/Прочитано:

843

Академик ја одржа обуката за студенти посветена на формата, содржината и начинот на подготовка на тужба

Со цел да се надгради академското знаење на студентите по право, како и за подобрување на нивните практични вештини, Академик, втора година по ред, организира практични обуки за студенти посветени на пишувањето правни поднесоци. На вчерашната прва обука од циклусот обуки посветен на пишувањето правни поднесоци се говореше за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба.

Практичната обука се одржа во новиот Центар за обуки на Академик, чија врвна техничка опременост, организација на просторот и пријатната атмосфера му го даваат епитетот на најсовремен тренинг центар во главниот град на Македонија.

Предавач на обуката беше судијата м-р Антоанета Димовска, која во Основниот суд Скопје 2 работи на граѓанските парнични предмети, а како истакнат судија и правник била предавач на бројни обуки и едукативни настани посветени на судската практика и примената на законите од областа на правосудството. Судијката Димовска ќе биде предавач и на другите обуки посветени на правните поднесоци.

Во своето предавање, судијката Димовска го истакна значењето на практичните обуки кое им помага на студентите да ги подобрат своите практични вештини како клучни предности за правничката професија.

Во таа смисла, судијката го нагласи и значењето на прашањето за правните поднесоци за кои студентите по право и младите правници мора да имаат добро познавање и стекнато знаење кое понатаму како професионалци практично ќе може да го применат.

Судијката Димовска во своето предавање потенцираше дека добро подготвената тужба е исклучително важна за една постапка бидејќи подготвувањето на тужбата не претставува само формализам туку и суштина.

Најважни се историјатот на тужбата преку кој се разјаснува што е суштината на спорот и доказите што имаат клучна улога во понатамошната постапка.

Според Законот за парничната постапка, парничната постапка се поведува со тужба. Тужбата треба да содржи определено барање во поглед на главната работа и на споредните барања, факти врз кои тужителот го заснова барањето, докази со кои се утврдуваат овие факти, како и други податоци што мора да ги има секој поднесок.

По предавањето на судијката, студентите по право беа поделени во неколку групи, при што ги согледуваа хипотетичките случаи, подготвуваа тужби, кои судијката Димовска ги оцени како одлично конципирани и подготвени.

Изразувајќи го своето задоволство од одлично организираната обука, студентите по право истакнаа дека на едукативниот настан мошне темелно било говорено и елаборирано прашањето за подготовка на тужбата.

„Обуката беше прекрасна. Со многу пренесени искуства од практиката и со многу корисни совети за она што претставува суштина на тужбата. Детално се говореше за практичната примена на Законот за парничната постапка во контекст на формата и подготовката на тужбата и во таа смисла беше истакнато зошто е таа важна од практичен аспект, како и од аспект на една постапка и спор. Мошне корисна беше и практичната подготовка на тужбата, па така ние како студенти моравме да внимаваме на формата, но и како што ни нагласи судијката, на суштината. Целата обука помина интерактивно, во пријатен амбиент и атмосфера што е одлика на целиот простор на Академик и неговиот нов центар за обуки“, коментираа студентите на вчерашната обука.

Втората обука како дел од циклусот обуки посветени на правните поднесоци ќе се одржи утре (29 ноември). На утрешната обука  ќе се говори за пишувањето правни поднесоци во поглед на подготовката и видовите жалби.

Практични обуки за студенти во организација на Академик и за кривичното право