/ Прочитано:

1.475

АКАДЕМИК одржа обука за јавно-приватното партнерство и експропријацијата: Континуираната едукација – клучна за новите предизвици

Понеделник, 3 март 2014 – АКАДЕМИК ја продолжува традицијата на успешно реализирање на обуки кои третираат актуелни правни прашања и теми, овојпат одржувајќи дводневна практична обука посветена на две мошне значајни прашања од правно-економската тематика и практика: Јавно-приватното партнерство и Eкспропријацијата. Подетално во тој контекст, на обуката се разгледаа современите аспекти на јавно-приватното партнерство, примена на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, Законот за експропријација, неговите измени и постапки за експропријација и одредување на пазарна вредност на имот. Својствено за обуките на АКАДЕМИК, збор зедоа врвни обучувачи од конкретните области и на задоволство на широкиот аудиториум беше констатирано дека само со примената на ваква едукација може да се овозможи ефективна примена на законот од страна на најповиканите субјекти, кои исто така беа дел од обуката.

На првиот ден од обуката се едуцираше и дебатираше за јавно-приватното партнерство со прецизно скенирање на елементите на договор на јавно-приватно партнерство, специфичните права и обврски на договорните страни во ЈПП како и за постапката за склучување, раскинување и судска заштита.

Снежана Петковска, раководител на Секторот за правни работи при Министерството за економија

На почетокот од обуката, овие сегменти ги образложи стручниот предавач, Снежана Петковска, раководител на Секторот за правни работи при Министерството за економија,  која се осврна на законската регулатива и на самата постапка, која е приоритетна за реализација на овој тип на проекти.

„Се осврнавме во делот на законската регулатива во оваа област, во вториот дел отидевме подетално за воспoставувањето на јавно-приватно партнерство и навистина ми е драго што имаше квалитетни прашања од страна на учесниците. Се разјаснија голем број недоразбирања во примена на законот и реализација на проекти преку јавно-приватно партнерство и ценам дека оваа обука беше корисна. Имаше претставници на јавниот партнер односно поголем дел на општините кои согласно законот се јавен партнер, но имаше и претставници од приватниот бизнис, потенцијални приватни партнери. Посебно ми е драго што еве и тие пријавија интерес за оваа постапка. Целата оваа постапка ја реализира јавниот партнер од почеток до крај и бидејќи во поголем дел беа претставниците се од јавниот партнер сепак прашањата се однесуваа на спроведување на постапката согласно законот и начинот на надминување на проблемите“, потенцираше Петковска укажувајќи на потребата од перманентно следење на состојбите во јавно-приватното партнерство во Македонија.

Мирослав Трајановски, консултант за јавно-приватно партнерство и концесии

Доделувањето на концесија, видови и уплата на концесиски надомест, како и за постапката пред склучување на договор за концесија, роковите и исполнувањата беа предмет на анализа и предавање на консултантот за јавно-приватно партнерство и концесии, Мирослав Трајановски, кој преку практични примери ги појасни важните договорни елементи, промените, раскинувањето на договорот за концесија, одземањето на концесијата, определувањето на надомест и судската заштита. Трајановски приопшти историски поглед на јавно-приватното партнерство и неговото профилирање како современ концепт низ европската перспектива и импликациите врз македонските состојби во контекст на концептот кој „надоаѓа“ како правна, економска и инвестициска атракција.

