/ Прочитано:

3.478

Андол, Парацетамол, Линекс… – отсега ќе може да си купите и на бензинска и во трафика

Среда, 19 февруари 2014 – „Андол“, „Аналгин“, „Парацетамол“, „Линекс“, „Ефералган со витамин Ц“ за намалување на телесната температура, „Аспирин протект“ и „Кардиопирин“ против тромбоза се само дел од 108-те лековите што ќе се продаваат во супермаркети и на бензински пумпи.

Бирото за лекови и Министерството за здравство ја формира т.н. ОТЦ-листа на лекови што може да се продаваат без рецепт и надвор од аптеките. Ваквата продажба се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала што стапија во сила на 13-ти месецов.

„Овозможуваме поголема достапност на лековите во реони каде што аптеките се пооддалечени од населените места, земајќи предвид дека во речиси секое населено место има барем по еден супермаркет или бензинска пумпа“,  посочи министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој рече дека станува збор за лекови што се со најмало пакување и јачина со оглед на тоа што се наменети за употреба при појава на првични здравствени симптоми и се соодветни за самолекување, со добро познати дејства за пациентите, безбедни за употреба. Утврдената ОТЦ-листа ќе се ревидира периодично, а правните лица ќе може да ги продаваат овие лекови доколку исполнат одредени услови за тоа.