/ Прочитано:

809

Академијата за судии и јавни обвинители ги повикува адвокатите, судиите, јавните обвинители и професорите да бидат предавачи

Петок, 20 февруари 2015 – Академијата за судии и јавни обвинители повикува адвокати, судии, јавни обвинители и универзитетски професори да бидат предавачи на Академијата.

Од Академијата посочуваат дека  дека новиот  Законот за Академија е објавен  и истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „ Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува три месеци од денот на влегувањето во сила (20 мај 2015 година). Во известувањето на Академијата се наведува:

„Согласно Член 44 став 1 од Новиот Закон „ Предавачи на Академијата се домашни и странски судии и јавни обвинители, адвокати и универзитетски професори, кои се ангажираат во програмите за почетна и програмите за континуирана обука на Академијата, нотари, медијатори, извршители и раководни административни службеници“ . Сите заинтересирани наведени во  погоренаведената одредба  треба да го  исполнуваат и условот од одредбата од Новиот Законот,  содржана во Член 45 став 5 која  гласи „Предавачите задолжително треба да активно да познаваат еден од официјалните јазици на Европската унија, од кои задолжително англискиот јазик што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 – 4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат.

При постапката на пријавување, сите заинтересирани за  предавачи на Академија, Ги молиме, во однос на исполнувањето на условот за работното искуство  да ја земат во предвид одредбата од Член 45 став 1 од Новиот Закон дека „Предавачите на Академијата се определуваат од редот на судиите и јавните обвинители, адвокати или универзитетски професори со шест години работно искуство како судија или јавен обвинител“

Академијата, откако ќе ја состави  предлог листата на предавачи, истата  ја  доставува на Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, Врховниот суд на Република Македонија и Јавното обвинителство на Република Македонија,  кои своето мислење и одобрение го доставуваат во рок од 15 дена од приемот. Потоа, предлог-листата ќе биде доставена на разгледување до Програмскиот совет, кој дава мислење  и потоа истата се утврдува од страна  на Управниот одбор на Академијата.

За таа цел, ги повикуваме сите заинтересирани  од посочените институции за можни предавачи во Академијата, кои ги исполнуваат објективните услови предвидени во Новиот Законот за Академија да ги достават  своите пријави заедно со пополнетиот образец на пријава за предавачи на Академијата и со кратки биографии, во кои посебно треба да бидат наведени искуствата и достигнувањата на полето на едукација, најдоцна до 01.05 (мај) 2015 година, на следната адреса бул. „Јане Сандански“ бр. 12, по пошта, на факс: 02/2401-570 или е-маил info@jpacademy.gov.mk, а за сите дополнителни информации, контактирајте нé на тел. 02/2401-560 или на наведената веб страница.

Образецот на пријава за предавачи на Академијата можете да го преземете ТУКА Ве молиме, за поголема прегледност да го пополните образецот по електронски пат“