/ Прочитано:

1.281

АГОРА СЕСИЈА за владеењето на правото – за ефикасно справување со корупција потребен е закон за заштита на „свиркачи“

Петок, 30 октомври 2015 – Потребен е закон за заштита на пријавувачите на корупција, департизацијата на јавната администрација и волја за преземање на мерки за борба против корупцијата. Ова се заклучоците од Агора сесијата на тема „Застапувачки цели 2016: фокус на политики од владеење на право“. Агора сесијата се спроведува во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“, поддржан од Британската амбасада во Скопје, а спроведуван од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС).

agora start image

На сесијата учество зедоа повеќе експерти и претставници на граѓанските организации кои имаат искуство и знаење за процесот на креирање на политики од областа на владеење на правото. Сесијата беше поделена на три дела во чии рамки претставниците на граѓанските организации ги разменија своите мислења и идеи на темата.

Првиот дел од сесијата беше насочен кон борбата со корупција кај јавните институции како еден од најголемите предизвици со кои се соочува државата. Претставниците на граѓанските организации истакнаа дека недостигаат ефективни механизми за борба против корупција, а особено недостасува закон за заштита на свиркачи со кој граѓаните и особено службениците во јавните институции би биле заштитени доколку се решат да пријават корупција.

„Освен тоа недостасува и механизам преку кој службениците во јавните институции можат да пријават корупција. Институциите и ревизорските тела кои треба да се бават со спречување на корупција немаат успех, а причините за таквиот исход се лоцираат во повеќе сфери“, беше констатирано на сесијата.

Во таа насока, беше истакнато дека постои недостатокот на волја за преземање на мерки онаму каде што има индиции за корупција. Како втор фактор беа споменати малите буџети на институциите. На крај беше споменат и проблемот со немањето на ингеренции за преземање на посериозни мерки за справување со корупција кај некои институции.

Дел од претставниците на граѓанските организации посочија дека проблематична е и перцепцијата за корупција на граѓаните, односно „фактот што нискиот профил на корупција како давање подароци за завршена услуга најчесто не се смета за корупција“.

Вториот дел од сесијата се однесуваше на деполитизацијата, односно поспецифично департизацијата на јавната администрација. Во овој дел беше посочено дека главните проблеми на јавната администрација се партизираноста и големината. Претставниците на граѓанските организации се согласија дека намалувањето на јавната администрација е тежок процес, но исто така и процес кој задолжително мора да се изврши. Беа посочени повеќе модели за справување со овој проблем како мораториум на новите вработувања и преструктуирање на работните места.

Во третиот дел од сесијата дискусијата се однесуваше на изборите и изборната кампања.  За оваа тема претставниците на граѓанските организации истакнаа дека е важно да се инкорпорираат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, особено во однос на одделувањето на државата од партијата и исто така да се оневозможи вршењето на притисок врз вработените во јавните институции. Додатно беше посочено дека е потребна промена на законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се извршат промени во начинот на функционирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на начин на кој ќе се зголеми моќта на стручната служба.

Наодите, заклучоците и препораките од дискусијата ќе бидат искористени од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) за подготовка на синтетизирана препорака до носителите на одлуки, а специфично до Владата на Република Македонија и до одговорните министерства.

Агора сесијата се спроведува во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“, поддржан од Британската амбасада во Скопје, а спроведуван од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС).

М.В