/ Прочитано:

2.435

АЛТЕРНАТИВНИТЕ ВОНСУДСКИ ПОСТАПКИ И ПРИСТАПОТ ДО ПРАВДА: Европскиот парламент и Советот на ЕУ за медијацијата во граѓанските и трговските спорови

Целта за обезбедување подобар пристап до правдата, како дел од политиката на Европската Унија за основање на област на слобода, безбедност и правда, треба да опфати пристап до методи на судско и вонсудско решавање на спорови, се вели во Директивата 2008/52/ЕЗ на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија.

akademik foto 1

Директивата има цел да ги подобри фундаменталните права и ги зема предвид начелата од Повелбата за фундаментални права на Европската Унија. Создавањето на алтернативни вонсудски постапки, се посочува во Директивата на ЕУ, придонесува кон пристапот до правдата како фундаментално човеково право.

Целта за обезбедување подобар пристап до правда, како дел од политиката на Европската Унија за основање на област на слобода, безбедност и правда, треба да опфати пристап до методи на судско и вонсудско решавање на спорови. Во таа насока, оваа директива треба да придонесе за правилното функционирање на внатрешниот пазар, особено бидејќи ја засега расположливоста на медијаторски услуги.

Медијацијата, се вели во Директивата, може да овозможи финансиски исплатливо и вонсудско решавање на спорови по граѓански и трговски прашања преку процес приспособен на потребите на страните. Поверојатно е дека спогодбите што произлегуваат од медијација ќе се спроведуваат на доброволна основа и ќе резултираат со пријателска и одржлива врска меѓу странките. Овие придобивки се уште поистакнати во ситуации каде што постојат прекугранични елементи.

Како постапка ориентирана кон пронаоѓање на ефективни пазарни решенија,  во Директивата се истакнува дека медијацијата не треба да се смета за полоша алтернатива на судската постапка, во смисла на тоа дека почитувањето на спогодбите што произлегуваат од медијацијата би зависеле од добрата волја на страните.

Доверливоста е важна во процесот на медијација, па според тоа оваа директива треба да обезбеди минимален степен на споредливост на прописи од граѓанска постапка во однос на тоа како да се заштити доверливоста на медијацијата во сите понатамошни граѓански и трговски судски постапки или арбитража.

Медијаторите и оние вклучени во администрацијата на процесот на медијација не треба  да бидат присилени да откриваат докази во граѓански и трговски судски постапки или арбитража во однос на информации што произлегуваат од процесот на медијација или во врска со него.

Медијацијата утврдена во оваа директива треба да претставува доброволен процес во смисла на тоа дека страните сами се одговорни за процесот и може да го организираат онака како што сакаат, и да го завршат во секое време. Сепак, според националното право, се вели во Директивата, судовите треба да бидат во можност да утврдат рокови за процесот на медијација. Освен тоа, судовите треба да им ја предочат на страните можноста за медијација секогаш кога тоа е соодветно.

Во Директивата се нагласува и значењето на креирањето предвидлива правна рамка и  законодавство кое конкретно ќе се осврне на клучните аспекти на медијацијата и, во таа насока, на граѓанската постапка.

Медијацијата, како еден од алтернативните начини на решавање на споровите, во Република Македонија е промовирана со донесувањето на Законот за медијација во 2006 година, изготвен во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот систем 2004-2008, со примарна цел растоварување на судовите од огромниот број предмети, како и определбата на Република Македонија за интегрирање во европските текови.

Постапката за медијација е посебен вид постапка која по својот карактер е доброволна, ефикасна, брза и поевтина од судската постапка. Медијација може да се применува во граѓански, трговски, работни, потрошувачки и во други спорни односи меѓу физички и правни лица во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања во согласност со закон, а може да се применува и во семејни и кривични спорови доколку одговара на природата на спорните односи или доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Предностите на медијацијата се изразуваат преку неформалноста и флексибилноста на постапката, со оглед на тоа што во медијацијата се земаат предвид интересите на страните за постигнување меѓусебна спогодба која ќе биде доброволно почитувана од страните.

M.В