/ Прочитано:

5.984

АКРМ: Нотарите одеднаш станаа и адвокати на министерот за правда

Адвокатската комора на Република Македонија најостро реагира на соопштението на Нотарската комора на Република Македонија и на изјавите на Организацијата на работодавачи во врска со Законот за нотаријат.

Нотарската комора објави соопштение во кое се истакнува дека не е точно дека  министерот за правда упатил законско толкување туку мислење и објаснување на примената на член 22 од Законот за договорен залог. Исто така, во соопштението на Нотарската комора на Република Македонија се вели дека не е точно дека нотарите на штета на граѓаните го опструираат Законот за нотаријат.

„Ја прашуваме Нотарската комора, од  кога министрите објаснуваат закони и што е разликата помеѓу зборот објаснување и толкување? Воедно, ѝ благодариме на Нотарска комора на РМ што ја потврди изјавата на претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, објаснувајќи дека министерот за правда не го толкува законот, туку го објаснува. Министерот ниту толкува, ниту објаснува закони, туку тие што сметаат дека одредена законска одредба е нејасна, во процедура предвидена со Уставот на РМ и Деловникот на Собранието, се обраќаат до Законодавно-правната комисија при Собранието, а потоа Собранието носи толкување или како што нотарите го нарекуваат, објаснување.  Но, со цел на јавноста да ѝ биде појасно, ова е хронологијата што ѝ претходи на ова толкување:

Нотарската комора на РМ се обраќа со свое мислење за одредбите од Законот за нотаријат, Законот за договорен залог и Законот за меница. Министерот за правда го препишува тоа мислење и го испраќа до Нотарската комора на РМ со дополнување дека тие нотари  што не се придржуваат кон наведеното ќе бидат санкционирани. Вистинско ‘владеење на правото’!

Дали е ова причината што одеднаш нотарите станаа адвокати на министерот за правда, па наместо него, објаснуваат во јавноста дека министерот не дал толкување, туку мислење, не презентирајќи дека на крајот на мислењето (толкувањето), министерот се заканил со дисциплински постапки“, истакнуваат од АКРМ.

Покрај Нотарската комора на РМ, вчера и Организацијата на работодавачи ги оспори законите за извршување и нотаријат. Според ОРМ, новите законски решенија се одразувале врз вработувањето на правниците.

„Во однос на Организацијата на работодавачи (ОРМ), која вчера, 15.03.2017, изнесе бројни дезинформации во јавноста, задоволство ни е да ги известиме дека вчера, 15.03.2017, Адвокатската комора на РМ во адвокатурата прими 61 нов адвокат, самовработени, бидејќи не чекаат ОРМ да вработува по 10 правници годишно. Манипулативни се и тврдењата дека новите законски решенија се одразувале врз вработувањето на правниците, дека тие биле обесправени. Апсурдно е да се тврди дека за два платни налози некој вработува правник. Адвокатурата е таа што вработува најмногу правници и тоа се лесно проверливи податоци“, велат од АКРМ.

Во согласност со статистичките податоци, само минатата година близу 570 правници биле вработени во адвокатура, од кои дури 370 адвокати. Тоа е одговорот, велат од АКРМ, на нивното барање адвокатската дејност да ја извршуваат нелиценцирани правници со тригодишно правничко образование.

„За разлика од нив, адвокатите мора да имаат завршено минимум четири, односно пет  години правни студии, да положат правосуден испит,  да се здобијат со адвокатска лиценца и да ги исполнат другите специфични услови во согласност со Законот за адвокатура. Поради тоа, Адвокатската комора на РМ оценува дека јавните настапи на ОРМ, нивниот Предлог-закон за измени на Законот за нотаријат, како и образложение претставуваат нескриено барање за легализација на надриписарството.  Тоа што во поддршка на ваквите барања за легализација на надриписарството се приклучуваат нотарите е разбирливо, со оглед на историјата на овие служби.  Но, она што за нас е нејасно, според тврдењата на ОРМ, е дека наводно ваквите барања ги поддржуваат и извршителите. Доколку овие наводи се точни, иднината ќе покаже зошто и тие се залагаат за надриписарство“, посочуваат од АКРМ.

„ЗА АДВОКАТИТЕ ПРАВНАТА СИГУРНОСТ Е ПРЕД СÈ“ – Претседателот на АКРМ со остри критики за опструкциите на Законот за нотаријатот од страна на нотарите и министерот за правда

Нотарската комора демантира дека нотарите го опструираат работењето на адвокатите

М.В