/ Прочитано:

1.773

АНАЛИЗА НА КАЗНЕНАТА ОДГОВОРНОСТ НА ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ КАКО ПРАВНИ ЛИЦА – доц. д-р Александар Маршавелски

Кога станува збор за расправата во врска со казнената одговорност на политичките партии, како клучни спротивставени интереси се појавуваат интересите на правдата и интересите на демократијата.

slika

Д-р Александар Маршавелски, доцент на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб, Република Хрватска

Кога станува збор за расправата во врска со казнената одговорност на политичките партии, како клучни спротивставени интереси се појавуваат интересите на правдата и интересите на демократијата. И покрај тоа што историскиот развиток на казненото право се движеше во насока на напуштање на колективната одговорност, новите тенденции укажуваат на тоа дека индивидуалната казнена одговорност е сепак недоволна. Некои казнени дела се извршуваат од името на колективот и за задоволување на неговите интереси. Поради тоа, се смета за праведно да се казни целиот колектив, а не само неговите поединци. Таков интерес на правдата постои и во поглед на политичките партии. Авторот во овој труд ја анализира проблематиката на казнената одговорност на политичките партии како правни лица.

Улогата на политичките партии во казненоправните системи обично се гледа низ призмата на овластувањата што ги имаат тие преку членовите на извршната и законодавната власт и во создавањето на казнената политика на одредени земји. Во модерните демократии, уставното право им дава голема моќ поради фактот што граѓаните ги избрале токму нив, преку демократски избори за да ги претставуваат нивните интереси. Сепак, во јавноста сè повеќе се покажува дека и политичките партии се способни за извршување кривични дела ‒ било тоа да значи злоупотребување на својата положба и овластувањата (на пример, полицијата, војската и финансиската моќ врз буџетот), во својство на владејачка партија, или преку извршување незаконски акти како опозициска партија (политички казнени дела, тероризам и сл.).

Во литературата досега речиси никој не се осврна на проблематиката на кривичната одговорност на политичките партии бидејќи оваа форма на одговорност на политичките партии до неодамна беше можна само во правната теорија, меѓутоа, во практиката, одговорноста на политичките партии не се појави прва во демократските земји. Така, и според македонскиот Кривичен законик, политичката партија може да биде одговорна како правно лице, но досега ниту една политичка партија не одговарала за сторено кривично дело. За разлика од многу земји во кои сè уште постои дискусија дали политичките партии треба да се сметаат за правни лица (особено во англосаксонските земји), во Република Македонија кривична одговорност на политичките партии е предвидена во чл. 122 став 6 од Кривичниот законик. Во наведената одредба јасно пишува дека како правни лица се сметаат и политичките партии.

Актуелниот случај од Хрватска нè учи дека ова прашање неспорно има и практично значење. Имено, првиот случај во демократска земја каде што политичка партија, како правно лице, била обвинета и осудена за криминал, се случи токму во Хрватска и тоа се однесуваше на една од главните политички партии ‒ Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Правосилната пресуда за злоупотреба на службената положба и овластување на ХДЗ беше донесена во март 2014 година. Меѓутоа, во септември 2015 година, Врховниот суд на Република Хрватска ја поништи пресудата и го прати случајот назад на повторно судење. Овој случај ќе послужи како пример на кој ќе примениме одредени теоретски проблеми за примената на кривичното право врз оваа специфична група правни лица. Притоа, во текстот ќе се осврнеме и кон применливоста за кривична одговорност на политичките партии во Република Македонија, особено во контекст на неодамнешните политички афери што доведоа до сегашната политичка криза во Република Македонија… Целосниот текст на трудот АНАЛИЗА НА КАЗНЕНАТА ОДГОВОРНОСТ НА ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ КАКО ПРАВНИ ЛИЦА на доц. д-р Александар Маршавелски, објавен во Македонска ревија за казнено право и криминологија бр. 2/2016 во издаваштво на Здружението за казнено право и криминологија.