/Прочитано:

154

Аналитика тинк тенк објави студија за соработката меѓу Македонија и Грција преку мерките за градење доверба

Во трудот „Македонија – Грција, соработка преку мерките за градење доверба, наоди од граѓанското општество“, чиишто авторки  се: Магдалена Лембовска  и Соња Ристеска,  се наведува дека прекуграничната соработка во рамките на програмите финансирани од ЕУ претставува една од поуспешните мерки што позитивно придонесуваат кон градењето доверба меѓу Македонија и Грција.

Успешната имплементација на проектите обично се случува во рамките на големите програми за соработка врз основа на позитивни искуства со познати и сигурни партнери. Ова значи дека довербата е изградена врз позитивни искуства и запознавање, што е можно само кога има можност двете страни да работат заедно. Има службеници кои се компетентни и подготвени да бидат вклучени во вакви проекти и тоа е еден од клучните фактори што овозможуваат нивно успешно спроведување.

Од друга страна, откриените предизвици главно се однесуваат на оперативните прашања и тие не се разликуваат од предизвиците што се типични за заеднички проекти со партнери од две различни земји. Сепак, овие прашања немаа капацитет да ја поткопаат севкупната успешна соработка.

Во исто време, овие наоди и позитивни перцепции кон грчките државјани може да се ограничат само во регионот на Северна Грција. Имено, некои од испитаниците истакнаа дека градењето доверба во некои случаи е олеснета од чувствата на социо-културна блискост и говорењето на истиот јазик.

Во однос на прашањето за името, се вели во трудот, може да се заклучи дека овој проблем не е голема пречка за соработка. Главната причина за ова се веќе воспоставените правила и процедури за брендирање од страна на ЕУ, со оглед на тоа што соработката се случува во рамките на постојните шеми на ЕУ.

Овој наод, во комбинација со фактот дека надворешната поддршка е една од главните мотивации за соработка, покажува дека ЕУ може да се идентификува како клучен застапник на прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција.

„Што се однесува до соработката во областите наука и образование, заклучокот е дека Македонија не води евиденција колку заеднички проекти во различни програми на ЕУ има во кои се соработува со Грција во овие две области. Министерството за образование и наука треба да направи попис и да провери за сите соседни земји во какви сè научно-истражувачки проекти соработува, вклучувајќи ја и Грција, за да може правилно да ги идентификува потенцијалите за соработка, недостатоците, каде има капацитет за зголемена соработка итн.“, се посочува во трудот.

Спорот со името, за разлика од прекуграничната соработка, има големо влијание врз институционалната соработка, па оттука таа е речиси непостоечка, а со тоа многу е тешко да се најдат или да се создадат податоците потребни за да се увиди каква е соработката во науката и образованието.

По повеќе од 25 години независност на Македонија, соработката со Грција, покрај туризмот и прекуграничната соработка, е на многу ниско речиси базично ниво. Не постои институционализирана практика како да се соработува, нема ниту неофицијални практики, и поради тоа сè се сведува на многу ад хок и спорадична соработка, речиси целосно зависна од помошта на ЕУ преку нејзините проекти.

Постои потреба и потенцијал за соработка во заеднички проекти во образованието и науката од двете страни и има и многу достапни фондови, но спорот со името ќе продолжи да поставува пречки во оваа соработка додека двете страни не најдат иновативен начин како да го надминат тоа, како што го сторија тоа локалните власти во Програмата за прекугранична соработка.

(Линк на документот на  англиски јазик: http://analyticamk.org/images/2018/Macedonia-Greece__Cooperation_through_the_Confidence_Building_Measures_view_from_civil-societys_point_e474d.pdf ).

Документот е подготвен во рамките на проектот Мерки за градење на доверба помеѓу Грција и Македонија, поглед од граѓанското општество, финансиран од страна на Шведското министерство за надворешни работи, а во соработка со грчкиот партнер ЕЛИАМЕП од Атина.

М.В