/ Прочитано:

1.225

АКРМ ќе изготви автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите

Четврток, 30 април 2015 – Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ) закажа посебна седница на Управниот одбор на која ќе се изготви автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и притоа ќе се разгледуваат повеќе спорни прашања.

На седницата, прецизираат од АКРМ,  ќе се разгледуваат следниве прашања:

  • Правото на надоместок на сите трошоци утврдени со АТ;
  • Досудување на патни трошоци за адвокат чие седиште е надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд;
  • Непризнавање на награда за состав на трошковник;
  • Досудување на трошоци за застапување за одржано посебно рочиште за донесување и објавување на пресуда.

Од Комората истовремено ги повикуваат сите адвокати кои имале други проблеми или негативни искуства во практичната примена на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите да се обратат до Комората најдоцна до 4 мај (понеделник).

„Се повикуваат сите колеги кои имале други проблеми или негативни искуства во практичната примена на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, да се обратат до Адвокатска комора на Република Македонија на е-маил. lawyermk@mba.org.mk, најдоцна до 04.05.2015, како истите би биле разгледани на седницата и опфатени со Автентичното толкување на АТ“, се вели во соопштението на АКРМ.