/ Прочитано:

1.318

Афера „Галеника“: Уапсен сопственикот на српската леарница „Јеремиќ“, каде се лееја скулптури за „Скопје 2014“

Недела, 19 мај 2013Миодраг Јеремиќ, сопственикот на српската леарница „Јеремиќ“ за мaкедонската јавност позната по тоа што го доби тендерот за леење на голем дел од скулптурите во рамки на проектот „Скопје 2014“ , е меѓу осуммината уапсени во вчерашната полициска акција за случајот  „Галеника“ открива „Политика.

Српскиот весник „Политика“ јави дека осомничените во 2009 и 2010 година со набавката на суровини за фармацевтската компанија, со купување и продажба на споменици и лекови ја оштетиле „Галеника“ за 12 милиони евра. Според „Политика“, „Галеника“, без да ја почитува процедурата, купила од Јеремиќ 12 споменици, чија цена ја надминувала реалната вредност и до 20 пати. Сопственикот на леарницата и неговите соработници заработиле 70 милиони динари, а „Галеника“ била оштетена за 200 милиони динари. 

Покрај Јеремиќ, уапсени се и генералниот директор на Галеника, сопственици на други фармацевтски компании, шпедитерски фирми, судски вештак и проценител.

Леарницата „Јеремиќ“ е присутна на пазарот во Македонија, откако успеа во рамките на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, на меѓународен тендер, во конкуренција со Италијанци и Хрвати, да добие голем дел од планираните проекти. 

Меѓу скулптурите кои се изработени во „Јеремиќ“ се: 28 споменици на мостот „Око“, Јане Сандански, Крсте Петков-Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Ѓорче Петров,  како и „Прометеј“.