/ Прочитано:

4.123

АКРМ: Уставниот суд уште еднаш ја потврди уставноста на задолжителното присуство на адвокат во постапката пред нотар

Како што претходно објави Академик, Уставниот суд донесе решение во врска со иницијативата поднесена од Нотарската комора за одредби од Законот за нотаријатот. Во врска со ова решение, Адвокатската комора денеска објави соопштение. Уставниот суд на РМ, се вели во соопштението на АКРМ, не поведе постапка по иницијативата на Нотарската комора на РМ  за оценување на уставноста на член 95 став 4 и член 153 став 6 од Законот за нотаријатот, како и за   запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот, во целина.

„Според Уставниот суд, не може да се прифати дека оспорениот став 4 на членот 95  од Законот за нотаријатот според кој „полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“ е нејасна и непрецизна одредба која не овозможува остварување на уставно утврдените слободи и права и дека тоа водело кон повреда на начелото на владеење на правото“, посочуваат од АКРМ.

Во однос на уставноста на членот 153 став 6 од Законот, според кој  „доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на преостанатите 50% од наградата и трошоците“, Судот објаснува дека тоа што, во согласност со член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата,адвокатската тарифа ја донесува Адвокатската комора не значи дека со оспорениот дел од член 153 став 6 од Законот за нотаријатот се повредува членот 53 од Уставот и гарантираната самостојност и независност.

Судот оценува дека со наведеното решение законодавецот определил дека нотарот и адвокатот треба да си ги поделат наградата и трошоците во еднакви делови, од каде што основот за определување на висината на наградата и трошоците треба да биде единствен (член 153 став 6 од Законот за нотаријатот). Ова е од значење уште повеќе што постапката за расправање на оставината ја води нотарот, а адвокатот во неа учествува само како полномошник на учесниците во оставинската постапка.  Впрочем, во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите е креиран оспорениот член 182 став 2 од Законот за нотаријатот, според кој Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа во согласност со одредбите од овој закон во рок од два месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

„Во таа смисла, Адвокатската комора на Република Македонија има донесено одлука за измена на тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите (‘Службен весник на Република Македонија‘бр.122/2016), во која во членот 8 став 1 точка 5 став 2 е пропишано дека во оставинска постапка пред нотар каде што со закон е предвидено задолжително учество на адвокат, наградата и трошоците за соодветното правно дејство за адвокатите кои задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право напреостанатите50% од наградата и трошоците“, се вели во решението на Уставниот суд.

Во врска со дополнувањето на иницијативата, додаваат од АКРМ, со кое Нотарската комора бара од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот, во целина,  Судот оценува дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето за донесување на решение за изрекување на времена мерка од причина што за прашањата за кои се бара изрекување на времената мерка, надлежен е законодавецот, а не Уставниот суд на Република Македонија.

Интегрален текст на Решението на Судот

Решение на Уставниот суд во врска со иницијативата поднесена од Нотарската комора за одредби од Законот за нотаријатот

М.В