/ Прочитано:

3.907

АНДОН ДИМИТРОВ, македонски адвокат, судија и основач на Македонската револуционерна организација

Андон (Антон) Димитров, македонскиот правник со престижно правно образование, совесниот адвокат и судија, како и автор на правна литература, е еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација. Тоа е човекот кој, како што посочува историската наука, важи за правникот чија совест и познавање на правото ревносно го стави во функција на револуционерното дело, втемелено со правните акти на Организацијата како основен програмски и идеолошки ориентир на дејствување.

Учебна 1888/1889 година: Учители и ученици од Солунската гимназија. Во последниот горен ред е Андон Димитров, третиот од лево кон десно.

Од сиромашно земјоделско семејство до стипендија за Правниот факултет во Истанбул

Адвокатот Антон Филахтечев Димитров е роден во 1867 година, во сeло Ајватово, Солунско, во земјоделско и сиромашно семејство. Неговите родители се викале Димитар и Елисавета и своите деца ги прехранувале работејќи тешки земјоделски работи на земја која ја изнајмувале. Младиот Димитров, покрај тоа што помагал околу земјоделскиот живот, бил успешен ученик, а своето средношколско образование го стекнал на Солунската егзархиска гимназија.

Димитров одлично ги говорел грчкиот и турскиот јазик. Познавањето на турскиот јазик била голема предност тој да добие можност за студирање на Правниот факултет во Цариград.  Бил одличен студент и талентиран правник, но во втората година од студиите нагло му се влошува здравјето и се враќа во Македонија, разочаран што морал да го прекине образованието. Се вратил во Солун и набрзо се соочил со македонската реалност – ги видел засилените општествени неправди и разните пропаганди засновани на желбата за остварување на територијални и национални презентии кон македонското население.

Револуционерни разговори со личниот лекар, Д-р Христо Татарчев

Тоа кај него предизвикало внтрешен бунт и желба за поакативно дејствување, нешто кое го забележал лекарот кој се грижел за нарушеното здравје на Димитров, Д-р Христо Татарчев, со кого често ги разменувал своите идеи и предлози за револуционерното организирање. По подобрувањето на здравствената состојба,  кога започнува да учителствува во Солунската гимназија, тој смислено ги насочува своите активности за пропагирање на револуционерната борба и идеологија. Според кажувањата на самиот Димитров, тој настојувал да има добри односи со османлиските власти затоа што сметал дека на тој начин ќе биде поблиску до нив и со тоа ќе извлече поголема полза за своите соборци по кауза. Властите не ни претпоставувале дека во Солунската гимназија предава основачот на Македонската револуционерна организација.

Формирање на Македонската револуционерна организација – „Прв законодавен конгрес на организацијата“

Андон Димитров на 21.10.1893 се сретнал со Даме Груев и Иван Хаџи Николов. На средбата  било договорено да формира организација и два дена подоцна нивната поставен цел се реализирала – формирана е Македонската револуционерна организација. Како што е познато, на 23 октомври 1983 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се оддржал состанок на кој Антон Димитров  заедно со докторот Христо Татарчев од Ресен,  Даме Груев – професорот од Смилево,  Иван Хаџи Николов – книжарот од Солун,  Петар Поп Арсов – професорот  од  Богомила и Христо Батанџиев – професорот  од Гуменџе, Ениџе Вардарско, ја формираат Македонската револуционерна организација, настан кој Христо Татарчев го нарекува – „Прв законодавен конгрес на организацијата“, зацврстен со правните акти на Македонската револуционерна организацијата како основен програмски и идеолошки ориентир на дејствување.

