/ Прочитано:

617

Академијата за судии и јавни обвинители и Комората на извршители ќе потпишат меморандум за соработка

Понеделник, 22 септември 2014 – Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска и претседателот на Комората на извршители на Република Македонија Зоран Петрески денеска ќе потпишат меморандум за соработка.

Потпишувањето на меморандумот е резултат на потребите од заеднички настап на двете институции во нивното работење кое ги допира правните области кои се од заеднички интерес  за судството и извршителите, особено во делот на извршувањето на судските пресуди.

Соработката помеѓу двете институции во рамките на овој меморандум ќе се остварува во делот на обуките кои се однесуваат на спроведување на законските надлежности во соодветната област преку одржување заеднички советувања  за претседателите на судовите, судиите, јавните обвинители и извршителите, за нивно континуирано стручно усовршување, ангажирање меѓународни предавачи и експерти, обезбедување нова стручна литература од соодветната област, развивање e-learning модул  за обука на целните групи опфатени со меморандумот.

Крајната цел од оваа соработка, како што информираат од Академијата, е унапредување на ефикасноста на правосудниот систем и воспоставување на добри практики со кои ќе се надминат секојдневните пречки со кои се соочуваат судиите, јавните обвинители и извршителите при постапувањето по предмети од соодветната област.