/ Прочитано:

1.776

АКАДЕМИК одржа обука за атрактивни теми од работните односи и трудовото право

Среда, 30 април 2014 – Прашањата на работните односи и трудовото право, како што некои теоретичари го нерекуваат „правото на животот“ е постојано актуелна тема, која, покрај тоа што мора да се следи перманентно, мора да се надградува со нови знаења, особено во време,  кога легислативата од оваа област е динамична и подложна на промени кои декларативно имаат за цел да се подобри трудовото законодавство, првенствено во релациите работодавач – работник, во сите сегменти, од приватниот до јавниот сектор.

Тргнувајќи таа премиса, АКАДЕМИК изминатава недела одржа дводневна обука за прашањата од оваа област. На првиот ден од обуката беа опфатени аспектите на вработувањата во јавната администрација и јавниот сектор и нетипичните вработувања во јавниот сектор. На вториот ден од АКАДЕМИК обуката беа опфатени прашањата општо за законодавноправните аспекти на работните односи, агенциите за привремени вработувања и видувањата, толкувањата и презентациите на тие феномени низ судската пракса.

На првиот ден и првиот дел од обуката, Југослав Ѓорѓиевски, управен инспектор во Министерството за администрација и информатичко општество говореше за вработените во државната упарва, нивниот статус во министерствата и локалната власт, служберниците во јавните претпријатија, јавните службeници во Фондовите, вработените во агенциите и помошно-техничките лица, потоа за проблемите на регулаторите, позитивноста од општата законска рамка, системските проблеми, инспекцискиот надзор како проблем, како  и за напредувањето во кариерата.

„Немаме воспоставено класичен МЕРИТ систем и уште имаме СПОИЛ систем, но прашање на време кога ова прашање ќе биде регулирано, што носи со себе и финансиски импликации“, потенцираше Ѓорѓиевски, детектирајќи ги реалните проблеми на администрацијата, вработувањето во неа и напредувањето во службата.

Низ обуката се разви дискусија за  прашањето на дистинкција на државни службеници и вработени во јавниот сектор и помошно – техничкиот персонал и како за нив ќе се однесува унапредувањето во кариерата, инклузијата во каталогот на работните места, престанокот на работниот однос, но и она што се разви во едно од најдускутабилните прашања – за  „ефективната судска пресуда“ како причина за престанок на работниот однос.

Потоа се разгледа и прашањето за честото повикување на праксата како аргументација и компарирањето на еден со друг случај без да се разгледаат спецификите во различните сегменти на јавниот сектор и вработувањата таму, особено кога треба да се третираат одредени спорни прашања меѓу работникот и работодавачот.

„Проблемот е што секогаш бараме се да ни биде на едно место во законот. Тоа е невозможно, би се создадале енорми законски текстови, а се што не постои како одредба кое ја третира таа проблематика јасно е дека треба да се примени ЗОУП. А, праксата не е извор на правото“, советува управниот инспектор.

 Управниот инспектор посочи дека предност е во новите законски решенија што за првпат се регулира интегрално и консолидирано, потоа предност се примената на начелата за фер постапка при вработување, а следствено се осврна и на вработувањата од приватен сектор на позиција раководител, постапката по приговор, експликација на новите тенденции на ЗОУП, за кој истакна дека има доста забелешки од судии и експерти и се рагледува и работи внимателно на него. Според него, во практиката позитивно е што се даваат сугестии, но истакна и еден практичен проблем дека кога треба да се напиштат сугестиите – не се пишуваат од тие што имаат критика или предлог.

„Сите критикуваат никој не сака да напише забелешки на хартија, сме барале од тие што критикуваат, а никој не праќа“. рече Ѓорѓиевски, кој понатаму откри дека конкретно ЗОУП ќе има транспарентена постапка и ќе има и јавна расправа, а резимираше со предностите, бодирањето и изборот на најдобриот кандидат при вработувањето.

Во вториот дел од обуката се опфатија нетипичните вработувања, и како што истакна обучувачот Љубомир Младенов од Министерствто за информатичко општество и администрација, за новите законски решенија се вложило доста енергија, учествувале голем број на експерти, во процес кој бил континуирано надградуван.

„Не можеме да кажеме дека е совршено, но не е како што беше“, ја оцени Младенов законската новина, а потоа се надоврза дека во старото решение имало законски празнини и често се злоупотребувале, што од законска недореченост, што од, како што рече, прашањето на менталитетот.

„Ја често велам саркастично, дека ние како по ген да сме такви, да бараме празнини за изигрување на прописите“, ја илустрираше Младенов состојбата на почитувањето на законските прописи.

