/ Прочитано:

4.155

АНАЛИЗА НА ПРОБЛЕМИ ПРИ ПРАКТИЧНАТА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Во практичната примена на применливиот Закон за семејството се стекнува впечаток дека не постои доволна индивидуализација во постапувањето на институциите при семејно-правните работи и тоа како во постапките за доверувањето на чување и воспитување на децата, така и во постапките за уредување на личните контакти на детето со родителот кому детето не му е доверено на чување и воспитување.

Имено, во постапките за доверување на чување и воспитување на децата речиси секогаш детето се доверува на мајките, додека во постапките за уредување на личните контакти речиси во секој случај се утврдува идентична динамика на видување на детето и родителот кому не му е доверено детето на чување и воспитување (практика е контактите на детето со родителот да бидат еднаш во текот на работната недела без ноќевање или евентуално со едно ноќевање, како и секој викенд наизменично со едно или две ноќевања).

Ваквото институционално постапување има повеќе последици во практичната реализација на Законот за семејството.

Пред сè, фактот што во постапувањето на институциите не постои доволна индивидуализација ја оневозможува целосната и правилна примена на Законот за семејство. За да има правилна примена на законските решенија, при донесувањето на своите одлуки, институциите мора да ги имаат предвид сите конкретни околности кои постојат во секој одделен случај и своите одлуки да ги приспособат на секој одделен случај. Не може посветен родител кој пред разводот на бракот поминувал квалитетно време со детето секој ден и родител кој со детето пред разводот не поминувал соодветно време со детето, ниту има таква желба, да имаат идентична динамика на остварување на личните контакти со децата.

Покрај ова, недоволната индивидуализација во постапувањето на една институција предизвикува недоволна индивидуализација во постапувањето на друга институција која постапува во конкретна семејно-правна работа. Така, судовите во бракоразводните парници своите одлуки главно ги базираат врз мислењата од Центарот за социјални работи, па ако при своето постапување Центарот не врши доволна индивидуализација, таквото постапување ќе се огледа и во пресудите на судот.

Недоволната индивидуализација во постапувањето на институциите најмногу и најлесно се забележува во образложението на мислењата и одлуките кои тие ги носат. Имено, образложението на речиси секое мислење и на речиси секоја одлука на Центарот за социјални работи е слично или речиси идентично, без анализа на секој посебен факт и без анализа на секој посебен доказ кој постои во секој конкретен случај. На овој начин, од образложението на конкретната одлука или мислење не може со сигурност да се утврди зошто во конкретниот случај Центарот одлучил како во изрекувањето на решението. Поради ова, ваквото мислење односно одлука има недостаток поради кој тоа не може да се испита, а ваквото постапување секој процесен закон го карактеризира како суштествена повреда на постапката.

Инаку, ваквото институционално постапување е веќе распространето и во пошироката јавност. Во практиката често се сретнуваат примери на родители кои востановената институционална практика во доверувањето на децата и во утврдување на динамиката на личните контакти на детето и родителот, ја третираат како законско решение кое мора да се примени во секој конкретен случај. И затоа во практиката често се сретнуваат родители кои сметаат дека нивно законско право е детето да го гледаат секој ден за разлика од другиот родител кој има законско право да го гледа детето само еднаш неделно.

Законот за семејство предвидува можност за родителите спогодбено да ги уредат родителските права и должности, што во сегашната практика од примената на Законот за семејство се покажа како добар начин за уредување на односите помеѓу родителите при развод на бракот. Меѓутоа, за да може родителите спогодбено да ги уредат своите родителски права и должности, се очекува Центарот за социјални работи да има активна улога и да вложи поголем ангажман за постигнување на родителските договори, што значи дека Центарот мора да излезе од „шаблонското“ постапување.

Тука не можеме а да не споменеме дека „шаблонското“ институционално постапување секако влијае и врз тоа како секој родител ја разбира својата позиција во однос на другиот родител и во однос на детето при разводот на бракот, што секако влијае врз склучувањето и на содржината на родителските договори при развод на брак. Со други зборови, ако сакаме оваа поента да ја банализираме, во услови на институционално „шаблонско“ постапување, се поставува прашањето зошто родител кој знае дека при развод на брак ќе го добие старателството над детето и ќе добие секојдневен контакт со детето, би склучувал договор со другиот родител и би правел отстапки кои инаку не би бил должен да ги прави, иако родителски договор во моментов е најдобро решение за децата при развод на брак.

Покрај гореопишаниот проблем, во практиката неретко се сретнуваат случаи на непостапување на родителите по решението на Центарот за социјални работи со кое се уредува динамиката на остварување лични контакти на детето со родителот кому детето не му е доверено на чување и воспитување. Притоа, ова непочитување на одлуките на Центарот за социјални работи се врши како од страна на родителот кој треба да остварува лични контакти со детето, така и од страна на родителот кому детето му е доверено на чување и воспитување. Иако применливите законски решенија предвидуваат механизми на заштита во ваков случај, впечаток е дека ефикасна заштита не постои, поради што ваквите случаи на непостапување по решението на Центарот се прилично чести.

Следна група практични проблеми во примената на Законот за семејство која може да се сретне во практиката се честите и многубројни неосновани пријави за сè и сешто кои едниот родител ги поднесува против другиот родител, и обратно (при што и самите родители често се свесни дека пријавите се неосновани), а по кои Центарот мора да постапи. На овој начин, родителите непотребно се изложуваат на стрес и трошоци, а институциите непотребно се ангажираат и сето тоа не може а да не влијае врз односите на родителите со децата. Впечатокот е дека во практика недостасува ефикасен механизам кој би го спречил и санкционирал ваквото постапување на родителите.

Исто така, проблем кој постои во практиката е времетраењето на постапката во која Центарот треба да донесе решение со кое се уредува динамиката на личните контакти на детето со родителот со кој детето не живее. Оваа постапка, начелно итна, во практика може да трае и до 3 месеци, а за нејзиното времетраење родителот кој не живее со детето често нема никаков контакт со детето, што за многу родители е неприфатливо.

Како заклучок, потенцијалното решение на проблемите што се идентификуваат во практиката треба да се бара во евентуални измени на сегашните законски решенија, вклучително и во воведување на концептот на заедничко старателство во Република Македонија, со што родителите фактички би се изедначиле во своите родителски права и должности спрема детето, а со тоа би се отстранил значаен фактор кој продуцира дел од проблемите во практичната реализација на законските решенија, како и во залагањето на сите учесници во семејно-правните постапки (вклучително институциите, советниците на родителите – адвокати, брачни советници итн.) за подигање на свеста кај родителите за најдобриот интерес на децата кој налага меѓусебно почитување на родителските права и должности на двајцата родители.

Александар Димиќ

Помлад партнер во Адвокатско друштво „Поленак“