Учителствување и револуционерна  мисија

Андон Димитров, сега како член на Централниот комитет и секретар на солунската црковна-училишна општина, веќе започнува активно да работи на тој план, привлекувајќи и запознавајќи ги учениците и свештенството со, како што го нарекувале македонските интелектуалци, револуционерното дело.Таквите негови активности морале да одат во насока на почесто менување на местото на дејствување и затоа Димитров често го менувал местото на живеење. По попрепорака на Организацијата станува наставник во Битола и е познат како еден од организаторите на бунтот во гимназијата за воведување на народен јазик, но тука се јавува и како еден од раководителите на Битолскиот окружен комитет. По настаните во Гимназијата, Егзархијата привремено ќе престане да работи, а учителите ќе ги суспендира.

Стекнување на  европско правно образование во Лиеж, Белгија

Непормиливата желба за образование го поттикнува Антон Димитров да го продолжи своето правничко образование и тој заминува во еден од најзначајните центри на европското образование  – градот Лиеж во Белгија, каде ќе го оформи и усоврши своето правничко образование. За време на престојот во Лиеж, Димитров добива поразителна вест – му соопштуваат дека се случила трагедија во семејството и му починало едно од децата, но тој собрал сили да го заврши образованието. По добивањето на врвно правничко образование, неговите колеги му советувале да отвори адвокатска канцеларија во Софија. Сепак, Андон сметал дека треба да се врати во Македонија кај своите – народ, сопруга, деца, пријатели, соборци.

Враќање во Македонија: Средба со Даме Груев, Адвокатура и Судство

Адвокат Андон Димитров

Кога се вратил во Македонија, прво нешто што направил е остварувањето средба со неговиот пријател Даме Груев, кој тогаш се наоѓал во затвор. Груев ја поздравил неговата одлука за враќање во родната земја со зборовите дека правник како него многу ќе им помогне на членовите на организацијата во соочувањето со правосудните власти и администрација. Така и се случило. Андон Димитров започнал со својата работа како адвокат во Битола, но благодарение на неговото престижно образование и познавањето на турскиот јазик, Димитров од страна на турската држава и султанот првично бил назначен за судија во Солунскиот суд.  Потоа, бидејќи бил родум од Солун, а согласно тогашната правосудна политика за неназначување на судии во нивните родни места, тој бил делегиран во Битола, каде веќе имал формирано револуционерна активност. Во Битола тој се ангажирал ревносно во правната и судската сфера, дејствувајќи како судија кој давал исклучителна помош  на населението.

Судија во Истанбулскиот суд , оставка и апсење

По Илинденското востание  и Младотурската револуција, а со знаење и задолженија на Организацијата, Димитров  во Прилеп бил директор и  на егзархиското училиште, место од кое започнал да се справува со врховистите. Подоцна Димитров е назначен за судија во Истанбул и на таа должност останува до крајот на Првата балканска војна, вршејќи притоа и разузнувачки активности во корист на Организацијата. Во 1913 година ја напуштил судиската функција и сакал со семејството да се врати во Македонија. Следуваат бурни денови за него и неговото семејство. Уапсен е во два наврати, еднаш од грчките, а потоа од српските окупациони власти во Битола. Заканите не престанувале.

Разочараност, болест и самоубиство

Согледувајќи ја можноста да биде ликвидиран, одлучува да емигрира во Софија каде продолжува со активност во Сојузот на македонските културно-просветни друштва, а работел и во министерство за правосудство. Во 1920 година бил избран за претседател на Извршниот комитет на македонските друштва во Бугарија, но набрзо се повлекол од секаква активност, разочаран од бројните македонски и организациски поделби, а и заради нарушеноста на своето здравје. Страдајќи од тешко заболување, Андон Димитров посегнува по својот живот на 13 март 1933 година и со тоа згаснува животот на еден од освоположниците на Македонската револуционерна организација, и воопшто на еден од позначајните личности во македонската историја и историјата на правото.

Неговото име останува во колективната историска меморија на Македонија како името на еден од синонимите на македонското право, адвокатура, судство и авторство на книги од областа на законодавството, и секако, како  името на адвокат- револуционер кој сето свое правничко знаење и  идеологија ја вложи во револуционерниот пат и втемелувањето на македонската државност.

М.В/veljanoskim@akademik.mk

23 октомври, 2014