„Презентирав јавно-приватно партнерство во европската легислатива и пракса. Дадов соодветен историски осврт, конкретно во Франција, каде подоцна врз основа на таа пракса се појавува концесија на јавни работи, а потоа презентирав и компарација со британскиот модел, а тоа е модел кој се појавува во 90-тите години од минатиот век промовиран од владата на Џон Мејџор, потоа поддржан и од Тони Блер. Значи отприлика почетоците на различните модели и пракси на европско тло. Имено, различни модели има во поедини земји, некои се покрупни во однос на финансиите на пример, како проектот Ла Манш, потоа во Шпанија, проекти со изградба на маракантни градби по модел на јавно-приватно партнерство. Тоа се тие историско европски аспекти кои тенденции и импликации имаат и денес, секако. На крајот завршивме со сознанија за Македонија – од инклузија на моделот преку уличното осветлување до управувањето со отпад, еве сега и гасификацијата како проект кој е на самиот почеток. Гасификацијата е интересен и голем проект, најголем во Македонија. Секако, идејата е приватник  да го изгради гасоводот, потоа да добие право да наплаќа за дистрибуција до крајните потрошувачи и би рекол дека тоа е добар пример на концесиски модел. Слично на значајноста како прокет реализиран по јавно-приватно партнерство е Аеродромот во Скопје. Значи, веќе јавно-приватното партнерство зема сериозен замав и затоа и неговата важност постојано се потенцира. Кога се говори за овој модел треба да се анализираат и аспектите на судско-правната заштита, која исто тека е битен елемент. Во Македонија постои само еден судски спор за предмет од ваква природа, а тоа е познатиот случај со Дрисла. Во овие договори се предвидува и арбитража, но со посочување по кое право ќе се одлучува. Ако настане конкретен имотно-правен спор тогаш се надлежни судовите“, ја објасни Трајановски презентација на обуката и неговото видување за јавно-приватното партнерство.

Едукацијата – клучна за доследна и изедначена пракса во примената на Законот за експропријација

На вториот ден од дводневната обука, во првиот дел, подетално за суштината на Законот за експропријација, неговите измени, самата постапка за експропријација и одредувањето на пазарната вредност на имотот, говореше Валентина Димитровска, помошник раководител во секторот за номативни правни и облигациони работи во Управата за имотно-правни работи, која даде исцрпна законска анализа на ескпропријацијата поткрепувајќи ја со теоретските постулати на, како што рече, имотно-правните односи како едни од покомплицираните теми во правото.

Низ овој дел од обуката можеше комплетно да се оформи слика за законските поставености на експропријацијата. Дефинициите, терминолошката употреба и конзистентност, видовите на експропријација, ограничувањата, постапката, јавниот интерес, застареноста, привременото заземање на соседно земјиште, судската постапка беа само дел од содржините кои се анализираа, компарирани во соодносот со останатите правни иснститути од останатите законски текстови со сродна имотно-правна и градежна проблематика.

Она што беше евидентно низ обуката, а на што се согласија присутните кои пак се директно вклучени во проблематиката на експропријацијата, е дека постои извесна неусогласеност на примената на Законот за ескпропријација од страна на општинските власти низ републиката. Ова особено го истакнуваа претставниците на локалните самоуправи, за кои позитивно е што низ обуката можат „очи в очи“ да разговаараат и разменуваат искуства со луѓето со кои и по службена должност треба да соработуваат за овие прашања, а сега можат на непосреден и неофицијален начин да ги разјаснат состојбите и работите.

Во таа насока, Валентина Димитровска изјави дека за изедначувањето на таа пракса најважни се обуките од ваков тип.

„Овие обуки се корисни и за локалните власти и за приватните субјекти и вакви обуки се потребни за јакнење на капацитетот на институциите, органите на локалната самоуправа и органите основани од државата за да се научат правилно да покренуваат постапка за експропријација. Невоодначената пракса може да се надмине само со обуки, како од општините така и од органите, тие се одржуваат од време на време, но треба контиунирано да се одржуваат. Всушност, само преку вакви обуки може да се обезбеди најефективен начин за правилна примена на законот и воедначување на експропријационата пракса“, потенцира Димитровска.

Валентина Димитровска, помошник раководител во секторот за номативни правни и облигациони работи во Управата за имотно-правни работи

Вториот дел од обуката имаше цел практично да  ја надополни теортеската анализа на Димитровска, а исто така се констатираше дека неопходно е воедначување на примената на Законот за експропријација за таа цел.

Примената на Законот ја образложи Зоран Бојовски, раководител на одделение за првостепена управна постапка во Подрачно одделение за првостепена управна постапка, кој умешно низ практични примери детално ја образложи постапката за експропријација со сите нејзини формално-правни елементи и функционирање во праксата.

Го елабориваме Законот за експропријација, јас имав практичната примена што ја води органот, почнувајќи од добивањето на предлогот, до спогодбата доколку ја има и самото донесување на решението, правосилноста на решението и пуштањето во Кастастар на извршување. Како нема спогодба по правосилноста решението го пуштаме во судот, за одредување на самиот надомест“, го појасни Бојовски делот на својата презентација.

