/ Прочитано:

2.441

Александар Вучиќ е новиот претседател на Република Србија

Анкетите на агенциите за истражување на јавното мислење во Србија покажуваат дека Александар Вучиќ освои меѓу 54,9 и 55,7 отсто од гласовите, додека далеку зад него е независниот кандидат и поранешен народен правобранител Саша Јанковиќ со освоени меѓу 15,6 и 16,3 проценти.

Српскиот премиер Александар Вучиќ е новиот претседател на Република Србија, откако на вчерашните претседателски избори освои околу 55 проценти од гласовите. Со овој резултат тој е победник уште во првиот круг од изборите, а прогласувајќи ја својата победа, доцна синоќа изјави дека за него гласале повеќе од два милиони избирачи.

„Многу сум горд на фактот дека добивме огромна доверба и од три милиони и 700 илјади луѓе кои гласаа, конечната проценка е дека добивме околу два милиони и 35 илјади гласови. Ова е важен ден за нас и важно е дека се покажа во кој правец сака да оди Србија. Важно е дека победата е чиста како солза и дека разликата не е мала“, изјави Вучиќ на прес-конференцијата што се одржа синоќа во седиштето на неговата владејачка Српска напредна партија (СНС).  

На изборите покрај Вучиќ учествуваа уште 10 кандидати, а како што објавија медиумите, тој освоил 12 проценти повеќе гласови од сите кандидати заедно.

Анкетите на агенциите за истражување на јавното мислење покажуваат дека Вучиќ освои меѓу 54,9 и 55,7 отсто од гласовите, додека далеку зад него е независниот кандидат и поранешен народен правобранител Саша Јанковиќ со освоени меѓу 15,6 и 16,3 проценти.

Најголемо изненадување на овие претседателски избори во Република Србија е Лука Максимовиќ кој според освоените гласови е на третото место. Тој во текот на претседателската кампања настапуваше под името на своето алтер его, сатиричниот лик Љубиша Прелетачевиќ-Бели и обезбеди меѓу 9,4 и 9,6 отсто од гласовите, пред поранешниот шеф на српската дипломатија Вук Јеремиќ, кој освои меѓу 5,7 и 5,8 проценти. За лидерот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, гласаме меѓу 4,4 и 4,5 од избирачите. 

Истовремено, пак, српската Републичка изборна комисија, врз основа на 56,56 проценти преброени гласови, информира дека Вучиќ освоил 57,03 отсто од гласовите, Јанковиќ 14,89, Максимовиќ-Бели 9,04, Јеремиќ 5,33, а Шешељ 4,49 проценти.

Анкетите на агенциите за истражување на јавното мислење покажуваат и дека излезноста на избирачите на годинешните избори за претседател на државата била околу 56 отсто, што е за два проценти помалку од претседателските избори во 2012 година.

Аналитичарите во Србија се согласуваат со оценките дека победата на Вучиќ воопшто не е изненадување, од една страна и од друга страна дека опозицијата во земјата вистински разочара. Според одделни набљудувачи на политичките прилики, не се очекува Вучиќ да поднесе оставка од функцијата лидер на Српската напредна странка. Говорејќи за начинот на кој Вучиќ ќе ја извршува претседателската функција, истакнатиот српски социолог, Милан Николиќ, оценува дека и покрај тоа што претседателот има мали и формални овластувања, Вучиќ „во претседателскиот кабинет ќе внесе неформална политичка моќ“. Ова ќе биде слично, вели Николиќ, на времето кога Борис Тадиќ во вториот мандат беше претседател на Србија, но овој пат тоа ќе биде многу поизразено.

Аналитичарот Драгомир Анџелковиќ истакнува дека не се очекуваат големи промени во новата влада и дека тоа, всушност, ќе биде континуитет на работата на досегашниот владин кабинет. Анџелковиќ смета дека Вучиќ ќе има огромно влијание и врз внатрешната политика во Србија и врз економијата.

А. Б.