/ Прочитано:

2.081

Академик го заокружи циклусот обуки за кривичното право: „Стекнавме извонредно практично знаење“, велат студентите

Со последните две одржани обуки, Академик го заокружи циклусот обуки посветени на кривичното право. Студентите и на овие обуки ги надградуваа своите знаења како и на првата обука за кривичното право, овој пат на теми што се однесуваат на донесувањето на пресуда, видовите пресуди, редовните и вонредните правни лекови. Предавач на обуките за кривичното право беше судијката Васка Николовска-Масевска од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, за која студентите искажаа пофални зборови поради одличните предавања на обуките.

Судијката Масевска на почетокот од своето предавање им предочи на студентите дека практичната едукација е клучна за нивниот развој како правници и дека е позитивно што во практичните обуки се внеле со целосно внимание и со желба да дознаат повеќе. Со прашањата за пресудите, за вонредните и редовните правни лекови, посочи судијката, се заокружуваат темите од областа на кривичното право на обуките во организација на Академик.

Според Законот за кривичната постапка, нагласи судијката Масевска, пресудата се изрекува и јавно се објавува во името на граѓаните на Република Македонија. Пресудата, се пропишува во Законот за кривичната постапка, може да се однесува само на лицето кое е обвинето и само на делото што е предмет на обвинението содржано во поднесениот, односно на главната расправа изменетиот или проширениот обвинителен акт. Пресудата може да биде осудителна, ослободителна, одбивателна. Во врска со темата за пресудите, на обуките беа реализирани практични вежби за пишување пресуда.

Во врска со редовните правни лекови, судијката Масевска на студентите им посочи дека освен што е регулирано во Уставот, прашањето за жалбите е регулирано и во ЗКП. Имено, против пресудата донесена во прв степен овластените лица можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот од пресудата. Жалбата на пресудата на првостепениот суд и жалбата на пресудата на второстепениот суд се редовни правни лекови.

Покрај редовните правни лекови, постојат и вонредни правни лекови. Според ЗКП, вонредни правни лекови се повторување на кривичната постапка,  барање за заштита на законитоста, барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

Имено, како што појасни судијката, кривичната постапка што е довршена со правосилно решение или со правосилна пресуда по барање од овластеното лице може да се повтори само во случаите и под условите кои се законски предвидени. Исто така, против правосилни судски одлуки јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста ако е повреден Уставот на Република Македонија, законот или меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија.

Лицето, пак, кое правосилно е осудено на безусловна казна затвор или малолетнички затвор од најмалку една година и неговиот бранител можат да поднесат барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на законот во случаите предвидени со Законот за кривичната постапка.

Студентите што учествуваа на обуките рекоа дека научиле многу за кривичното право. Предавањата беа одлични, посочија студентите, а посебен впечаток ни оставија практичните вежби.

„На обуките може да се слушне нешто што го нема во теоретското образование. Тука стекнавме знаење од практичен аспект и тоа го презентиравме на вежбите. Се разбира, тоа беше под менторство на судијката, која нè упатуваше и ни даваше совети како да постапиме и како да примениме некоја законска одредба за конкретен случај. Добро е што се говореше и за прашања од Стразбур во контекст на повторувањето на постапката“, истакнаа студентите.

Селма Абдуловска и Марија Ефремовска нагласија дека предност на обуките е што се избегнува т.н. сувопарен начин на предавање и што се внесува нов дух во начинот на кој се говори за материјата. Законот за кривичната постапка, нагласија тие, е пропис, но важно е како ќе се приемени тој пропис во даден случај и затоа едукацијата нам ни е толку потребна.

Виктор Ванкоски,  учесник на обуката,  рече дека она што му оставило впечаток на едукативниот настан е самата непосредност и интересните содржини. Обуката, нагласи Ванкоски, беше мошне интересна и креативна во секој поглед,  особено во делот на презентацијата, како и во делот на интерактивноста.

„Обуката беше одлично организирана. Ми се допадна нејзиниот концепт и можноста на практичен начин да се образложат прашањата од кривичната постапка и кривичното законодавство. Поентата на овие обуки е првенствено да се научи и да се надгради теоретското знаење“, подвлече Амар Ејуп.

За Стефан Милошески обуките на Академик имаат многу иновативен и оригинален пристап и тоа е причината зошто студентите имаат извонредна корист од учеството на нив. Се согласувам со моите колеги, посочи Милошески, дека обуките се многу креативни, темелно замислени и реализирани.

„Беше инспиративно да се биде дел од овие обуки. На обуките се говори за многу важни прашања од областа на кривичното право за кои е неопходна и практична подготовка. Со самото тоа што непосредно се пренесуваат судските искуства во врска со овие прашања, голем мотив е да се биде учесник на обуките на кои се учат многу практични теми“, истакна Ивана Балтовска.