Потоа обуката се движеше во насока на анализа на Законот за вработените во јавниот сектор и прашањето за вработувањата и привремените вработувања во посочениот сектор, а се отвори дебата за процедурата при вработувањето и неговата договорна природа, за која обучувачот истакна дека  неговото лично мислење е дака вработувањето треба да биде по договорен однос.

Се разгледаа и вработувањата на неопределно време, но со полно и со скратено работно време, можноста за замена на привремено отсутен работник, за привремено зголемениот обем на работа, непредвидените краткотрајни активности, но и она што предизвика особен интерес – уредувањето на работата на проекти, како современ трудовоправен феномен и атуелност.

„Работата на проект и луѓето кои работат на нив немаа дефиниран статус и потребно беше да се изнајде решение  и  сега се ставени во законски оквир“, истакна Младенов кој потоа продолжи со елаборирање на статусот на вработените во кабинетите познати како „кабинетски работници“, кои ќе мора да бидат предвидени во актот за внатрешната систематизација и чиј работен однос се врзува со мандатот на функционерот под чии ингеренции е тој кабинет.

Младенов говореше и за Агенциите за привремени вработувања и релациите со јавниот сектор, истакнувајќи дека порано во постапките за вработување имало доста пропусти во тој контекст.

„Се формираа многу вакви агенции. Имаше доста пропусти. Се направија инспекциски надзори, имаше доста казнети. Тоа говори дека тоа како модалитет било правено со доста недоследности“, посочи Љубомир.

Кон крајот тој се осврна на значењето на одобрувањето на финанскси средства од Министерство за финансии за склучување на еден договор, правата на вработените кои се определуваат со општите прописи за работните односи, актите за внатрешната организација и систематизација и  содржината со  законскиот основ, називот на актот, основни одредби, опис на работните места, преодни и завршни одредби и табеларен преглед на работните места и објаснување на важноста за Одделението за управување со човечките ресурки, бидејќи тоа имало примарна улога при изработката на актот за внатрешната оранизација.

Обучувачот на крајот резимираше дека законскиот текст на новите решенија е солиден и издржан и подготвен со доста внимание, но не одрече дека можни се и пропусти, иако, како што рече, и европските оценки за законодавството се одлични, но имало една фалинка – а тоа било примената.

„Од Европската Унија при нивните согледувања велат дека имаме супер закони, но лоша е имплементацијата, а таа е најважен фактор за финиширање на она што е замислено и зацртано како реформа“, заврши Љубомир Младенов.

На вториот ден на обуката се разгледа тема, која, како што рече почетниот обучувач Весна Пешова, раководител на Сектор за правно-административни и општи работи во Агенција за вработување на Република Македонија, е секогаш актуелно изразена преку аспектите на вработувањето соглсно законките прописи. Низ нејзиното предавање се разгледаа прашањата за огласите, јавниот оглас, роковите, пријавувањето и одјавувањето, во и од задолжително социјално осигурување, должностите на работодавачот, предностите на новитетите со дигитализацијата и спречување на злоупотребите низ практиката преку замена на хартиените обрасци, пријавување во задолжително социјално осигурување, постапката, специфичните случаи и одјавувањето.

Се постави и дилемата за дисциплинска постапка и кривичната постапка во однос на отказот, за кое обучувачот посочи дека такви ситуации постојат често во праксата, што се потврди и низ самата дебата и обука каде голем број на учесници потенцираа дека имале примери низ своето работење за такви случаи, но не биле сигурни дали треба да се чека исходот од судскиот спор за одјавувањето.

„Судскиот спор е сосема друга работа – нема никаква потреба да се чека исходот од судскиот спор за одјавувањето“, децидна беше Пешова, по што се постави и прашањето за работник кој земал одмор, но потоа работодавецот добил известување дека е во притвор за што беше заклучено дека најважно е официјалното ивестување дека е во притвор и само тоа може да произведе правно дејство во таа смисла.

Низ обуката се проследија и коментари од заинтересираните присутни  дека Законот за работни односи е недоречен и не водел сметка за реалноста, и како што беше посочено – потребно е итно да претрпи промени за тоа што законот не водел сметка за практичните примери. Сепак се постигна согласност дека ваквите обуки помагаат да се спои практиката со искуството и дека барањата сигурно дека ќе бидат разгледани, што е една од мисиите на АКАДЕМИК обуките.

Пешова истакна дека една од трудовите реформи е модернизацијата преку „модерен компјутерски систем, кој оневозможува притисоци и пристрасни влијанија на службениците“, а главните цели се засновање на доверба и професионалност што е, како што рече, впрочем и целта на оваа обука, да се изгради партнерски однос и соработка меѓу страните, присутните учесници и воопшто.

