/ Прочитано:

3.564

Анета Арнаудовска ќе добие одликување Витез од државниот ред за заслуги на Република Франција

Директорката на Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ќе добие одликување Витез од државниот ред за заслуги на Република Франција, кое го доделува претседателот на Република Франција. Од Амбасадата на Република Франција велат дека одликувањето ќе ѝ биде доделено на Арнаудовска на свечен настан организиран од нивна страна.

Одликувањето за Анета Арнаудовска беше најавено од страна на претставниците на Амбасадата на Република Франција и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние, кои присуствуваа и говореа на денешната презентација на кандидатката на Државната правосудна академија од Република Франција Емили Петровски.

„Одликувањето на Арнаудовска претставува признание за нејзините заслуги за македонското правосудство, особено во делот на значајната десетгодишна соработка помеѓу македонската и француската академија за судии и јавни обвинители, преку која се изразува и соработката помеѓу Република Македонија и Република Франција. Исто така, одликувањето е признание за значајниот придонес на Академијата во развојот на  македонското судство, но и потврда за зацртаните цели и реформи како стремеж кон градењето на ефикасно и модерно судство“, беше истакнато на денешниот настан.

Искажувајќи огромна благодарност до Амбасадата на Република Франција и до Република Франција, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители вели дека  одликувањето е резултат на успешната соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители, посебно во делот на едукацијата и реализацијата на стажот на кандидатите на Државната правосудна академија од Република Франција, но и за сите активности кои произлегуваат од соработката помеѓу Амбасадата на Р Франција и Академијата.

Презентација на кандидатката од француската правосудна академија Емили Петровски за нејзиниот стаж во правосудните институции во РМ

M.В