/ Прочитано:

1.526

Американскиот судија Пол Г. Бајрон одржа предавање во Академијата за судии и јавни обвинители

Американскиот судија Пол Г. Бајрон во Академијата за судии и јавни обвинители одржа предавање пред шестата генерација слушатели на почетна обука.

Неговото предавање се состоеше од презентација на методот ППАЗ/ЗПАЗ односно прашање, правило, анализа, заклучок или заклучок, правило, анализа, заклучок (IRAC/CRAC), по што се спроведе анализа и во интеракција со присутните беше дискутиран овој метод.

Исто така, беа презентирани повеќе одлуки на судовите во САД пред слушателите на почетната обука, по што следуваа дискусии и беа извлечени заклучоци во однос на овие одлуки. Примерок од одлуките, како и други материјали беа поделени на слушателите на почетната обука.

Судијата Бајрон има дипломирано на Универзитетот во Мичиген во 1983 година и на Државниот правен центар во Луизијана во 1986 година. Од 1986 до 1990 служел во Корпусот на генералниот застапник на Армијата на САД како обвинител и советник за одбрана. Потоа судијата Бајрон бил заменик обвинител во округот Флорида во наредните десет години.

За ова време додека е во одделот за правда, судијата Бајрон работи на предмети од организиран криминал, трговија со дрога, како и комплексен криминал на белите мантили, вклучувајќи и гонење за меѓународни измами и перење пари во здравството.
Во 2001 година како судија работел во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, Холандија. Судијата Бајрон постапувал по случаи против високи политички и воени претставници одговорни за сторени воени злосторства во Босна и Херцеговина.

Во 2004 година се враќа во Одделот за правда и работи во меѓународниот сектор на Одделението за конфискација на средства и перење пари, каде што има обезбедено советување на повеќе од 14 земји како експерт во банкарски надзор и финансирање на борбата против тероризам. Исто така, има учествувано во изготвување на закони за спречување на перење пари на голем број земји.

Во 2005 година, судијата Бајрон станува партнер во адвокатско друштво специјализирано за парнични постапки, каде што има водено комплексни постапки.Како американски судија, Бајрон редовно предава на меѓународно ниво за теми поврзани со судски реформи, корупција, перење пари, финансирање тероризам и истражни техники.

Покрај предавањето во Академијата, во рамки на проектот за размена на искуства меѓу судии од Соединетите Американски Држави и Република Македонија, имплементиран во соработка со Здружението на судии на Република Македонија, судијата Пол Г. Бајрон  го посети и Основниот суд Скопје 1. Како што соопштија од судот,  судијата Бајрон одржа средба со судиите и присуствуваше на главна расправа на неколку предмети, со цел запознавање со начинот на работа на Кривичниот суд во Скопје.

M.В