/ Прочитано:

1.680

Анализа за спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човековите права

„Досега не е поведена ниту една постапка за индивидуална одговорност на судија врз основа на членот 75 став 1 алинеја 11 или алинеите 3, 4 и 7 од Законот за судовите, а во врска со пресуда на ЕСЧП“, се вели во анализата „Спроведување на одлуките на Европскиот суд за човековите права во периодот 2013 – 2016“, во издание на Фондација „Отворено општество“ – Македонија и подготвената од страна на проф. д-р Мирјана Најчевска и Сашко Тодоровски.

На промоцијата на анализата, организирана од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, беше истакнато дека анализата, од една страна, има за цел да го заокружи прегледот на одлуките на Европскиот суд за човековите права (ЕСЧП) кои се однесуваат на Македонија (низ призмата на нивното извршување), а од друга страна има за цел да ги исцрта развојните трендови поврзани со постапувањето пред ЕСЧП (како од аспект на областите во кои иницираат постапки граѓаните на Република Македонија така и од аспект на препораките кои се дадени или пак кои произлегуваат од одлуките на ЕСЧП).

Во таа смисла, како што се истакнува во анализата на авторите Најчевска и Тодоровски, во периодот 2013 – 2016 година не се направени битни поместувања во развојот на системот на имплементација на пресудите на ЕСЧП, ниту пак е видливо променет односот кон овие пресуди од страна на судовите, Јавното обвинителство, полицијата и другите државни органи кои се дел од системот за спроведување на правото.

Во Македонија, се вели во анализата, не е изграден ефективен систем што ќе овозможи преточување на пресудите на ЕСЧП во право, односно систем што ќе обезбеди директните и индиректните препораки на Судот да бидат искористени во насока на развој на нормативата и на институциите со цел да се минимизираат можностите за исти или слични повреди на правата на луѓето.

„Соодветната примена во моментов зависи од своевидната ригидност на законските решенија и од системот од контролни механизми кои ќе вршат мониторинг и ќе ги регистрираат несоодветните практики. Телото задолжено за следење на спроведувањето на одлуките на ЕСЧП нема такви ингеренции (неговите препораки и мислења немаат никаква обврзувачка тежина), а Врховниот суд, кој легално ја поседува можноста за толкување, не ја искористува оваа можност кога станува збор за пресудите на ЕСЧП. Врховниот и Уставниот суд ретко ги користат пресудите на ЕСЧП во рамките на својата работа, а Врховниот суд не ги искористува во насока на воедначување на правото и градење на правната сигурност (освен во процедурата поврзана со времетраењето на судските постапки)“, се посочува во анализата „Спроведување на одлуките на Европскиот суд за човековите права во период 2013 – 2016“.

Дел од препораките дадени во истражувањето за имплементацијата на пресудите/одлуките на ЕСЧП за периодот 2006 – 2012 сè уште остануваат актуелни. Ова особено се однесува на препораките за формирање тело за следење на имплементацијата на пресудите на ЕСЧП кое ќе има поголема независност и самостојност во дејствувањето и транспарентност и информирање на јавноста за мерките што се преземаат во врска со имплементирањето на препораките на ЕСЧП, особено во однос на општите мерки насочени кон нормативни промени.

Во образложенијата што се даваат во врска со менувањето на одредени закони, се истакнува во анализата, пожелно е да се реферира и кон пресудите на ЕСЧП секогаш кога промената е релевантна за областа што е веќе спомената во некоја од пресудите.

Во дел од препораките на анализата „Спроведување на одлуките на Европскиот суд за човековите права во период 2013 – 2016“, се посочува дека  е неопходно воведувањето на принципот „единство на постапките“, според кој како интегрален дел на судската постапка ќе се сметаат и претходните, пред сè административната, но и евентуалната постапка за медијација и слично, како и постериорната, односно извршната постапка.

Потребно е менување на процесните закони во сферата на правилата за прибирање, испитување и прифаќање на доказите и на правилата за избор на сведоци и нивно сослушување со цел да се овозможи конзистентно постапување, минимизирање на слободното судско уверување и елиминирање на арбитражноста. Нееднаквата поставеност на страните во судските процеси (особено кога една од страните е државата), во голема мера е поврзана со отсуството на јасна процедура и прецизни параметри врз основа на кои судијата ќе дозволи, односно ќе одбие изведување на конкретни докази или ќе даде верба или нема да даде верба на конкретни докази.

„Неопходно е воведување (на подзаконско ниво) на принципот ‘нареден ден’, кој обезбедува продолжување на главната расправа во најкус можен рок, како и воведување посебни, многу ригидни рокови за случаите што ќе бидат идентификувани како посебно сензибилни за која било од страните во спорот. Во овој контекст, треба да бидат воведени и соодветни одредби со кои ќе се адресира постоењето празни периоди (периоди во кои судот не презема никакви дејствија). Преиспитувањето на системот низ призмата на постоењето на вакви периоди би било прв чекор во евентуалната законска и институционална реформа која би ги адресирала на најсоодветен начин“, се препорачува во анализата, каде што се нагласува и дека се потребни промени во законската регулатива што се применува при истрага на случаи кога е индицирана тортура, односно повреда на членот 3 од ЕСЧП.

Спроведување на одлуките на Европскиот суд за човековите права во период 2013-2016 

М.В