/ Прочитано:

2.351

АНАЛИЗА: Право на пристап до адвокат во кривичната постапка во Република Македонија

Членот 12 од Уставот на Република Македонија утврдува дека лицето повикано, приведено или лишено од слобода има право на бранител во полициската и судската постапка. Правото на пристап до адвокат (бранител) во кривичната постапка е регулирано во членот 71 ЗКП, во кој се наведува дека секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него, се вели во анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на публикацијата „Правосудството и темелените права во Република Македонија“.

Секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него

„Обвинетиот, пред првото испитување или пред друго дејство за кое таа обврска е предвидена со овој закон, мора да се поучи дека има право на бранител по свој избор со кого може насамо да се советува и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување.

Во согласност со членот 78 ЗКП, бранителот е овластен во корист на обвинетиот да ги презема сите дејства што може да ги преземе обвинетиот. Правото на пристап до адвокат е утврдено и во Законот за полиција, во чијшто член 34 е наведено дека обвинетиот има право на застапување и советување од страна на бранител за време на полициската постапка.

Дополнително, членот 43 од Законот за полиција утврдува дека писмената покана со која се повикуваат граѓани заради собирање на потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи, меѓу другото, содржи поука за правото на бранител во полициската постапка, додека во член 63-е е наведено дека при спроведување на препознавање, покрај полициските службеници кои го вршат овој метод и осомничениот над кој се врши препознавањето, може да присуствува и бранителот на осомничениот.

Според членот 206 ЗКП, доколку обвинетиот нема свој адвокат или доколку не може да стапи во контакт со него, ќе му се достави листата на дежурните адвокати, изготвена од Адвокатската комора на Република Македонија.

Доколку обвинетиот прво не сакал бранител, но подоцна изрази желба да земе бранител, испитувањето ќе се прекине и повторно ќе продолжи кога обвинетиот ќе добие бранител, со кого може да се советува.

Според членот 90 од Законот за правда за децата, одбраната на детето во сите фази на судската постапка е задолжителна“, се посочува во Анализата.

Огромното мнозинство од уапсените лица немаат пристап до адвокат

Понатаму во „Правосудството и темелените права во Република Македонија“ се вели дека според Комитетот за превенција од тортура при Советот на Европа, евиденцијата за приведени лица во полициските станици кои биле посетени во 2010 година говорат за фактот дека огромното мнозинство од уапсените лица немаат пристап до адвокат.

„Комитетот како пример ја наведува полициската станица „Гази Баба“ (во која пристап до адвокат им бил овозможен на само 44 од 752 притворени лица, што е помалку од 6%). Слична била ситуацијата и со полициските станици „Бит-пазар“ и „Центар“ во Скопје.

Според полициските службеници со кои разговарале членовите на Комитетот, пристапот до адвокат вообичаено се овозможувал само кога приведеното лице можело да плати за застапувањето.

Исклучок: Полициската станица во Велес чува листа на адвокати

Како исклучок од ова правило наведена е полициската станица во Велес, која чувала листа на адвокати што застапуваат по службена должност и на кои можеле да им се јават приведените лица “, се образложува во анализата.

Судовите не проверуваат секогаш дали е обвинетото лице финансиски способно

Во рамките на проектот „Мрежа 23“, додаваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, партнерската организација Коалиција „Сите за правично судење“ вршеше мониторинг на имплементацијата на меѓународни стандарди за правично судење во Основниот суд Скопје 1.

„Од анализата произлегува дека во 42 набљудувани судски постапки обвинетото лице имало свој бранител, додека во два случаи му бил назначен бранител по службена должност.

Во четири случаи, или 7%, првообвинетиот немал бранител, но постапката се водела за кривични дела за кои одбраната не е задолжителна.

Во врска со поуката за бесплатна правна помош од бранител, во 15 случаи обвинетото лице било поучено за ова право, а во десет случаи не било поучено.