Понатаму таа се осврна кон видовите на договорите за вработување преку комплетна анализа на договорите и спецификите на договорите, како и на статусот на приватните агенции за посредување при вработување и нивната соработка со АВРМ согласно најновите законски измени, за што посочи дека единствена заедничка цел е намалување на невработеноста.

„Агенцијата има добра соработка и се стреми да развива таква и понатаму, особено од причини што имаме заедничка цел – а тоа е намалување на невработеноста“, истакна таа.

На втотиот дел од обуката, Елеонора Јовановиќ, советник за нормативна дејност во област на трудовото право при Министерството за труд и социјална политика се фокусираше кон прашањата за измените на Законот за агенциите за привремени вработувања 2013/201, правата и одговорностите на агенциите за привремени вработувања, вработувањето согласно Законот за агенции за привремени вработувања, привремените вработувања и типовите договори, одговорност на работодавачот, одговорност на корисникот, како и правата на вработените.

Посредувањето за вработување, анализа на статусот на Агенцијата, надлежностите, начинот на вработување, почитувањето на непристрасноста, МОТ и меѓународно правните аспекти, типовите на договори, правата и обврските на привремениот работник, измените во Законот за работни односи беа централните прашања на дискусија кон кои се разви креативна дебатата, на која се презентираа практични искуства со оглед на тоа дека имаше и претставници од Агенцииите за привремени вработувања кои непосредно укажаа на слабостите и потребата од изменување на одредби од Законот за работни односи во оваа насока.

На третиот дел од обуката, што имаше исклучително корисен придонес како елаборација на судската пракса, Санде Зиков, судија во Основниот суд Скопје 1, искажа мошне корисни примери од судската пракса и даде свои толкувања и презентации за уредувањето на работните односи, работното време, постапката за отказ, електронската евиденција на вработените, паузите и одморите, паузата за време на работно време, дневен одмор, неделен одмор, годишен одмор, користењето на годишен одмор, платениот одмор, неплатеното отсуство. Она што остави впечаток на учесниците за што и најмногу се заинтересираа е дали може да се користи одморот што му следел на работникот кај претходен работодавач, на што беше заклучено дека постои таква можност за искористување на неискористениот одмор.

Понатаму судијата се осврна на постапка за отказ за вработени кои работат од дома, сезонски, или како приправници, преку агенција за привремени вработувања и со скратено работно време за што, како што посочи „за ова нема многу судска пракса“.

Низ обуката се разгледаа прашањата за начините на престанување на важноста на договорот за вработување, основани причини за отказ, анализа на член 76 од ЗРО, потоа за отказот од лични причини, причините на вина и деловните причини.

Како момент со кој интересно се заокружи корисната презентација на судијата беше анализата на откажувањето на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина, за што беше посочен пример од судската пракса за конзумирањето на алкохол на работно место.

„Дејството под алкохол претставува основ да се избрка работникот, но имало случаи кога тоа било под 0,5 промили и сум имал таков предмет. Вештачењето  беше дека постоело присутво на алкохол под 0,5, но тоа не ја нарушила неговата работоспособност и аргументот го прифатив, а апелација го потврди“, истакна судијата Зиков, кој потенцираше дека судската пракса за овие прашања е обемна, но и специфична материја која бара добро познавање и на животните прилики.

Како заклучок на крајот од обуката, судијата истакна дека мошне е важно да се запознаваат и да се обрне внимание и на конвенциите, но и на она што го истакна на самиот почеток од неговата обука – човечката, хуманата димензија во работните односи, па и спорови.

Учесниците на АКАДЕМИК обуката не го кориеја своето задоволство што можеа да присуствуваат на овој, според нивните впечатоци, многу корисен настан. Нивното најголема сатисфакција беше што присуствувале на нетипична обика, каде можеле да бидат искрени во прашањаата, да добијат одговор и што интерактивниот момент бил сведен на ниво на креативен дијалог што всушност е и една од вредностите и на самиот феномен на работните односи.

„Одлична е обуката. Да ви кажам искерно мило е што може да прашаш, на други семинари назгодно ти е да прашаш, дури се случувало и да те навредат ако прашаш“, вели Стефанка Петковска, раководител на Служба за заеднички работи од Клиниката за кардиологија.

„Задоволна сум, многу драгоцено искуство, предвачите се одлични“, вели Жанета Јовановска, технички секретар во Клиниката за кардиологија.

