/ Прочитано:

1.899

Академијата за судии и јавни обвинители и Институтот во Сиракуза потпишаа Меморандум за соработка

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, г-ѓа Анета Арнаудовска, г. Тобијас Фримен, проектен менаџер и Филипо Муска, заменик директор, претставници на Институтот во Сиракуза денеска потпишаа Меморандум за соработка, кој се однесува на соработката во рамките на проектот „Зајакнување на борбата против незаконската трговија во Југоисточна Европа“.

Потпишувањето на Меморандумот, како што рече Арнаудовска, е резултат на заложбата на Академијата за воспоставување и одржување соработка со релевантни домашни институции, организации од невладиниот сектор, како и остварување соработка со меѓународни институции, заради постигнување дополнителни резултати и напредок во работењето на Академијата на полето на континуирана и почетна обука на македонското правосудство во насока на зголемување на професионалноста и компетентноста на судиите, јавните обвинители и претставници на релевантни институции во примена на националното законодавство и меѓународните стандарди.

Нашата визија, како што посочи, е оваа соработка да биде заснована врз цврсти партнерски односи на доверба и меѓусебно разбирање и да биде израз на заеднички изразената подготвеност за воспоставување на меѓусебната соработка која ќе овозможи зајакнување на капацитетите на Академијата и Институтот.

Полињата на кои ја гледаме нашата идна соработка се детектирани во однос на областите на поголема примена на меѓународните стандарди за независноста, ефикасноста, транспaрентноста на судството, подобрување на квалитетот на обуката на судии и обвинители, како и претставници на релевантни институции, а потпишувањето на овој меморандум претставува иницијален момент за размена на информации, публикации, истражувања и експерти помеѓу Академијата и Институтот, како и заедничка соработка во обезбедување на обуки за национални и меѓународни обучувачи, за користење на програми за обука изготвени од страна на Институтот.

Муска и Фримен го истакнаа своето задоволство од остварената соработка и најавија дека со нетрпение го очекуваат почетокот на активностите во рамките на овој проект. На настанот за потпишување на Меморандумот за соработка присуствуваа судии, јавни обвинители и слушатели на почетната обука во Академијата.

M.В