/ Прочитано:

2.413

Академик одржа обука за најактуелните прашања од областа на заштитата на личните податоци

Академик денеска организираше обука на тема „Заштита на личните податоци – важечки мерки, употреба на социјални мрежи, ракување со бази на податоци“.

akademik foto

На обуката во организација на Академик, се говореше за најактуелните прашања кои се однесуваат на важечките мерки во поглед на заштитата на личните податоци, употребата на социјалните мрежи од страна на компанијата и вработените од аспект на заштитата на личните податоци и маркетинг-практиките, а учесниците  имаа можност да слушнат и што е тоа дозволена, а што е тоа недозволена пракса при заштитата на личните податоци.

akademik foto

На денешната обука, на која предавач беше Игор Кузевски, виш инспектор за заштита на личните податоци во Дирекцијата за заштита на личните податоци, се говореше и за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на личните податоци на работниците, како и за заштитата на личните податоци на претплатник/клиент.  Исто така, едно од прашањата на кои се стави акцент на денешната обука беше ракувањето со базите на податоци.

akademik foto

Од нормативен аспект, заштитата на личните податоци се уредува со Законот за заштита на личните податоци. Со овој закон се уредуваат заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица и особено правото на приватност во врска со обработката на личните податоци. Личните податоци се информации што се однесуваат на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува. Личните податоци треба да се обработуваат и да се чуваат во согласност со Законот за заштита на личните податоци и во согласност со останатите законски прописи во кои е регулирана оваа материја.

akademik foto

Обработка на личните податоци е секоја операција или збир на операции што се изведуваат врз лични податоци на автоматски или друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, чување, приспособување или промена на личните податоци, потоа повлекување, консултирање, употреба на личните податоци, нивно откривање преку пренесување, објавување или правење достапни на друг начин, изедначување, комбинирање, блокирање, бришење или уништување итн.

akademik foto

Во таа насока, предавачот на обуката Игор Кузевски истакна дека личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

akademik foto

Контролор на збирка на лични податоци, појасни Кузевски, е физичко или правно лице, орган на државната власт или друго тело кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци. Оваа дефиниција ги опфаќа сите трговски друштва, државни органи, единици на локалната самоуправа, јавни претпријатија, болници, училишта, градинки, здруженија на граѓани, синдикати, политички партии, лица кои самостојно вршат дејност како адвокати, нотари, извршители и др. Контролори се и физички лица, но овој закон не важи за нив доколку собирањето и обработката на личните податоци „се врши исклучиво заради лични активности или активности во домот“.

akademik foto

Законот за заштита на личните податоци, беше посочено на обуката, предвидува права за субјектите на лични податоци и обврски за контролорите. Обврските како контролор можат грубо да се поделат на: обврски кон субјектите на лични податоци; обврски кон корисници на лични податоци; обврски кон Дирекцијата за заштита на личните податоци и други обврски, во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

akademik foto

На обуката се говореше и за директниот маркетинг кој најчесто се дефинира како: „испраќање на промотивни материјали по пошта или преку телефон до поединечни домаќинства или претпријатија“ или „испраќање на промотивни пораки директно до потрошувачите, наместо тоа да се прави преку некој масовен медиум, вклучувајќи ги тука методите како директно испраќање на пошта или телемаркетинг“.

akademik fotoПри користење на директниот маркетинг како средство за рекламирање, беше нагласено на обуката, треба да се внимава да не се повреди приватноста на граѓаните. Најчесто тоа се случува со формирање на збирки на лични податоци кои содржат одредени карактеристики на лицата, како што се: возраста, полот, имотната состојба, потрошувачките навики.

akademik foto

Според последниот извештај на Дирекцијата за заштита на личните податоци, најбројни се претставките поради злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи. Поради креирање лажни фејсбук-профили, до Дирекцијата пристигнале 111 претставки, 63 претставки поради пробиени фејсбук-профили, а 65 се однесуваат на социјалните мрежи генерално.

akademik foto

Тринаесет претставки се однесувале на креирање лажен фејсбук-профил на дете. Освен претставките против злоупотреба на социјалните мрежи, најмногу претставки биле упатени и против државната управа, поточно 86 претставки кои се однесувале на новинарско прашање, додека 18 на видеонадзор.

akademik foto

Како што вели предавачот на обуката Игор Кузевски, во Македонија постои и злоупотреба на личните податоци на вработените, а најчести се повредите од областа на видеонадзорот. Покрај видеонадзорот, најчести повреди се и преобемното собирање на податоци од кандидатите за вработување, обработката преку копирање и чување на фотокопија од лична карта на вработените, обработката на ЕМБГ без законска основа,  изложеноста на вработените на постојан видеонадзор и обработка на податоците за здравјето на вработените без законска основа.

akademik foto

Учесниците на обуката велат дека на обуката на мошне јасен начин се образложиле најактуелните прашања од областа на заштитата на личните податоци. Презентацијата на предавачот, коментираат учесниците, беше одлична и сеопфатна, поаѓајќи од анализата на законската материја, па сè до појаснувањето на практичната примена на низа прашања поврзани со примената на регулативата.

„На обуката се говореше за најактуелните прашања од доменот на заштитата на личните податоци и имаше корисна презентација. Задоволна сум од обуката во секој поглед“, Катерина Поповска од компанијата „Нептун“.

„Да, обуката беше многу интересна и корисна и, во таа смисла, за нас мошне значајна, посебно за примената на прашањата за заштитата на личните податоци низ нашето практично работење“, Магда Јовановски и Силвана Јованоска-Стојчетовиќ од ЕВН Македонија АД Скопје.

„Супер помина обуката. Убаво образложена тема со јасни поенти. Многу сум задоволен од начинот на кој беше реализирана обуката“, Александра Таневска од „Паркленд гроуп“ ДООЕЛ.

„На обуката се говореше за Законот за заштитата на личните податоци, за неговото применување во праксата, се презентираа практични примери, се дадоа многу совети, имаше доста плодна дискусија. Во секој случај мошне корисна обука“, Љиљана Глигоровска-Чулева, Весна Алексовска и Марија Несторова од ЈП „Македонска радиодифузија“ – Скопје.

„Одлична е обуката, многу корисна и практична. Предавањето за заштитата на личните податоци беше многу корисно, со многу информации и со многу насоки како да се постапува во праксата во делот на заштитата на личните податоци“, Зоран Матовски од Државна видеолотарија на Македонија.

„Предавачот е одличен. Многу добро ја образложи темата за која се разви и интерактивна дискусија, се поставуваа прашања и се разменуваа мислења. Се говореше и за законскиот и за практичниот аспект“ – Маја Васовиќ-Чочоровска и Александра Тасевска од „ГЕМАК-траде Енвер“ ДООЕЛ.

„Темата на денешната обука е актуелно прашање за кое неминовно се потребни вакви обуки. Предноста на оваа обука беше извонредната презентација на темата од страна на предавачот. Многу сум задоволна од начинот на кој ја објаснуваше проблематиката, а со тоа, секако, задоволна сум и од денешната обука“, Марија Димоска од Управата за заштита на културното наследство.