/ Прочитано:

2.277

Академик ја одржа втората обука од првиот циклус обуки за студенти посветена на жалбите

Академик ја одржа и втората завршна обука од првиот циклус обуки посветени на пишувањето правни поднесоци. На вчерашната обука која се одржа во новиот Центар за обуки на Академик, се говореше за подготовката и видовите жалби.

Предавачот на обуката, судијата м-р Антоанета Димовска, која во Основниот суд Скопје 2 работи на граѓанските парнични предмети, им посочи на студентите дека прашањето за подготовката на жалбите и видовите жалби, исто како и прашањето за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба, бара одлична практична подготовка.

Практичната подготовка мора да биде фокусирана на примената на процесните закони и процесното право. Сепак, додаде судијката, практичната подготовка значи и добра запознаеност со еден конкретен случај и фактичката состојба.

Во членот 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Во Законот, пак, за парничната постапка е пропишано дека против пресуда донесена во прв степен странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставување на преписот на пресудата, ако во овој закон не е определен друг рок.  За жалбата против пресудата одлучува второстепениот суд.

Како што посочи судијката Димовска, покрај податоците што мора да ги содржи секој поднесок, жалбата треба да содржи и означување на пресудата против која се изјавува жалба, изјава дека се побива пресудата во целост или во определен дел, причина за жалбата и потпис на подносителот на жалбата.

Пресудата може да се побива поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка,  поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба и  поради погрешна примена на материјалното право.

За да се стекне добро познавање за подготовката на жалба, истакна судијката Димовска, неминовно е покрај законските и формално-правните аспекти на жалбата,  да се има и практична вежба за хипотетички случај, како што впрочем е и предвидено на обуките на Академик. Подготвените жалби од страна на студентите судијката Димовска ги оцени одлично, притоа нагласувајќи дека колку што повеќе се работи на вакви случаи, толку повеќе студентите ќе стекнат практично знаење.

За своето учество на обуката и успешно завршената практична едукација, студентите, како и на првата обука, добија сертификати. Студентите не го криеја своето задоволство од реализираната обука, нагласувајќи дека начинот на предавање на судијката, концептот и организацијата на обуката во Новиот центар за обуки на Академик биле исклучително професионални.

„Обуката, како и првата обука посветена на пишувањето правни поднесоци, беа одлично реализирани. Судијката пренесе многу искуства од практиката и ни даде многу корисни совети и за  подготовката на тужба и за подготовката на жалба. Она што за нас е важно е што на обуката не се говореше за овие прашања само од законски туку и од практичен аспект. Затоа на обуката за нас од голема корист беше и подготовката на тужба и жалба кои потоа ги разгледуваше судијката. На таков начин, уникатно се долови атмосферата на еден судски спор и затоа ваквиот тип обуки се толку значајни за практичната едукација“, коментираа студентите.

Навистина, истакна судијката Антоанета Димовска, студентите беа мошне успешни во подготовката на тужбите и жалбите. За време на предавањата беа фокусирани и со желба да дознаат повеќе и како тоа подоцна практично да го применат. Тоа, додаде судијката, ќе биде од корист за нив и во понатамошното профилирање како правници.

„Ја оценувам обуката како многу корисна. Тоа е она што ни треба како студенти – практично да бидеме вклучени во подготовката на актите, односно на тужбите и жалбите. Така, впрочем, и се гради правничкото образование, кое толку многу е потребно за нас како млади студенти по прави и идни правници“, истакна Мелинда Битиќ.

„Корисна обука со многу добро предавање. Слушнавме суштински работи за подготовката на тужбата и жалбата, како се тие предвидени во законите, но и како треба да се подготват. Исто така, одлична беше и организацијата на обуката која беше добро обмислена“, нагласи Емилија Дичоска.

„Супер беше обуката, задоволни сме и од предавачката и од самата реализација на обуката. Она што на овие обуки им дава посебно значење  се практичните вежби и работењето во групи. На тој начин колегијално, а по претходни совети на судијката, разгледувавме хипотетички случај и  го анализиравме, а во контекст на подготовка на конкретен правен поднесок“, подвлече Сандра Цветкоска.

„Понесуваме одлични впечатоци од обуката на Академик за студентите. Ваквиот тип обуки го надградува нашето знаење и се разбира дека во иднина тоа и ќе го примениме“, истакна Македонка Гусаковска.

„Одлична атмосфера и реализација. Предавањето беше одлично, добивме материјали кои ги користевме за подготовка на правните поднесоци кои подоцна беа евалуирани од страна на судијката Димовска. Задоволни сме од целокупниот амбиент на обуката“, рече Ана Лазареска.

„Обуката е извонредно искуство за нас. Ова се работи што теоретски сме ги сретнале, но суштината е во тоа како тие практично да се применат. Правничкото образование мора да биде фокусирано и кон практичниот дел затоа што доброто практично познавање е исто така клучно за влезот во професијата и првенствено како надградување на теоретското образование“, нагласи Никола Јовановски.

Со цел да се надгради академското знаење на студентите по право, како и за подобрување на нивните практични вештини, Академик, втора година по ред, организира практични обуки за студенти посветени на пишувањето правни поднесоци. По завршувањето на првиот циклус на обуки за правните поднесоци, на 11 и на 13 декември  ќе се одржи вториот циклус обуки исто така посветени на правните поднесоци. Судијката Димовска ќе биде предавач и на овие обуки.

Покрај обуките посветени на пишувањето правни поднесоци, Академик ќе организира и обуки посветени на теми од кривичното право, кои ќе се одржат на 12, 14, 19 и 21 декември (подетално за овие обуки на следниот линк).

Академик ја одржа обуката за студенти посветена на формата, содржината и начинот на подготовка на тужба