само стилот и функционирањето на адвокатската фела, односно начинот на работење на еден адвокат, туку да се промени и свеста на кое било ниво. Можеби затоа примерот со нас е толку позитивен. Кога се започнува со соработка со својот сограѓанин, тоа секако ќе има влијание и на севкупната соработка во сите области, а тоа се однесува и на адвокатурата, се разбира“, вели Даути.

Дали  си адвокат во Штип, во Битола или во Тетово, нема драстични разлики

Александар и Мерџан велат дека начелно се задоволни од состојбите во адвокатурата. Посочуваат дека функционирањето на адвокатурата и на правосудството во Тетово е како секаде во Македонија.

„Дали си во Штип, во Битола или во Тетово, нема драстични разлики. Состојбата е таа. Единствено разликата е во пристапот кон работата на самиот адвокат. Тука е и неговата посветеност, амбициите, како ја замислува својата работа во иднина и на долг рок“, истакнува Даути, потенцирајќи дека тие како адвокатско друштво во таа насока одлучиле да бидат дел од тимот на „PraeLegal“, светска адвокатска асоцијација во која членуваат над 120 адвокатски друштва.

Според Симјановски, тетовската адвокатурата е на базично ниво. Тој нагласува дека општо многу важно за адвокатурата е да внесува деловни свежини во работењето.

За адвокатурата е од голема важност да се внесуваат новите трендови

„Нашите гледишта е да се внесат нови трендови. Да речеме нашата идеја е да се интернационализира нашето друштво и тоа е и целта заради која влеговме во „Праелегал“ (PraeLegal), друштво на 120 адвокатски друштва во светот. Во денешно време непобитно е внесувањето на корпоративен елемент доколку се говори за интернационализација“, вели Симјаноски.

Според него, македонските адвокати можат да им бидат конкуренти на светските адвокати, но како главен проблем го истакнува фактот што поради малиот македонски пазар не постои таква профилираност на глобалниот пазар што е економска судбина и на сите деловни македонски субјекти.

Не е проблем квалитетот, туку профилираноста и големината на пазарот

„Не гледам круцијална пречка да се бориме со светот во однос на едукацијата или познавањето на правото. Проблемот е што сме економски многу ситни во тој контекст. Имаше еден таков пример со градежните компании. Нашите важеа за квалитетни, но не може да водат голем проект зашто беа премногу ситни за светскиот пазар. Проблемот на адвокатурата е токму тоа, се следи истата економска судбина, а тоа е проблемот и со сите компании во сите области. Не е проблем квалитетот, туку профилираноста и големината на пазарот“, потенцира Симјаноски.

Светот се менува, неопходна е интернационализација

Даути додава дека нивните заложби се што повеќе да учат од странските искуства и дека од тие причини постојано ги следат трендовите во адвокатурата, за што му должат голема благодарност на г. Фахри Тога, сопственик на адвокатската фирма „Тога Окзус” од Истанбул, Турција и генералниот извршен директор на „Праелегал“ (PraeLegal).

„Мора да се внимава на тековното работење на адвокатурата. На една професија секогаш ѝ се потребни реформи затоа што и светот се менува, се глобализира“, вели Даути, укажувајќи дека кон адвокатурата во Македонија нужно мора да се гледа и од аспектот на осовременувањето на професијата, па и промена на некои прифатени стандарди и на регулативата кои не коинцидираат со заложбите во тој дел.

Адвокатските друштва да поднесат иницијатива за промена на регулативата 

Во таа насока и Симјаноски, кој воедно е и дисциплински судија во Дисциплинскиот суд на Адвокатската комора, истакнува дека е потребно да се променат и некои работи во однос на регулативата што ја уредува адвокатурата, особено оние работи што го регулираат рекламирањето на адвокатите или истакнувањето на клиентите на веб-страниците на адвокатските друштва кои работат и со странски компании.

„Ние сега мора да се држиме до тоа што е пропишано. И тука мора да се согласиме со ставот на Адвокатска комора затоа што таа мора да се повикува и доследно да го почитува она што е пропишано. Исто така се согласувам дека се потребни промени, но никој не треба да очекува иницирањето на промените да биде само од Комората. Тоа треба да го иницираат сите адвокати преку поднесување иницијативи, а посебно засегнатите адвокатски друштва“, подвлекува Симјаноски, додавајќи дека во денешно време, како што вели, корпоративниот момент за адвокатските друштва е од особено значење.

Промените во свеста и промените во филозофијата на работата да започнат од самите себе

„Тоа е многу важно ако нивната цел е да добијат замав на глобален план. И тоа е сосема јасно. Тоа нè засега и нас како друштво. И затоа и нагласувам дека се неопходни промени“, вели Симјаноски, согласувајќи се со својот колега и другар Мерџан Даути дека за промените секогаш треба да се тргне од себе бидејќи само на тој начин ќе се има позитивна културолошка и деловна рефлексија и успех.

 Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk 25.o2.2015