/ Прочитано:

1.345

Активистите за правата на животните со забелешки за најавените измени на Законот за заштита и благосостојба на животните

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните. На најавените дополнувања на Законот реагираат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, од каде што истакнуваат дека законските дополнувања нема да ја остварат својата цел.

foto akademik

Имено, во образложението на законското решение, кое е сè уште во нацрт-фаза, се предвидува додавање одредби со кои се пропишува дека општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, треба да имаат одобрено прифатилиште за бездомните кучиња, а по исклучок општините кои имаат помалку од 30 000 жители и општините на Градот Скопје да можат да се групираат со една или со повеќе соседни општини и да формираат регионално прифатилиште или да користат услуги од општините кои имаат одобрено прифатилиште. Податоците за бројот на жители на општината, се вели во Нацрт-законот, се добиваат од страна на Министерството за локална самоуправа.

„За справување со популацијата на бездомни кучиња и за нивна благосостојба и хумано третирање, потребно е општините да имаат прифатилишта кои ги одобрува Агенцијата за храна и ветеринарство“, посочуваат Министерството и Агенцијата во Нацрт- законот.

Адвокатката Наталија Радивојевиќ-Миленкова, активен член и адвокат на Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ и правен советник на повеќе други здруженија за заштита на животни, во врска со најавените дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, вели дека ваквите законски дополнувања не можат да ја остварат својата цел и дека се подготвуваат без анализа којашто ќе биде одраз на реалната состојба.

akademik foto 1

„Најголемиот проблем е во средствата. Ќе се обврзат општините, а тие немаат средства за такви прифатилишта. Тоа значи дека наместо нови прифатилишта, ќе се создадат нови мачилишта за животните. Не е решение на проблемот законите да се дополнуваат само про форма. За нивното спроведување неопходни се и други импликации, а во овој случај првенствено во однос на средствата. Не може општини кои сè уште ги немаат решено ниту основните урбани проблеми за нормално човечко живеење, поради немање средства, да обезбедат прифатилишта што ќе значат благосостојба за животните. Напротив, тоа ќе бидат нови мачилишта“, истакнува адвокатката Радивојевиќ-Миленкова.

Адвокатката упатува и критика дека институциите не соработуваат со организациите кои се фокусирани со својата работа кон правата на животните и кои реално ја знаат состојбата и колку би можело реално да се спроведува едно законско решение. Ваквата соработка е неопходна, вели адвокатката, и при подготовка на нови законски одредби, но и при практичното спроведување на тие одредби.

Дополнително, додава адвокатката Радивојевиќ-Миленкова, ваквите законски дополнувања не можат да профункционираат кога истовремено не е профункциониран ни системот за идентификација и регистрација на животни, предвиден во Законот за идентификација и регистрација на животните.

M.В