/ Прочитано:

1.550

Академик одржа обука за примената на новите управни процедури во постапките од областа на градежништвото

Следејќи ги најактуелните прашања поврзани со законските новини од областа на општата управна постапка и од областа на градежништвото, Академик денеска одржа обука на тема „Примена на новите управни процедури (Законот за општата управна постапка) во постапките од областа на градежништвото“.

ЗОУП 1

На обуката, која се одржа во најсовремениот едукативен Центар за практични обуки во просториите на Академик, се даде практичен осврт на Законот за општата управна постапка, со посебен фокус на основните начела и на општите одредби содржани во ЗОУП во корелација со постапките од областа на градежништвото.

Во таа насока, на обуката се дискутираше за  прашањата што се однесуваат на основните карактеристики и на спецификите на решенијата содржани во новиот ЗОУП, за што предавачот на денешната обука Југослав Ѓеорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација, презентираше и практични примери.

Поедноставените постапки, скратените рокови,  поголемиот опфат на институциите, ефикасноста, економичноста, истакна Ѓеорѓиевски, се основните карактеристики и специфики на решенијата содржани во новиот ЗОУП.

Говорејќи за основните начела на ЗОУП во корелација со практичната примена на Законот, Ѓеорѓиевски подвлече дека е погрешно сфаќањето дека начелата не се поврзани со практичната примена на Законот. Во таа насока, Ѓеорѓиевски детално ги елаборираше: начелото на законитост, начелото на пропорционалност, начелото на економичност и ефикасност на постапката, начелото на еднаквост, непристрасност и објективност, начелото на сервисна ориентација на јавните органи, начелото на утврдување на материјалната вистина, начелото на сослушување на странките, начелото на слободна оцена на доказите, начелото на делегирање на надлежноста за решавање, како и начелото на правна заштита и начелото на активна помош на странката.

ЗОУП 2

Предавачот Ѓеорѓиевски на обуката говореше и за ефективното и за ефикасното водење на постапките од областа на градежништвото, со посебен акцент на поведувањето на постапката, главните рокови и насоките за изведување на докази. Како доказ за право на градење, во смисла на овој закон, истакна Ѓеорѓиевски, се смета имотен лист, договор за пренесување на правото на градење, договор за концесија или договор за јавно приватно партнерство,  одлука на Владата на Република Македонија, договор со заедницата на сопственици  и конечно решение за експропријација.

Во однос на изведувањето докази по службена должност, Ѓеорѓиевски рече дека  јавниот орган е должен да ги утврди фактите и околностите што се од значење за управното дејствие со изведување на потребните докази и податоци.

„Под докази и податоци, во смисла на овој закон, се подразбираат исправите (уверенија, сертификати, потврди и друго) кои се издаваат од надлежен орган кој води службена евиденција, а кои служат за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските или правните интереси на странките“, истакна Ѓеорѓиевски.

На обуката, исто така, беа споделени и практични совети за успешна комуникација со странките и со заинтересираните лица. Воедно,  беше елаборирано и прашањето за издавањето на одобрение за градење и неговата конечност, правосилност и извршност.

„За тематиката поврзана со примена на новите управни процедури во постапките од областа на градежништвото, значајно прашање е водењето на управната постапка пред првостепениот орган“, беше истакнато на денешната обука.

ЗОУП 3

„Управната постапка се смета дека е поведена на барање на странката на денот кога е поднесено барањето. Управната постапка што е поведена по службена должност започнува со првото дејствие во постапката преземено од овластеното службено лице“, нагласи Ѓеорѓиевски.

Од тој аспект, на обуката се говореше и за управните дејствија, за жалбата, за извршувањето и за посебни случаи на поништување, укинување и менување на решение. Видови на управно дејство, истакна  Југослав Ѓеорѓиевски, се  управен акт, управен договор, друго управно дејство и испорака на јавни услуги.

На обуката учесниците имаа можност за размена на мислења, за поставување прашања и за дискусија со предавачот во врска со сите прашања кои предизвикуваат дилеми низ практичното работење. Учесниците велат дека на обуката се разјасниле сите суштински аспекти на примена на новите управни процедури во постапките од областа на градежништвото.

„Има некои несогласувања меѓу Законот за градење и Законот за општата управна постапка, така што оваа обука навистина ни значи и, се разбира, сè е во насока на подобрување на нашата работа“, Горан Петковски, Општина Куманово.

„Предавањето беше многу поучно. На обуката што ја организира Академик слушнавме за некои работи што секако ќе ни бидат од голема корист во нашето секојдневно работење, а досега немало кој да ни ги разјасни“,Сања Димовска,  Општина Гази Баба.

„ЗОУП е закон којшто често се применува при носењето на управни акти во постапка при издавање одобрение за градба и во постапка за легализација на бесправно изградени објекти, па една ваква обука за нас, како службеници, е многу корисна бидејќи имаме можност да се стекнеме со сознанија кои се однесуваат на новините во Законот и да размениме искуства со колегите од другите општини“, Јован Митревски, Одделение за урбанизам во Општина Македонска Каменица.

„На оваа обука детално ни беше презентиран општиот дел од Законот. Успешноста на овие обуки е во самиот предавач и во начинот на предавање, колку тој своето знаење може да ни го пренесе нам, на учесниците. Тука успеавме да го слушнеме токму она што нè интересира“, Билјана Велјанова, Општина Центар.

„Задоволни сме од целиот тек на обуката. Преку предавањето и интерактивниот пристап на оваа обука ни се разјасни целиот концепт на ЗОУП“, Марија Смилевска, Општина Гази Баба.

„Законот има измени, па обуката е одлична шанса да ги добиеме сите потребни информации во врска со измените. Секое сознание е добредојдено“, Олга Баламовска, советник за издавање одобренија за градење во Општина Гевгелија.

„Денешната обука ќе има далекосежна примена бидејќи ЗОПУ навлегува длабоко во сите сфери на општественото живеење и ниту една област не може да функционира без примената на овој закон. Сметам дека со текот на времето ќе почне целосната имплементација на овој закон и сите други материјални закони ќе треба да ги усогласиме со примената на овој закон за да бидеме комплетни при одлучувањето во интерес на граѓаните“, Марија Спиридонова, Одделение за правни и општи работи во Општина Македонска Каменица.

„Академик ја направи оваа обука на највисоко ниво. Предавањето беше одлично и нам, кои доаѓаме од другите општини, многу ни значи бидејќи во однос на овие прашања немаме со кого да се консултираме. Законот сами го читаме, го толкуваме, но вака е многу подобро, особено што секој може да праша и да добие одговор веднаш“, Славица Пејовска, овластен градежен инспектор во Општина Битола.