/ Прочитано:

2.343

Електронската достава задоцни

Електронското сандаче не го замени поштарот во судовите. Електронската пошта не стигнува на електронските сандачиња на адвокатите. Судовите сè уште не се подготвени, чекаат на техничка опрема и на информатички систем, иако измените на Законот за парнична постапка стапија на сила уште во септември 2011 година.

Зошто е-mail на поднесок до суд?

Со измените на Законот за парничната постапка досега адвокатите требаше да примаат пошта и по електронски пат заради поголема ефикасност и ефективност,  но  се чини дека меиловите служат само за да ги  збогатат поднесоците.

Во член 98 од ЗПП став 4 стои дека поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локалната самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот (3) на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон. Исто така според  членот 126-а од истиот закон доставувањето по електронскиот пат се врши преку информатички систем на судот на адреса на примателот на доставата.

Иако електронската достава сè уште не функционира сепак задоцнувањето на нејзината примена ги разгори мислењата на адвокатите дека електронскиот начин на доставување на пошта никогаш нема да се  примени во пракса.

Адвокатски искуства со електронската достава

Во Прилеп не функционира електронската достава. Дискутирам со моите колеги на оваа тема и мислам дека навиката што ја имаме курир да ни ја носи поштата тешко ќе се искорени“, вели адвокатката Спасија Крстеска.

Се надевам дека Уставниот суд  ќе пресече, затоа и поднесов иницијатива. Не може никој сосила да го натерате да користи интернет и компјутер, со електронската достава ќе се направат поголеми проблеми и злоупотреби, вели Сашо Врбовски адвокат од Битола.

Доставата на пошта сè уште се врши на стариот начин. Искрено се сомневам дека некогаш по електронски пат судот ќе ми ја доставува поштата. Не ми е јасно каде ќе стои мојот потпис дека сум примила писмо, постои можност за злоупотреба, вели адвокатката Сузана Пековиќ.

Електронската пошта сè уште не може да функционира посебно во помалите градови бидејќи таму помал процент на адвокати користат интернет. Треба да биде избор, а не обврска доделена од законодавецот,  вели Катaрина Панова адвокатка од Скопје.

Електронските сандачиња завршија на Уставен

До Уставен суд стигна иницијатива за оценка на уставноста на електронската достава на писма и покани од судовите. Никаде не пишувало дека секој адвокат и граѓанин што води судски процес мора да поседува компјутер и да користи интернет, стои во иницијативата.

Седница на Уставен суд (фото: Војкан Миленковиќ)

Во обид за усогласување на македонското европското законодавство и поефискасна администрација веќе се отворија 60 000 електронски сандачиња во Централниот регистар за прием на електроснка пошта, што е законска обврска за сите државни органи, адвокати, нотари, извршители и медијатори.

Електронската пошта ќе патува во систем безбеден како електронското      банкарство

Засега од EDU SOFT (компанијата која го изработи постоечкиот АКМИС – електронски систем  во судовите) немаат  информации дали новиот систем е изработен, некој веќе го изработил или пак истата софтверска компанија ќе го креира системот.

Овој систем би бил  сличен на системите што функционираат во електронското банкарство, така што не постојат шанси за злоупотреба и малверзации, велат од EDU SOFT.

Македонија има шанса да биде прва во регионот

И во Словенија, земја – членка на ЕУ, доставата на судски документи до странките и адвокатите сè уште се врши по пошта.

„Во граѓанска постапка кај нас, со амандман од 2008 годна е предвидено задолжително доставување на судски документи и по е-пошта, но поради техничката неподготвеност на судовите оваа услуга се уште не функционира. Се чека и на Министерството за правда да ги прилагоди потребните извршни прописи. Очекуваме електронската достава да ги забрза и подобри судските постапки. Се надевам дека електронскиот начин на достава во судовите ќе почне да се применува од февруари 2012 година“, ни раскажува Матјаж Воглар, Заменик претседател на Окружниот суд во Љубљана.

Австралија отиде уште подалеку: Адвокат иницијатор за достава на документи преку Facebook

Две години откако австралиски адвокат направил збрка со праќање на документи преку Фејсбук, оттогаш  судовите во Нов Зеланд, Канада и Велика Британија  почнаа да се двоумат дали електронската пошта треба да се испраќа и преку Фејсбук.

Aвстралиските судови испраќањето на судски известувања преку Фејсбук го гледаат како сигурен и безбеден начин во приватната комуникација со странките. Дел од адвокатите во САД не ја исклучуваат можноста Фејсбук да служи како корисна алатка за примање пошта, пишува Блумберг.


Автор: Паула Божиновски Објавено: 21.06.2012