Како што посочи тој, добро е што имало бројни претставници  од локалните власти и економските субјекти затоа што може да се согледаат проблемите посуштински и потемелно. Тој смета дека во законот постојат некои решенија кои веројатно ќе бидат проблематични во пракса.

Зоран Бојовски, раководител на одделение за првостепена управна постапка во Подрачно одделение за првостепена управна постапка

 Мислам дека институциите генерално се спремни за примена на законот, секако едукацијата секогаш е добредојдена. Но, низ примената на законот може да има проблеми во однос на роковите. Роковите се доста кратки по поднесување на предлогот, на пример 20 дена за да се донесе решение. Тие се кратки, но мора да се почитуваат. Значи примената нема да затаи од субјективниот фактор, но во иднина праксата ќе покаже дека роковите се кратки и можно да затаи заради тој објективен фактор. Би рекол дека и роковите за судот се кратки, исто така“, истакна Бојовски, посочувајќи кои елементи од законот можат да создадат проблеми.

Учесниците дебатираа: Кои се законските слабости и различни толкувања?

Низ обуката се наметнаа интересни прашања во врска со одредени правни институти низ законскиот текст, како на пример застарувањето на правото за барање на надоместок и неговата компатибилност со застарувањето на имотните права, потоа проблемот на роковите и детектирањето на одредени слабости во судството.

Кон крајот на обуката голем интерес предизвика прашањето дали земјоделското земјиште може да биде предмет на ескпропријација.

Се чини онаа максима дека колку правници – толку мислења преовлада и тука, но најповиканиот, обучувачот Зоран Бојовски посочи дека податоците од државните институции покажуваат на примери кога се спроведува таква експропријација, што за присутните испровицира дискусија дека нивните податоци говорат за поинакви сознанија со што се отвори прашањето за поставување и на оваа тема како мотив за идно елаборирање.

Останува впечатокот дека за да се применат адекватно и моделите на јавно-приватно партнерство и примената на Законот за експропоријација најпотребна ќе биде токму – едукацијата и соочувањето на аргументите и мислењата, што во правото се смета за вносен квалитет согласно бенефитите од секоја јавна расправа за легислативните модуси.

Впрочем и мисијата  на АКАДЕМИК е со спојување на заинтересираните чинители во овие процеси и на други актуелни законски процеси да се соочаат аргументите и да се разменат искуствата кои ќе резултираат со едукација од најнепосредните фактори.

За тоа говорат и импресиите од учесниците на обуката, кои не го криеја своето задоволство што присуствувале на вака организиран настан, кој несомнено е голем влог во поддршката на современите правни процеси, правничката и институционална интеркомуникација – се со цел да се обезбеди доследна примена на законите.

Рекоа за обуката…

Даниела Јовчевска Ѓуровска, директор на правен сектор во Фондот за здравствено осигурување: „Имаме добри импресии од самата обука, јавното-приватно партнерство се воведува полека но сигурно и добро е да се слушнат учесници кои веќе учествувале во законот преку размена на искуства и компаративни анализи. Тоа се воведува и во здравството, на самиот почеток сме, но сметам дека ќе имаме добар пат“.

Оливер Лазовски, раководител на Сектор за правни работи при Град Скопје: „Убаво е што се организираат вакви обуки, да добиеме претстава што е суштината на законот поради тоа што се работи за нов закон. Претходно година и пол работевме по стариот закон и има очигледни измени, посебно што се упатени на Законот за јавни набавки. Меѓутоа, има некои недоречности во самиот закон. Затоа, на нас како практични учесници и како на јавни партнери ни недостигаат законски дообјаснувања, одредено толкување или став на Министерството што се сака со тој закон да се каже. Обуката е практична и ни доаѓа добредојдена“.

Славица Димитровска, раководител на одделение за јавни набавки во Општина Битола „Сум задоволна од настанот бидејќи ова е прв пат да сме поканети на ваква обука. Првапат слушнавме некои прашања и со предавачите расчистивме некои дилеми и прашања со кои успешно ќе ги реализираме постапките за јавно-приватно паартнерства“.

