/ Прочитано:

4.696

АКАДЕМИК ОБУКА: „Сосопственост или заедничка сопственост на градежното земјиште при продажба на станови, адресен регистар, масовна процена и 3Д сопственост за нови бизнис-можности“

На  23 февруари 2017, во хотелот „Мериот“ – Скопје, Академик ќе одржи обука за мошне актуелната тема поврзана со новините во Катастарот, т.е. за прашањата кои се однесуваат на сосопственост или заедничка сопственост на градежното земјиште при продажба на станови, во согласност со новиот Закон за градење, потоа за новините кои се однесуваат на адресниот регистар, масовната процена, како и 3Д сопственост за нови бизнис-можности.

За темата на обуката „Сосопственост или заедничка сопственост на градежното земјиште при продажба на станови, во согласност со новиот Закон за градење, адресен регистар, масовна процена и 3Д сопственост за нови бизнис-можности“ ќе говорат Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, и Јован Трпевски, државен советник во Агенцијата за катастар на недвижности.

Во првиот дел на обуката поконкретно ќе се елаборираат прашањата за сопственоста (дефиниција/подоблици), видовите сопственост во согласност со Законот за сопственост и други стварни права и стекнувањето право на сопственост во согласност со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште, вклучувајќи ги и измените на Законот.

Во вториот дел на обуката ќе се говори за повеќе актуелни прашања кои предизвикуваат дилеми низ практичното работење, а тоа се прашањата за сопственоста од аспект на Законот за градежно земјиште и од аспект на други  закони или други правни акти.

На обуката ќе се дискутира за отуѓувањето на градежното земјиште во согласност со новиот Закон за градење при продажба на стан и ќе се дадат практични насоки за постапување со веќе запишаните/утврдените права на сопственост на  градежното земјиште при спроведување на договор за продажба на стан каде што задолжително предмет на договорите е и градежното земјиште, односно ќе стане збор за интерните акти за постапување на Агенцијата.

Во третиот дел на обуката ќе се дискутира и за прашањата за адресниот регистар, масовна процена и 3Д сопственост. Последниот дел на обуката ќе биде посветен на интерактивна дискусија во врска со сите прашања кои ќе бидат предмет на презентацијата на реномираните предавачи и за таа цел учесниците ќе можат да поставуваат прашања и да добијат одговори за сите дилеми што ги имаат низ практичното работење.

За сите детали во врска со обуката, можете да ни се обратите на е-пошта: practicum@akademik.com.mk, како и на телефонските броеви 02/3221-091 и 02/3232-821. Во прилог погледнете ја агендата за обуката: