/Прочитано:

3.856

Академик започнува нов циклус обуки посветени на практичната едукација на студентите по право

За квалитетно правничко образование, покрај теоретска е неопходна и практична едукација. Поаѓајќи од оваа максима, „Академик“ започнува со организација и реализација на обуки посветени на практичната едукација на студентите по право.

Целта на практичните обуки за студентите по право  е да се надгради академското знаење на студентите и да се подобрат нивните практични вештини. Со надградувањето на академското знаење и со подобрувањето на практичните вештини, студентите ќе ја зголемат својата компетитивност, со што ќе добијат подобро профилирање во правничката професија, а со тоа и подобра почетна позиција на пазарот на трудот. (Деталите за практичните обуки за студенти можете да ги погледнете и на следниов линк.)

Практичните обуки за студентите по право ќе започнат да се одржуваат од месец март 2017 година. Обуките ќе се одржуваат во најсовремениот едукативен и тренинг центар на „Академик“.

Првиот циклус обуки, насловен „Пишување на правни поднесоци“, е составен од 4 обуки. На првата од овој циклус обуки, која ќе се одржи на 7 март, ќе се говори за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба. Исто така, на обуката ќе се спроведе и практична вежба за пишување тужба. Втората обука, која ќе се одржи на 15 март, ќе биде посветена на подготовката и видовите жалби. На обуката ќе се реализира и практична вежба за пишување жалба.

На третата обука, која ќе се одржи на 28 март, ќе се говори за подготовка на договор за купопродажба, статутот на трговските друштва и договорот за друштво. Формата, содржината и начинот на подготовка на управен акт се тема на четвртата практична обука која ќе се одржи на 4 април. На обуката ќе се одржи и практична вежба за пишување управен акт.

Вториот циклус на обуките е посветен на структурата на власта во РМ. Во врска со темата „Структурата на власта во РМ“,„Академик“ ќе организира неколку циклуси на практични обуки, со што на 9 март ќе започне првата од овој циклус обуки насловена „Преглед на структурата на власта во Р Македонија“.

На втората обука која ќе се одржи на 16 март ќе се говори за извршните органи и за таа цел ќе се даде преглед, структура и функција на Владата, на министерствата и на други органи на државната управа (бироа, инспекторати, агенции, центри, служби итн.).

На третата обука, која ќе се одржи на 30 март ќе се елаборира прашањето за судската власт и во таа насока ќе се говори за видовите судови, нивните ингеренции и видови одлуки што ги носат.

Уставниот суд е тема на четвртата обука од циклусот обуки „Структурата на власта во РМ“ која ќе се одржи на 6 април во најсовремениот едукативен и тренинг центар на „Академик“.

Предавачи на циклусот обуки посветени на практичната едукација на студентите ќе бидат: Антоанета Димовска, судија во Основниот суд Скопје 2, Татјана Трендафилова, експерт за јавна администрација и Југослав Ѓеорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.

Судијата Антоанета Димовска  во Основниот суд Скопје 2 работи на граѓанските парнични предмети, а како истакнат судија и правник била предавач на бројни обуки и едукативни настани посветени на судската практика и примената на законите од областа на правосудството.

Државниот советник Југослав Ѓеорѓиевски важи за еден од подобрите познавачи на општата управна постапка и прашањата поврзани со органите на управата, јавниот сектор  и државната администрација. Ѓеорѓиевски бил предавач на голем број обуки, советувања и семинари поврзани со управните постапки и јавната администрација.

Како експерт за јавна администрација и европски политики,  м-р Татјана Трендафилова има богато искуство во поглед на  реформите на државната администрација и важи за еден од најдобрите познавачи на прашањата кои се однесуваат на структурата на власта и на македонското законодавство.

 Циклус 1: „Пишување на правни поднесоци“

  • Обука 1: Форма, содржина и начин на подготовка на тужба, практична вежба за пишување тужба – 7 март 2017
  • Обука 2: Подготовка и видови жалби, практична вежба за пишување жалба – 15 март 2017
  • Обука 3: Подготовка на договор за купопродажба, статут на трговски друштва, договор за друштво – 28 март 2017
  • Обука 4: Форма, содржина и начин на подготовка на управен акт, практична вежба за пишување управен акт – 4 април 2017

 Циклус 2: „Структура на власта во РМ“

  • Обука 1: Преглед на структурата на власта во Р Македонија – 9 март 2017
  • Обука 2: Извршни органи – преглед, структура и функција на Владата, на министерствата и на други органи на државната управа (бироа, инспекторати, агенции, центри, служби итн.) – 16 март 2017
  • Обука 3: Судска власт – видови судови, нивни ингеренции и видови одлуки што ги носат – 30 март 2017
  • Обука 4: Уставен суд – 6 април 2017

За повеќе информации, контактирајте нѐ на practicum@akademik.com.mk или на 02/3232-821.