/ Прочитано:

2.148

АКЦИЈА „ЕРАЗМУС“: Професорите барале поткуп од 500 до 1 000 евра за да им напишат преодна оценка на студентите

Шемата била разработена на тој начин што сопственикот на бифето поткупот го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот. Понатаму, асистентот парите им ги предавал на професорите со цел тие во индексите на студентите да напишат преодна оценка - шест.

Митко Чавков, МВР

Две години била следена групата од  шестмина професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето на Економскиот факултет во Скопје, кои на директен или индиректен начин преку посредници барале поткуп со цел студентите да добијат преодна оценка за положен испит по предметите кои ги предавале осомничените професори.

Како што информираше министерот за внатрешни работи Митко Чавков, лицата се осомничени за повеќе кривични дела: примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

Шемата била разработена на тој начин што сопственикот на бифето поткупот го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот. Понатаму, асистентот парите им ги предавал на професорите со цел тие во индексите на студентите да напишат преодна оценка – шест.

Преодни оценки се купувале по предметите: основи на економија, основи на сметководство, математика за економисти, статистика за бизнис и економија, економика на претпријатијата и менаџмент на мали бизниси.

„Пријавените во текот на 2015 и 2016 година заради стекнување на противправна имотна корист ја искористиле својата службена положба на начин што од студенти на екомскиот факултет барале парични средства. Во случаите за кои постојат докази, пријавените барале суми од 500 до 1 000 евра за да напишат оценка која студентите не ја заслужувале, а документиран е и случај кога оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак не го пријавиле испитот, воопшто“, рече Чавков на денешната прес-конференција.

МВР извршило 13 претреси врз основа на наредба од судија на претходна постапка од кои седум во домовите на осомничените, четири во професорските кабинети, во бифето и на Студенстки прашања на Економскиот факултет.

„При претресот на возилото на еден од осомничените пронајдени се парични средства во висина од  1 000 евра кои се предмет на кривичното дело. Кај друг професор пронајден е телефонски апарат „Ајфон 6“, исто така, предмет на кривично дело, а во неговиот кабинет се пронајдени 4 индекси. Во домот на друг осомничен пронајден е, исто така, еден индекс. Од Студентски прашања одземени се 17 студентски досиеја. При претресот е пронајден и нотес во кој имало матични броеви и други податоци на студенти“, рече Чавков.

Пет лица се приведени и тие веќе се изведени пред судија на претходна постапка, потврдуваат од Кривичниот суд.

За лицата Д. Ф., С. Д. и Љ. И. од страна на Обвинителството изготвени се покани за разговор и се очекува тие денеска да бидат сослушани таму.

Во соопштението на Обвинителството поврзано со акцијата беше наведено дека постојат основи за сомневање дека биле барани и сексуални услуги од студентите, за што Чавков истакна дека е чувствителна тема и за која се надева дека во понатамошната постапка обвинителството ќе приложи соодветни докази за повеќе начини на кои пријавените ја злоупотребиле службената положба.

Чавков истакна дека со вчерашната полициска акција не била нарушена автономијата на Универзитетот бидејќи за одредени кривични дела за кои постои сомневање дека се вршат во рамките на Универзитетот, полицијата може да врши претреси. За акцијата бил известен и ректоратот на УКИМ.

М. С.

ОБВИНИТЕЛСТВО: Осум лица од Економскиот факултет осомничени за повеќе коруптивни дела