/ Прочитано:

1.565

ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ: Опасната бактерија се бара кај месните индустрии – сите сме сомнителни, велат лекарите

После смртните случаи во земјава предизвикани од бактериското заболување Листериоза, од Агенцијата за храна најавуваат вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна со земање на примероци за анализа. Од таму за Академик велат дека контролите се насочени кон месните индустрии, посочувајќи дека според прописите примарната одговорност е нивна. Лекарите објаснуваат за какво заболување се работи и апелираат да се внимава со храната – потребна е поголема хигиена и внимателност при подготовка на храната, препорачуваат тие.

Вонредни инспекциски контроли – се испитуваат продуктите на месните индустрии

„Во рамки на законските надлежности, Агенцијата за храна и ветеринарство почна со вршење на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна производители и преработувачи на месо и млеко со земање на соодветен број на мостри за лабораториско испитување за утврдување на евентуално присуство на бактеријата листерија. Резултатите од лабараториските испитувања на земените мостри во рамки на вонредните контроли Агенцијата очекува да ги добие за 4 до 5 дена“, велат од Агенцијата, додавајќи контроли за испитување на евентуално присуство на оваа бактерија кај домашното производство се врши во рамки на годишната Програма за мониторинг на безбедноста на храната која се спроведува и оваа година.

 Од Агенцијата за храна велат дека минатата година, од страна на инспекторите земени се стотина мостри од прометот од производи од домашно производство.

 „Резултатите од испитувањата кај сите мостри биле негативни, односно во ниту еден испитан примерок не е констатирано присуство на оваа бактерија. Во рамки на задолжителните контроли при увоз, минатата година земени биле 4 илјади мостри за лабораториско испитување при што ниту во еден примерок не е утврдено присуство на бактеријата листерија“.

Според Законот за безбедност на храната, примарната одговорност за безбедноста на храната е кај операторите

Согласно Законот за безбедност на храна, примарната одговорност за безбедност на храната е кај операторите, посочуваат од Агенцијата.

Како што се прецизира во Законот, операторите во рамки на имплементираниот HACCP систем, имаат обврска секој месец да земаат одреден број на мостри (5 до 10 зависно од видот и обемот на операторот) и да извршат лабораториски испитувања, вклучително и на присуство на листерија.

„Ако операторот со храна смета или има причина да верува дека храната која е увезена, произведена, преработена, обработена или дистрибуирана, не е во согласност со барањата за безбедност на храна, мора да започне итна постапка за повлекување на храната од промет, а во случај кога храната ја поминала непосредната контрола на операторот со храна да ја информира Агенцијата за истото. Во случај кога производот стигнал до потрошувачот, операторот мора ефикасно и точно да ги информира потрошувачите за причината поради која се повлекува храната и, доколку е потребно, да ја повлече храната со која потрошувачите веќе се снабдени во случај кога другите мерки не се доволни за да се постигне висок степен на заштита на здравјето на луѓето“, се вели во член 33 од Законот за безбедност на храната.

„Операторите не се задолжени за добиените резултати од испитувањата да ја информираат Агенцијата за храна и ветеринарство, но, имаат обврска пред инспекциските служби да докажат дека ги презеле потребните мерки за отстранување на евентуалните недоследности“, нагласуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Сомнителни сме сите – но, болеста не се пренесува од човек на човек

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Звонко Миленковиќ, вели дека причинителот за заболувањето го има насекаде.

„Сомнителни сме сите. Причинителот го има насекаде, меѓутоа болеста може да ја добијат само оние кои се екстремни возрасти, бремени жени и имунокомпромитирани. Дури и внесена во организмот листеријата во вообичаени концентрации не може да даде никакви симптоми“, вeли Миленковиќ.

Болеста не се пренесува од човек на човек ако се исклучи опцијата од мајка на плод. Ако мајката во својот породилен канал е контаминирана при породувањето детето може да се инфицира, појаснува Миленковиќ, и додава дека внесена во поголеми количини бактеријата предизвикува болест.

Што е Листериоза?

Листериозата е бактериско заболување кое најчесто се појавува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, чадена риба итн. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени Целзиусови).

Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца кај кои може да предизвика сериозни компликации како сепса, воспаление на мозочна обвивка (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зголобови итн.

Поголемо внимание при подготовка и консумација на храна

Од Комисијата за заразни болести препорачуваат дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна. Неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер) и при повторна употреба да се загрее на температура од над 70 степени Целзиусови.

„Од граѓаните се бара да не консумираат сирова или недоволно термички обработена храна посебно месо, преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвена храна да се чуваат во фрижидер одделно во посебни заштитени садови со цел да се избегне можност за нејзино загадување. Подготвената храна да не се остава на собна температура подолго од еден час, а свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода пред јадење, сецкање или готвење“, велат од Министерството за здравство.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 22.07.2014