„Предавањето е добро и ќе ми користи во праксата, посебно што ова се нови законски решенија, па добро е да се проучат на ваков начин“, вели Милена Ѓорѓиевска, соработник за управување со човечки ресурси во Општина Кисела Вода.

„Супер е, многу сме задоволни. Јас доаѓам од ЈСП и како на претпријатие овие законски новини ќе ни бидат во важност да ги знаеме. Добро е што имаме можност да се запознаеме на овој начин“, вели Славка Стојанова, советник во ЈСП.

„Се сложувам со колешката. Предвачот многу јасно ни ги посочи сите работи, ќе имаме голема корист од ова предавање“, вели Александра Бошковска, раководител на служба за човечки ресурси во ЈСП.

„Прват доаѓам и да бидам искрена – над очекувањата. Многу сум задоволна што е интерактивна обука, можеш директно да дознаеш, да прашаш, да дадеш сугестии и секако што можеш да се запознаеш со луѓето кои најдиректно се упатени во тоа бидејќи тие најдобро ја познаваат материјата“ вели Катерина Веловска, раководител на сектор за административни и општи работи во Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

„Обуката е добра и многу сум задоволен, се запознавме со суштинските нешта“, Никола Николовски, правник во Клиника за уво нос и грло.

„Ќе имаме голема корист од оваа обука, посебно ми се допадна делот со анализа на работниот однос и поставеноста на Агенцијата за вработување“, вели Елена Тодоровска од сектор за човечки ресурси во Прокредит банка.

„Исклучително позитивна оценка за обуката, одлични презентации за јавните огласи, коментарите за условите и севкупната анализа на тој процес“, вели Маргарита Чупарковска, раководител на служба за човечки ресурси во АЕК.

„Темите се актуелни, добри предавачи има. Многу е подруго кога ќе се запознаеш со луѓето кои ги креираат тие процеси, а ми се допаѓа што Обуката е место каде може да се запознаеш со колегите, да размениш искуства и да дознаеш информации во врска со актуалните процеси во закононите“ вели Павлинка Спировска од Обложувалници Спортлајф.

„Интересна обука, многу ми се допадна пристапот, научивме многу, некои нешта се разјаснија“ вели Надица Антовска од Државна Лотарија на Македонија.

„Супер, не би додала друго, предавањата се одлични“, вели Маријана  Оливети, правник во Адора Инженеринг.

„Материјалот е ок, организацијата е одлична,  но мислам дека предавачите можат да имаат и поинаков пристап во смисла на подобрување на презентацијата“, вели Александра Караиванова од НЕЛТ.

„Темите се супер, очекувам понтерактивна дебата сега, ќе видиме понатаму зошто сега се дискутираа и прашања со кои се толкуваа одредби. Но, добро е што има интерактивен момент, во секој случај“, вели Снежана Враговска од НЕЛТ СТ.

„Лично ми се разјаснија многу работи и многу ќе микористи во праксата“ вели Бјанка Стојчевска, соработник во Макпетрол.

„Одлични предавачи, одлична обука. Мислам дека ако нешто е корисно за дознавање на законите може само на овој начин“, Христина Ристова, самостоен стручен соработник во Сава Осигурување.

„Обуката е одлична, досега е добро, да ви кажам искрено долги години сум во оваа област и она што ми користи на обуката не е да ги дознаам работите или законите, туку она што е важно за мене – да се дознае нешто ново“, вели Раде Ненадиќ од АПВ „Партнер“.

„Задоволни сме од обуката и многу ќе ни користи“, Ѓорѓи Ристевски од РЕК Битола.

„Би требало искуствата од оваа обука да ни се од голема полза. Многу е битно да се толкуваат законите и така да се разјаснуваат дилемите. Ќе ни користи секако“, Билјана Алампиоска од сектор за човечки ресурси при ТТК Банка.

„Обуката е добра, јас го очекувам вториот дел, ме интересира судската пракса и се надевам ќе има презентација на примери кои ќе бидат од корист за мојата работа“, адвокат Јасмина Брезовска од адвокатско друштво БОНА ФИДЕ.

„Супер. Некои работи за кои имавме дилеми ги разјаснивме, ќе ни користи во праксата се разбира“, вели Кристијан Петоковски од Делта Бет.

„Прекрасна е обуката, предавачите ги исполнија очекувањата, темите се многу значајни. Дознавме работи, сега да се применат“, вели Елена Маркоска од Близу.

„Обуката беше мошне корисна. Ми се допадна и начинот на презентацијата и темите кои беа опфатени. Во иднина би сакала да се организира обука во која ќе бидат опфатени отказите од деловни причини“, вели Марија Ивановска од ТТК банка.