Жанина Стаменкова, градежен инженер од Делта Проект: „Интересна обука, ова е една нова тема и нешто што не интересира како приватна фирма за проширување на нашата дејност за да и некои јавни функции да се реализираат полесно и со наша поддршка.  Интересно е што беше даден еден историјат, со кој се виде дека има некоја претходна приказана за реализација на овие модели, чиј продолжеток сме ние. Во секој случај, интересно и корисно“.

Росита Матеска, одговорен референт за имотно-правни работи во Сектор за градба и уредување на градежно земјиште во АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката: „Обуката помина со активно учество на присутните што ме изненади. Вообичаено на сите семинари што сум учествувала, обучувачот го образложува законот и се остава простор за потпрашање. Додека стигнеме до прашањата, ги забораваме дилемите, овојпат не беше така. Дозволено беше пресекување на секој збор и дефиниција и имавме простор за прашања. Добра организација од страна на АКАДЕМИК. Имам други дилеми поврзани со законот и недореченостите во него, сметав дека се само мои, овде видов дека и на другите им е нејасно конкретно за Законот за јавно-приватно партнерство. Сметам дека од Законот ќе излезат практични проблеми. Во делот на жалбените постапки, недефинирањето што е договор и некои други одредби. Сето ова е конструктивно денес, ова се надевам ќе го предизвика текстописецот на Законот кој денеска ни беше предавач да седне и да напише осврт на нашите коментари, институциите, локалната самоуправа итн, и да направат измена и дополнување за да стане поприменлив закон“.

Јорданка Николовска, советник во Министерство за труд и социјална политика: „Обуката тече во рамките на очекувањето, одлично е организирано. Нас ни е поинтересен делот на договорите што треба да го слушнеме како дел од оваа обука“.

Бурим Бајрами, советник од Општина Гостивар: „Расчистивме некои дилеми за новиот закон, ни користи во нашата пракса, особено  во толкувањето на правната содржина на  иницијативата за ескпропријација  и одредувањето на цената. Како локална самоуправа имаме иницирано веќе неколку постапки и се разбира дека од интерес ни е да се запознаеме детално со правните аспекти на овие процеси“.

Дарко Качаков, раководител на одделени за правни работи  од Општина Дојран: „Мислам дека ќе биде ефективна и сознанијата ќе ни бидат од полза. Благодарни сме што има вакви обуки и упатуваме благодарност до организаторот. Се надеваме дека во иднина ќе има повторно. И по наша иницијатива треба да постојат вакви едукации, но во секој случај најбитно е да се има постојани сознанија“.

Славица Игнатовска, помлад соработник во Општина Кавадарци: „Многу дилеми ги разјаснивме, многу корисна обука, може непосредно да поставиш прашање и да разјасниш некои работи. Секако треба да бидат попристапни и потраснапарентни вакви обуки, посебно за нас, од општинитие, затоа што ние сме директно вклучени во овие проблематики“.

Билјана Велјанова, помлад соработник во Општина Центар: „Сметам дека обуката е многу корисна, ги прошири моите знаења и укажа на многу работи и недостатоци со кои сум ги имала зошто јас сум вработена како лице кои ги води овие постапки во Општина Центар и се разбира потреб но е да има и други обуки со кои ќе може да се едуцира за оваа тема“.

Михајло Илиевски од секторот за експрорпријација при Општина Битола: „Со обуките се обезбедува практична примена при спороведување на законските решенија и се прават појаснувања на одредени конфузии или колизиии на одредени законски норми. Исто така, сметам дека обуките се корисни да се разменат искуства околу одредени проблеми со кои се соочуваме при примената на одредени законски прописи“.

Сања Кралевска, правник од Неотел АД: „Од оваа обука сме задоволни, многу добро елаборирани прашања, во праксата ќе ни користи многу, ние не сме конкретно од оваа дејност, но не е штетно кога се прошируваат хоризонтите за правните прашања кои се сродни низ практиката“.

Хусеин Демири, раководител на сектор во Општина Тетово: „Се знае дека секогаш кога се оди по семинари и обики дека имаме корист, но денес навистина научивме нешто ново и би сакал почесто да имаме вакви предвања, вежби и обучувања“.

Ели Поповска, раководител на служба за геодетски работи во МЕПСО АД: „Обуките се многу корисни и нас ни помагаат во работењето. Оваа е од особено значење за нас и секако дека она што го слушнавме ќе ни биде од голема корист во делот за случаите со примената на Законот за експропријација.