/ Прочитано:

2.060

Академик одржа обука за медијација во стопанските спорови

Денеска во просториите на најсовремениот едукативен Центар за практични обуки на Академик се одржа обука за медијација во стопанските спорови.

Обука Медијација 4

Задолжителниот обид за медијација е предвиден во последните законски измени во Законот за парничната постапка од 23.7.2015 година, кои започнаа да се применуваат од февруари 2016 година и според кои пред поднесување тужба на суд за стопански спор, фирмите треба да се обратат кај медијатор, кој ќе се обиде да го реши спорот на мирен начин и со помалку трошоци.

Така, според измените, во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација.

Во првиот дел од обуката предавач беше Зоран Вучев, лиценциран медијатор,  доктор по социјална политика и социјална работа и еден од авторите на Прирачникот за обука на медијатори, кој говореше за основните принципи на медијацијата, за текот на постапката, како и за вештините за постигнување позитивен исход.

Доброволноста, рамноправноста, неутралноста, доверливоста, исклучувањето на јавноста во медијацијата, еднаквоста на страните, достапноста на информации за медијацијата во други постапки и ефикасноста, се начела на медијацијата. За медијацијата, истакна медијаторот Вучев, клучна е довербата. Исто така, додаде медијаторот Вучев, постапката за медијацијата е доверлива, но и флексибилна.

Обука Медијација 7

„Медијацијата е законски дозволена постапка, предвидена како алтернатива на судската постапка при решавањето на одредени спорни односи. Исто така, медијацијата е најбрз алтернативен метод за решавање спорови, а нејзиното времетраење во најголема мера зависи од волјата на страните за изнаоѓање на заемно прифатливо решение и тоа во насока на сведување на минимално потрошено време од еден до два часа, а максимално предвиден законски рок според ЗПП (кога медијацијата е отпочната по иницирање на судска постапка) е 45 дена, односно 60 дена според Законот за медијација доколку медијацијата е започната пред да се поведе судска постапка“, подвлече Вучев.

Говорејќи за новините во ЗПП во однос на медијацијата, Вучев образложи дека клучните измени се однесуваат на стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 денари.

„Измените што се направија во ЗПП и кои се во примена од 1 февруари 2016 година се однесуваат на стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 (еден милион) денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација спроведена со посредство на лиценциран медијатор“, истакна Вучев.

При поднесување на тужбата, додаде медијаторот Вучев, тужителот е должен да приложи писмен доказ – изјава составена од лиценциран медијатор, дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал.

Обука Медијација 3

Медијаторот Вучев на обуката детално ги презентираше фазите на постапката за медијација,  а се осврна и на медијацијата во трговските спорови со странски елемент. Предавачот говореше и за задолжителниот обид за медијација, за трошоците при постапката и за постапката за медијација со повеќе медијатори.

Во врска со начелото на доброволност, Вучев подвлече дека ова начело подразбира дека постапката на медијација се спроведува врз основа на стриктна писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето на постапка на медијација е предвидено како услов за водење на судска или друга постапка.

На обуката Вучев го образложи начинот на организирање на средбите на медијаторот, или на повеќе медијатори, со полномошникот и ги запозна учесниците со улогата на медијаторот во подготовката на документација.

Во вториот дел на обуката говореше адвокатот Јане Илијески од Адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“, кој се осврна на повеќе прашања, пред сè, поврзани со улогата на адвокатите во постапката за медијација.

 

Преку предавањето на адвокатот Илијески беа разгледани неколку теоретски прашања во врска со принципите на медијацијата кои се тесно поврзани со адвокатите и со адвокатската професија, а беа истакнати и предностите од ангажирањето адвокат во една ваква постапка.

Илијески говореше и за улогата на адвокатот во различните фази и моменти од постапката, како што се: иницирањето/прифаќањето на постапка за медијација, подготовката за средби со медијаторот и со претставниците на спротивната страна, неговата улога на самите средби и во процесот на изнаоѓање прифатливо решение, во моментот на завршување на постапката, како и во периодот што следува потоа.

„Улогата на адвокатот во постапката за медијација е особено забележлива и корисна во процесот на преговори помеѓу страните, за предлагање на заеднички прифатливи решенија и начини за разрешување на спорот по мирен пат, за презентирање на предностите и недостатоците на постапката за медијација пред клиентот“, истакна Илијески.

Исто така, додаде Илијески, адвокатот има и суштинска улога во поглед на охрабрување на клиентот да дојде до прифатливо решение.  На денешната обука адвокатот Илијески говореше и за карактеристиките на процесот на комуникација на адвокатот со клиентот и со останатите субјекти инволвирани во постапката.

Во последниот дел од обуката беше отворена дискусија во врска со досегашните искуства од практичната примена на Законот за медијација и особено на новото законско решение за задолжителна медијација во стопанските спорови со вредност до 1.000.000,00 денари.Обука Медијација 5

Како што беше истакнато на обуката, во Република Македонија улогата на адвокатите во овој тип постапки особено доаѓа до израз по отпочнувањето на примената на измените на Законот за парничната постапка, кои предвидуваат задолжително спроведување на постапка за медијација во стопански спорови со вредност до 1.000.000,00 денари.

Во таа насока, адвокатот Илијески нагласи дека медијацијата има низа предности  и дека од интерес на клиентите е ангажирање на професионалец кој ќе овозможи забрзување на целокупниот процес на постапката.

„Од излагањето на медијаторот на денешната обука што ја организираше Академик сме многу задоволни, особено од практичните примери. Од претходната година имаме некоја минимална пракса, па ова што го слушнавме денеска секако е  добредојдено и ќе ни користи во голема мера во текот на работењето“, Фросина Велковска, Агенција за вработување на РМ.

„Од обуката сум презадоволна. Начинот на предавање е конструктивен, сеопфатен и сè што слушнавме од денешната презентација ќе го примениме успешно“, Маја Симоновска, Државна видеолотарија на Македонија.

„Презентацијата беше одлична. Ни беа предочени многу законски одредби и практични примери, кои секако ќе ни користат во секојдневното работење“, Билјана Дуковска-Вердел, „Еуростандард банка“.

„Обуката е исклучително корисна, пред сè, поради тоа што веќе имаме започнато постапки за медијација. Ова е сè уште новина во Република Македонија, во зачеток е, но тука дефинитивно ги добивме сите потребни информации“,  Весна Пешева, Агенција за вработување на РМ.

„Обуката е одлична шанса да ги дознаеме сите новини кои се поврзани со оваа област. Нештата ни станаа многу појасни, пред сè, поради начинот на предавањето од страна на медијаторот бидејќи целата обука е интерактивна, Ивана Атанасовска, Фонд за здравствено осигурување на РМ.