Според Коалицијата, малиот број поучени лица за ова право доведуваат до заклучок дека судовите не проверуваат секогаш дали е обвинетото лице финансиски способно да ги покрие трошоците на одбраната.

Набљудувачите нотирале дека само во 53% од постапките бранителите квалитетно биле подготвени за случајот и не оставиле впечаток дека не ги застапуваат соодветно своите клиенти“, се истакнува во „Правосудството и темелените права во Република Македонија“.

Интервјуа со 12 адвокати

 Во рамките на проектот „Мрежа 23“, партнерската организација Центар за стратегии и развој „ПАКТИС“ – Прилеп го спровела и проектот „Систем на алтернативни мерки со посебен осврт на состојбата на имплементација во Општина Прилеп“.

Од спроведените интервјуа со 12 адвокати, заклучокот е дека тие во текот на својата работа не ја користеле можноста од членот 58-б(3) ЗКП, за осудените на кои им е изречена парична казна до 90 дневни глоби или 1.800 евра во денарска противвредност или казна затвор до три месеци, да поднесат барање за замена на казната со општокорисна работа.

„На прашањето кои се причините за реткото користење бранител во полициските станици од анализата за Ефективната одбрана во кривичните постапки во Република Македонија, 48% од испитаниците одговориле дека осомничените не се коректно информирани за правото на бранител, 18% дека полицијата свесно ги одвраќа со манипулација, закани и сл., а 9% дека граѓаните не им веруваат на адвокатите.

На прашањето дали им помага полицијата или обвинителството на осомничените или на обвинетите да најдат бранител, 47% одговориле понекогаш, 29% – секогаш и 24% – често .

На прашањето дали постои дежурна шема или план за повикување адвокат во итни случаи за да се осигури правото на бранител на лицето лишено од слобода, дури и во случај кога тоа лице не може да си дозволи адвокат, 30% одговориле дека постои листа подготвена од Адвокатската комора, 23% одговориле со не, но на лицето му се дава увид во општиот регистар/именик на адвокати, 20% дека бранител ангажира семејството/ роднините на осомничениот, а 13% дека судот има листа на адвокати со кои соработува. На прашањето дали може осомничениот да се консултира со бранител пред првото испрашување, 67% одговориле секогаш, 22% – понекогаш, 6% – никогаш и 5% – често. На прашањето дали му е дозволено на бранителот да го советува лицето за време на испрашувањето, 37% одговориле секогаш, 26% – никогаш, 21% – понекогаш и 16% – често“, се образложува во анализата.

Трошоците за адвокатите се еден од трите позначајни видови на неплатени довтасани обврски

Во рамките на проектот „Мрежа 23“, партнерската организација Здружени на финансиски работници на локалните самоуправи и јавни претпријатија го спровела и проектот „Утврдување на изворите на средства за финансирање на судската власт, висината на обезбедените средства и нивното влијание врз независноста на судската власт во Република Македонија“.

„Според истражувањето, во делот на нерасчистените обврски континуирано се пренесуваат и нерасчистени обврски што се однесуваат на обврски за лекување на притворени лица и обврски за ангажирани бранители по службена должност. Овие видови расходи учествуваат со приближно од 5,46 до 34,85% во одделни судови. Од анализа на годишните сметки и годишните извештаи на судскиот буџет, Здружението констатирало дека во судовите трошоците за адвокатите се еден од трите позначајни видови на неплатени довтасани обврски (заедно со договорните и комуналните услуги). На тие три вида расходи отпаѓаат речиси 95% од вкупниот износ на довтасани, а неплатени обврски.

Според Здружението, таквата нивна големина и структура ја определува потребата за идно рационализирање на другите расходи, но и за обезбедување на дополнителни извори на средства со кои непречено би се финансирале тие трошоци. Ваквите заклучоци го доведуваат во прашање интересот на поискусните адвокати да ги понудат своите услуги, како и квалитетот на застапувањето на обвинетите лица“, се резимира во анализата за правото на пристап до адвокат во кривичната постапка во Република Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

31.7 2015